Докторот Николиќ, кој почна да „оперира“ во бизнисот преку некогашни фирми на Камчеви, ќе гради десеткатница кај Судска палата!

Како соседниот руиниран објект премина во сопственост на обвинета, па ослободена компанија за наместен тендер?

by vlatko 13:00
13:00

Текстот е објавен на 10 септември 2026 година во неделникот Фокус со број 1.614.

Запуштениот тревник веднаш до малата бензинска пумпа „Макпетрол“ близу МРТВ, кој долго време функционираше како див паркинг, неодамна беше заграден, а багери, камиони и друга механизација внатре почнаа да копаат јама и да изнесуваат земја. Проверките што ги извршивме во надлежните институции покажуваат дека ова земјиште е во сопственост на „Омега Билдинг“, чиј моментален сопственик е друга компанија – „Делта 2015 Констракшн“ на познатиот кардиохирург од „Аџибадем Систина“, Александар Николиќ, кој впрочем двете компании во изминатиот период ги презеде од „Бетон Штип“ и „Орка Холдинг“ на Камчеви – малцински акционери во „Систина“. Во меѓувреме, на локацијата беше поставена табла, која откри дека градежната дозвола станала правосилна пред 2 месеци, како и дека, покрај сопственикот на земјиштето, како (ко)инвеститор се јавува уште една компанија. Инаку, оваа локација е залепена со соседниот руиниран објект, кој, заедно со најголем дел од околното земјиште, е во сопственост на уште една добропозната компанија за јавноста. Станува збор за „Вато“, која беше обвинета за наместен тендер во РЕК Битола, меѓутоа судскиот процес заврши со затворска казна за Сеад Кочан, чија „Трансмет“ пропадна“, додека Сафет Ватиќ беше ослободен, а неговата „Вато“ продолжи да работи на пазарот, па дури и продуктивно да соработува со јавни органи. Документацијата што ја обезбеди „Фокус“ открива како двете компании го стекнале ова атрактивно земјиште меѓу „Макпетрол“ и мостот „Беласица“, односно меѓу булеварот Гоце Делчев и кејот на Вардар, каде што ДУП-от „Судска палата“ предвидува 2 градежни парцели, односно изградба на 2 објекти со максимум 40 метри висина, со приземје и 10 ката, чија намена е Б4 – деловни простории.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Од година во година, остануваат сè помалку, условно кажано, слободни територии или зони во Скопје. Имено, целокупната јавност веќе е сведок дека т.н. бетонизација на метрополата бесмилосно се шири дури и во скопските шуми, заканувајќи се да се проголта десетици илјади квадрати зелена површина на Водно, за да се изградат нови  објекти.

Токму тоа ќе се случи во буквална смисла на зборот доколку помине првично предложениот Нацрт-детален урбанистички план „Барутана“, кој моментално е во фаза на јавна анкета. Како што пишувавме во неколку наврати, овој план предвидува изградба на „хациенди“ или мини-згради со по 4 станови во ерозивно подрачје на Водно, што би значело сеча на 9.000 квадратни метри шума.

Арно ама, ако сè уште постои можност дека тоа на крајот нема да се случи, бидејќи овој урбанистички план е во постапка на носење, тогаш за други атрактивни локации во главниот град веќе има важечки ДУП-ови, чие спроведување практично значат градење. Само од една кратка обиколка може со голо око да се забележи силна градежна офанзива на повеќе места во централното градско подрачје, каде што постојано никнуваат нови згради.

Во таа насока, вреди да се истакне дека нови објекти, пред се станбени згради, може да се забележат на место на старите куќи во Маџир Маало, Ново Маало, Крњево, каде на големо се спроведуваат неодамна донесените урбанистички планови. Сепак, во рамки на оваа сторија ќе се посветиме на судбината на локацијата што е опфатена со Деталниот урбанистички план „Судска палата 1.“

Инаку, станува збор за делот меѓу МРТВ и мостот „Беласица“, каде што постои стар руиниран објект, кој многу години претставува грда слика на градот, а веднаш до него има и запуштен тревник во правец на малата бензинска пумпа „Макпетрол“, што главно служеше како неформален паркинг. Според податоците што ги обезбеди „Фокус“, ова земјиште е во сопственост на 2 приватни компании, кои имаат право да градат големи деловни објекти. Што открива документацијата до која дојдовме?

ОБВИНЕТА, ПА ОСЛОБОДЕНА КОМПАНИЈА

Проверките во Катастарот на недвижности покажуваат дека овој простор е претставен преку неколку катастарски парцели во рамки на катастарската општина Центар 1. Дел од нив го опфаќаат делот каде што постои еден поголем речиси целосно пропаднат објект што се гледа и од мостот „Беласица“ и од булеварот Гоце Делчев, плус неколку помали објекти, додека другите го опфаќаат тревникот или паркингот, кој, според увидот што го направивме, веќе е заграден и внатре работи механизација.

Така, големиот руиниран и запуштен објект со габаритна површина од 639 квадратни метри е опфатен со КП 12855/2, додека околното градежно земјиште од 2.161 квадрат, сосе најголем дел од другите полупропаднати објекти со вкупна површина од околу 750 квадрати, се опфатени со соседната КП 12856/1. Притоа, дел од помалите објекти влегуваат во КП 12856/2, но тие, исто како и соседните 12857/2, 12856/3 и други парцели не се во приватна сопственост, туку се во сопственост на државата.

Што се однесува до првите 2 парцели (КП 12855/2 и КП 12856/1) со вкупна површина од околу 2.800 квадрати, каде што има постоечки објекти, се во сопственост на Друштвото за транспорт, градежништво и трговија „Вато“ од Батинци, Студеничани. Се работи за компанија, која влезе во фокусот на јавноста откако беше обвинета заедно со „Трансмет“ и „Силекс“ во рамки на предметот „Труст“, што се однесуваше за злоупотреби при тендер за ископ во РЕК Битола тежок над 17 милиони евра.

Колку за потсетување, Обвинителството ги товареше трите компании и нивните одговорни лица дека во тендерската постапка, каде беше склучен договор за јавна набавка во 2011 година со тогашен АД ЕЛЕМ, денешен ЕСМ, доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување иако ја немале, односно механизацијата со која располагале била со помал капацитет. Практично, тие беа обвинети дека со фалсификувани документи наместиле милионски тендер.

Меѓутоа, кривичниот суд донесе одлука со која за злоупотреба на постапка за јавна набавка ги осуди Сеад Кочан од „Трансмет“ на 6 години и  Василије Авировиќ од „Силекс“ на 3 години затвор, а за третообвинетиот Сафет Ватиќ од „Вато“ донесе ослободителна пресуда. Подоцна, апелација му ја намали казната на Кочан на под 5 години, на Авировиќ му ја замени со условна казна од 2 години откако неговата мајка Владанка Авировиќ гласаше за Преспанскиот договор, а за Ватиќ ја потврди ослободителната пресуда, со образложение дека немало основ за кривична одговорност.

„СО НОВАТА ВЛАСТ, ПРАВДАТА Е ДОСТИЖНА“

За поширок контекст во врска со „Труст“, вреди да споменат и разговорите што ги објавуваше Зоран Заев меѓу Никола Груевски како премиер и Влатко Чингоски како директор на ЕЛЕМ/ЕСМ. Говорејќи за тендер за ископ во РЕК Битола, Груевски му вели на Чингоски дека се сретнал и со тој што има Сеад Ибица, што претставува очигледна шифра или алузија за Сеад Кочан. Дополнително, Груевски му укажува на Чингоски да ја организира работата на начин што сите би биле задоволни, а тој, меѓу другото, возвраќа дека мора да се направи конзорциум.

Случајно или не, конзорциум од 3 компании го доби овој тендер за кој имаше судски процес и осудителни пресуди, кои фактички дојдоа по промена на власта во 2017 година. Меѓутоа, мора да се потенцира дека тогаш се смени само дел од власта, односно СДСМ по една деценија го турна од власт ВМРО-ДПМНЕ, но оваа партија формираше влада со дотогаш владејачката ДУИ. По епилогот од предметот „Труст“, од семејството на обвинетиот па ослободен Ватиќ порачаа дека со новата власт правдата била достижна.

-Правдата дојде во Македонија. Конкретно за нас, правдата е достигната. Конечно гледаме дека со новата власт и ваквите судења правдата е достижна за секого кој е праведен – рече Мујо Ватиќ, брат на ослободениот Сафет Ватиќ, откако нивниот адвокат изрази респект кон судот. Како што е познато, подоцна „Трансмет“ на Кочан пропадна, а нивниот имот беше конфискуван. Во меѓувреме, пак, „Вато“ продолжи успешно да функционира на пазарот, па дури и плодно да соработува со низа државни и општински органи, склучувајќи вредни договори за јавна набавка.

Според Бирото за јавни набавки, „Вато“ во последните неколку години соработувал со повеќе општини, така што само со Град Скопје склучил неколку високи договори за реконструкција на „Борис Трајковски“, „Димо Хаџи Димов“ и „Александар Македонски“ во износ од над 250 милиони денари. Понатаму, компанијата склучила договори со Општина Студеничани за реконструкција на локални патишта од над 100 милиони денари, со Кисела Вода за линиски објект од околу 32 милиони денари, со Петровец за локални улици од 23 милиони денари, со ЈПДП за потпорни ѕидови од 21 милиони денари итн. итн.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека оваа компанија е основана во 2001 година, а моментално како сопственици фигурираат Сафет Ватиќ и Алдин Ватиќ, со тоа што двајцата се јавуваат како соуправители заедно со Мујо Ватиќ. Згора на тоа, Мујо Ватиќ го поседува друштвото „Мис Вато“, кое има концесија за експлоатација на варовник на локалитетот Јаболци-Говрлево, каде, според достапните информации, има каменолом и асфалтна база. Финансиските извештаи, пак, говорат дека „Вато“ во последните 3 години остварува приходи од околу 300 милиони денари секоја година и добивки меѓу 18 и 33 милиони денари.

КУПОПРОДАЖБА, ЛЕГАЛИЗАЦИЈА, ПРИВАТИЗАЦИЈА

Како оваа компанија го стекнала земјиштето под и околу руинираните објекти, како и самите објекти во непосредна близина на мостот „Беласица“ и кејот на реката Вардар, открива историјатот на движење на сопственоста што го побаравме и добивме од Катастарот на недвижности. Од овој документ произлегува дека најголем дел од имотот бил во сопственост на физичко лице сè до 1955 година, кога тогашна федеративна Југославија врши експропријација за потребите на Министерството за индустрија и рударство. Во тоа време, на ова место почнало да функционира Индустриско училиште.

Всушност, следните крупни промени се случуваат по осамостојувањето на Македонија, кога се издвојуваат повеќе денешни парцели од стари парцели со поинакви параметри. Во 2011 година, земјиштето под денешниот запуштен објект се евидентира во сопственост на државата, а неколку години подоцна Министерството за индустрија и рударство го губи корисничкото право. Во 2015 година, пак, врз основа на делумно решение за приватизација од Министерството за финансии-Управа за имотно правни работи, сопственик на земјиштето под објектот станува „Вато“.

Претходно, во текот на истата 2015 година и во изминатата 2014 година, оваа компанија стекнува различни делови од пропаднатиот објект по пат на договори за купопродажба со физички и правни лица, меѓу кои е и „Жито Лукс“, врз основа на што потоа се спроведува приватизација на земјиште под главниот објект. Во врска со земјиштето зад објектот, кон Вардар, „Вато“ се јавува како негов сопственик дури во 2021 година, врз основа на решение за приватизација од 2020 година. Дотогаш, земјиштето е државно, но паралелно се спроведуваат постапки за легализација на бесправни објекти, така што „Вато“ стекнал сопственост врз објекти на оваа парцела во 2019 година.

Наспроти тоа, помалата катастарска парцела и дел од објектите најблизу до Вардар се државни, но, според катастарските документи со кои располагаме, прибелешка со барање за приватизација последно е впишана на име на „Интер Хем“. Воедно, „Интер Хем“ во 2021 година била запишана и во т.н. Лист за времени објекти за дел од објектите во оваа парцела. Во 2010 година, таа стекнала сопственост и врз основа на записник на скопскиот граѓански суд со својство на судско порамнување и потврдување за регулирање на данок.

Оттука произлегува дека „Вато“ во периодот 2014-2021 година прво стекнува сопственост врз најголем дел од објектите по основ на купопродажба или по пат на легализација, а во меѓувреме спроведува и постапки за приватизација на земјиштето под и околу објектите, така што денес поседува најголем дел од земјиштето што влегува во една градежна парцела, додека помал дел е државно, со активна постапка на приватизација на трета компанија. За разлика од земјиштето кон Вардар, кај државното земјиште од другата страна, кон булевар Гоце Делчев, има чиста ситуација, без прибелешки.

ДОКТОРОТ ШТО „ОПЕРИРА“ И  ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО

Веднаш до распаднатите објекти што ги поседува „Вато“, како што веќе наведовме, имаше тревник кој функционираше како див паркинг. Впрочем, така беше се до пред извесно време, кога овој простор беше ограден, додека од увидот на лице место посведочивме дека во него веќе се вршат одредени градежни работи. Конкретно, багер врши ископ, а ископана земја ја изнесуваат камиони.

Ако се провери во Катастарот на недвижности, тогаш произлегува дека овој простор е опфатен со катастарските парцели 12852/2, 12854/3 и 12853/3, сите во КО Центар 1. Како сопственик на овие парцели, чија вкупна површина изнесува 5.379 квадрати (3.720+1.241+418), се јавува Друштвото за градежништво, инженеринг, трговија и услуги „Омега Билдинг“. Која е ова компанија и кој стои зад неа?

Според Централниот регистар, таа е основана во 2010 година, а денес нејзин единствен сопственик е друга фирма. Тоа е „Делта 2015 Констракшн“ на Александар Николиќ, кој воедно е управител на двете поврзани правни лица. Тој е познат кардиохирург што работи во приватната болница „Аџибадем Систина“, чиј мнозински сопственик е турски „Аџибадем“, но малцински пакет има „Орка“ на семејството на бизнисменот Орце Камчев, кој беше осуден во предметот „Империја“. Потоа, тој се најде и на „црна листа“ на САД поради вмешаност во „интензивна корупција, перење пари и поткопување на демократските институции“.

Освен „Систина“, каде што Николиќ е вработен, а Камчев е косопственик, нив двајца ги поврзуваат и двете погореспоменати компании со грчки букви во називите – „Делта 2015 Констракшн“ и „Омега Билдинг“, со тоа што првата ја поседува втората фирма, а втората го поседува плацот кај МРТВ. Пред Николиќ да стане единствен формален газда на двете компании, тие биле дел од семејната бизнис-мрежа на Камчеви. Што велат официјалните документи?

Прво, промена на сопственичката структура има во „Делта 2015 Констракшн“, со оглед дека Николиќ ја купил оваа фирма од „Орка“ кон крајот на 2023 година, набргу откако „Орка“ и Камчеви осамнаа на „црна листа“. Патем речено, „Делта 2015“ го поседува земјиштето во Карпош, близу Воена болница, врз основа на што се јавува како коинвеститор при тековната изградба на „Рубик Тауер“. Неодамна, Николиќ јавно изјави дека се откажал од проектот и земјиштето било во фаза на продажба на странци, меѓутоа во тековната состојба на компанијата се уште фигурира како единствен сопственик.

ПРЕЗЕМАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО ПРЕКУ ФИРМАТА

Откога Николиќ ја презема „Делта 2015 “ од „Орка“, тој преку оваа компанија влегува и во „Омега Билдинг“, која прво го носела називот „Туш Недвижности“. Историјатот на промени покажува дека оваа фирма на почеток била во сопственост на истоимената словенечка компанија поврзана со „Енгротуш“ на Мирко Туш, кој во 2007 година преку „Туш Трејд“ влезе на македонскиот пазар со цел да отвори ланец од 20 супермаркети (ако „Туш Трејд“ беше фирма за оперирање со маркетите, целта на сестринската „Туш Недвижности“ беше да купува локации). Иако отвори 3 супермакети во Штип, Куманово и Велес, сепак, за кратко време словенечката фирма се повлече од земјава.

Како таа го стекнала предметното земјиште? Уверението за историски преглед за извршени запишувања со кое располагаме покажува дека овој имот прво бил на југословенското министерство и секретаријат за одбрана, а потоа се евидентира како парк во сопственост на МРТВ. Откако во 2006 година со одлука на Влада станува државно, земјиштето истата година преминува во сопственост на „Туш Македонија“ преку договор за оттуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба. Во 2010 година, пак, земјиштето преминува во сопственост на „Туш Недвижности“, која подоцна добива нов домашен сопственик, кој автоматски станува сопственик и на недвижниот имот.

Уште неколку години пред словенечката фирма официјално да замине од Македонија во 2015 година, тие кренале раце и од имотот кај МРТВ и Судска палата на „Туш Недвижности“, која во 2011 година преминува во сопственост не штипската „Еземит“ на Зоранчо Митровски, исто така обвинет и осуден во „Империја“. Нему кривичниот суд му изрече условна казна затвор од 2 години откако тој призна вината за злоупотреба на службената положба и перење пари, со тоа што во државниот буџет мораше да плати 1,5 милиони евра.

Во следните години, во сопственичката структура на „Туш Недвижности“/„Омега Билдинг“ се менуваа „Искра ММ“, „Софија Градба“, „Ексико“, а во 2013 година единствен сопственик станува „Бетон Штип“, каде акционери беа Камчеви, Панделески, Мијалкови. Но, кога штипски „Бетон“ падна во стечај во 2019 година, резултатот беше формирање на нов субјект со сличен назив во 2020 година во сопственост на Камчеви, Панделески и Сергеј Самсоненко. Но, подоцна дојде до промени во ова друштво, така што единствен газда на новоформираната „Бетон Штип“ остана „Орка“ на Камчеви.

Да се вратиме на „Омега Билдинг“… Откако „Бетон Штип“ стана нејзин единствен сопственик во 2013 година, првиот предизвик за компанијата доаѓа во 2018 година, кога извршител врши заплена на уделот на „Бетон Штип“ во „Омега Билдинг“. Заедно со штипски „Бетон“, стечај беше отворен и за „Омега“, така што цел процес завршува во 2020 година со враќање на реорганизираниот „Бетон Штип“ како единствен сопственик на „Омега Билдинг“. Кон крајот на 2024 година, доаѓа до последната значајна промена, така што нов сопственик на „Омега“ на местото на „Бетон“ станува „Делта 2015 “, која една година претходно веќе преминува од „Орка“ кон Николиќ.

МАРКИЧКИ ЗА ДЕЛОВНИ ОБЈЕКТИ ОД 10 КАТА

Она што е интересно, историјатот открива дека по промената на сопственичката структура на „Омега Билдинг“, како подносител на барање за промени оваа 2026 година се јавува и Горан Манов, чие име се провлекува како еден од сопствениците на компанијата што го поседува(ше) веќе ребрендираниот хотел „Ибис“, кој, како што пишувавме, неодамна формално премина од „Орка“ кон странска компанија. Едно време, Манов се јавувал како управител и сопственик на „Архи“ или „Панорама Резиденс“, поради што и овде се наметнува истата дилема како со „Ибис“ – дали промената на сопственоста е реална или фиктивна?

Како и да е, „Омега Билдинг“ во формална сопственост на Николиќ, како и обвинетата па ослободена „Вато“ на семејството Ватиќ, поседуваат атрактивни парцела една до друга во безмалку строгиот центар на Скопје. Уште пред неколку недели, официјално се обративме до овие компании, но не добивме одговори на нашите прашања дали поднеле барање за одобрение за градба на објекти на овие локации според Деталниот урбанистички план? Ако досега не поднеле барање, прашавме и кога планираат тоа да го сторат, каков друг недвижен имот поседуваат итн.?

Покрај тоа, се обративме и до Општина Центар, но до затворањето на овој број и од таму не добивме одговор што предвидува урбанистичкиот план на оваа површина – каков вид на објект објекти се планирани и со каков габарит и површина, како и дали сопствениците на имотот досега поднеле барање за одобрение за градење? Во однос на нашето потсетување, бевме известени дека надлежните ќе ги преземат прашањата, но се остана на тоа. Арно ама, проверките што ги извршивме ни ги понудија дел од одговорите.

На сајтот на општината се објавени важечките урбанистички планови, меѓу кои е и Деталниот урбанистички план Градска четврт ЦС 08 – Судска палата 1, изготвен во 2011 година. Во овој план, веднаш до „Макпетрол“ вцртани се 2 маркички со намена Б4, со што се означуваат деловни простории или деловни и комерцијални дејности во големи канцелариски згради, со следниве компатибилни намени: мали комерцијални и деловни единици, големи трговски и угостителски единици, државни институции, спорт и рекреација… Според планот, и двете градежни парцели 2.3 и 2.4 се Н-40 метри (П+10), што значи дека објектите може да бидат максимално високи 40 метри и да бидат со приземје плус 10 ката.

Ако се изврши подетален увид во планот, донесен истата 2011 година кога дотогаш словенечката „Туш Недвижности“/денешна „Омега Билдинг“ добива домашен газда (неколку години подоцна „Вато“ почнува да го стекнува соседниот имот со градежна маркичка), може уште да се види дека двете градежни парцели се меѓусебно одвоени со новопланирана улица 1, додека ГП 2.3 на „Омега Билдинг“ на едниот раб е пресечена со тенки сини линии, кои значат дека во тој правец минува водоводна мрежа, т.е. цефка Ф 600. Доколку оваа водоводна линија и новата улица влегуваат во парцелите во сопственост на двете компании, тогаш треба да се изврши експропријација. Во секој случај, градежни работи на терен веќе почнаа.

 

Идеен и урбанистички проект на „Омега Билдинг“
СЛОБОДНО-СТОЕЧКИ ОБЈЕКТ СО МАКСИМАЛНО ДОЗВОЛЕНА ВИСИНА ОД 40 МЕТРИ!

На официјалната интернет-страница на Општина Центар пронајдовме и т.н. Урбанистички проект за парцелирано градежно земјиште, со цел разработка на градежна парцела 2.3 од „ДУП Судска палата“, што, всушност, претставува локацијата во сопственост на „Омега Билдинг“, фирма-ќерка на „Делта 2015 Констракшн“ на докторот Александар Николиќ.

Меѓу другото, во овој документ изработен ланската 2025 година од страна на „Иванов Инженеринг“ по нарачка на „Омега Билдинг“, се наведува дека урбанистичкиот проект е планско-проектна документација што претставува разработка на урбанистичкиот план, т.е. целта е да се дефинираат урбанистичко-архитектонски параметри за планираните градби според прифатениот идеен проект.

Докторот Николиќ ќе ја гради 10-катницата близу МРТВ со коинвеститор од Охрид, одобрението станало правосилно пред 2 месеци!

Притоа, се наведува дека површината на проектниот опфат е 3.330 квадратни метри, но предвидена површина за градба е 2.163 квадрати, со тоа што идејниот проект изработен од „Али Хиса“ предвидува дека на предметната локација треба да се изгради објект со висина од 40 метри со 10 ката и приземје, односно согласно максимално дозволените параметри во урбанистичкиот план.

„Градбата се планира како слободно-стоечки објект, со внатрешна организација на просторот… Пристапот до градбата да се планира од новопланираната улица 1“, стои во документот, каде се додава дека се планираат 345 паркинг-места на 4 подземни нивоа, како и 230 квадрати двор, т.е. зеленило.

(ВИДЕО+ГАЛЕРИЈА) Багерот „заигра“ на парцела кај МРТВ со маркичка за 10-катница – земјиштето го поседува фирма на докторот Николиќ!

 

Слични вести