(АРХИВА) Ковид-центрите во страшни долгови за кислород и за лекови

by Fokus

Текстот е објавен на 9 септември, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1353

Повеќе од 90 проценти од пациентите заразени од ковид 19, кои беа болнички третирани, биле ставени на кислородна поддршка. Градската болница „8 Септември“, за време на ковид-пандемијата, потрошила 400 тони кислород на годишно ниво, за што претходно трошеле само по 80 тони. Додека, пак, штипската Клиничка болница за еден литар кислород во боца плаќа и по 170 денари, што значи кога трошеле дневно по еден тон, таа сума достигнувала и до 3.000 евра

Пишувала: Ирена МУЛАЧКА

Повеќе од година и пол како ковид 19 го тресе светот, а во Македонија во моментов букна четвртиот бран и експресно се наполнија болниците со пациенти, а алармантниот број на починати од ова заразно заболување секојдневно ги полни црните билтени.

Таман во јуни бројките се намалија на по неколку заразени пациенти на дневно ниво, во август таа бројка достигна и до 1.300 и околу 15.000 активни случаи, со што го означи новиот „разорен“ бран.

Тоа што е најстрашно во моментов е што во целата ковид-приказна не се поштедени ниту младите, ниту, пак, децата. Па, така во дневните извештаи на Министерството за здравство редовно можат да се најдат и починати од 15 до 35 години, што значи дека вирусот не избира млад или стар.

Колку и да се алармантни бројките, сепак, вината не е само во граѓаните, кои редовно се на удар дека не внимаваат, не носат маски и премногу опуштено се однесуваат за време на целата ковид-пандемија. Не дека тоа не е точно, но, сепак, најголемата вина оди на сметка на надлежните институции, со оглед на тоа што оваа пандемија го покажа грдото лице на македонското здравство и на површина ги извади сите проблеми со кои се соочуваат лекарите и пациентите секојдневно.

Целиот свет за првпат слушна за опасниот вирус корона, но за првпат слушнаа и за изразите сатурација, сипа, кислородна поддршка… медицински поими, кои никому порано не му биле важни, а од кои сега зависи еден човечки живот.

За година и пол, колку што веќе трае корона кризата, речиси сите станаа „експерти“ за лекување на овој страшен вирус. Но, никој не стана експерт за да го излекува со години болното јавно здравство, кое дополнително ја влошува и така лошата состојба.

За време на целата пандемија, доста проблеми со кои биле соочени директорите, лекарите и медицинскиот персонал, пациентите биле ставани „под тепих“ со цел да не се „крева“ паника. Па, редно време е податоците чувани под називот „строго доверливо“ да излезат на површина!

КОЛКУ КИСЛОРОД И ПАРИ СЕ ТРОШАТ ВО КОВИД ПАНДЕМИЈА?

Повеќе од 90 проценти од пациентите што биле хоспитализирани за време на ковид-пандемијата биле ставени на кислородна поддршка, во зависност од тоа колкава им е сатурацијата и колку имаат потреба од кислород. Тоа обично се движи од два до 30 литри максимум по пациент, а состојбата од ден во ден се менува од тоа како се подобрува или влошува состојбата на заболениот. За првпат во историјата на државата, рекордна бројка на пациенти се ставени на кислород, од кои доста и починаа.

„Фокус“ поразговара со неколку од директорите и вработените на дел од болниците, кои во детали ни објаснија како тие се соочиле со предизвиците што им ги наметна заразното заболување и што всушност се крие зад ѕидовите на секоја болница?

Според нашите информации, кислородот потребен за пациентите што се заразени од корона вирусот и се во тешка здравствена состојба се набавува од три компании во Македонија, а секоја јавна здравствена установа преку тендер набавува кислород во зависност од потребите.

Повеќето од болниците имаат централен довод, што значи добиваат течен кислород, кој чинел и по 60 денари литар, а сега пред четири месеци неговата цена нагло опаднала, па се движи околу 10 денари, затоа што одат на аукција. Додека, пак дел од болниците се уште набавуваат кислород во боци, кој е поскап и чини околу 170 денари за литар.

Факт е дека во ваква вонредна состојба, количествата кислород се зголемени, па така само во Градската болница „8 Септември“ пред ковид-пандемијата на годишно ниво се трошеле околу 80 тони кислород, додека сега за оваа година се потрошени околу 400 тони. За време на неколкуте страшни бранови, се случувало на дневно ниво да се потрошат од два до 2,5 тони кислород. Тие централно набавуваат течен кислород.

Нема споредба во бројките за потрошувачката на кислород пред пандемијата и сега. За целиот овој период, кај нас беа хоспитализирани околу 4.000 пациенти заразени од корона, од кои дури 90 отсто беа ставени на кислородна поддршка. Секој пациент пред да биде ставен на кислород му се прават гасни анализи за да се направи проценка и тоа преку оксигемометри и се одлучува колкава потреба од кислород има. Кај некои пациенти се трошат по 2 литри, но кај некои и по 30 литри, сѐ во зависност од потребите – објаснува доктор Кристијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“.

Тоа значи дека во периодот кога болницата била преполна со пациенти, а цената на кислородот изнесувала 60 денари, можело во одредени денови да се потрошат од 1.000 до 2.000 евра. И тоа само во еден ден. Можеме само да претпоставиме за какви суми на пари станува збор, бидејќи не можат да се добијат официјални бројки, со оглед на тоа што станува збор за многу долг временски период, многу болници и уште повеќе пациенти.

Но, дали болниците располагаат со тие пари?

Таков е случајот и со штипската Клиничка болница, каде што досега имало околу 2.000 болнички пациенти, од кои повеќе од 60 проценти биле ставени на кислородна поддршка. И таму се случувало за време на најстрашните бранови, кога болницата била преполна со пациенти да се трошат од 500 литри до 1,2 тона кислород за само еден ден.

Во една боца има 15 литри компримиран кислород, а само еден литар чини 170 денари. Според нашите пресметки, тоа значи само во еден ден можат да бидат потрошени околу 3.000 евра за набавка на кислород, што е страшно, со оглед на буџетите со кои располагаат болниците во државата.

Ние, кислородот го набавуваме од три фирми на тендер. Досега, најчесто одеа во боци, а сега веќе во некои делови на болницата е направен и централен довод, па можеме да го користиме и течниот кислород. Кај секој пациент, нормалната сатурација треба да се движи од 90 до 95, а штом почнува да опаѓа, веднаш се става на кислородна поддршка, во зависност од тоа колку има потреба. Ако пациент дојде до сатурација од 40, тогаш повеќето трагично завршуваат – тврди во изјава за „Фокус“, директорот на болницата, доктор Ален Ѓорѓиев.

ОПОМЕНИ ЗА ТУЖБИ И ИЗВРШУВАЊЕ

Од тука на површина почнуваат да излегуваат и реалните проблеми со кои се соочуваат македонските болници. Тие располагаат со одредена сума на буџети, кои ги добиваат од Фондот за здравство. На пример, Клиничката болница во Штип има буџет од околу 8 милиони евра на годишно ниво за сите потребни набавки на лекови, кислород, лабораториски испитувања…

Но, како што може да се забележи, без разлика на буџетите со кои располагаат, трошоците на болниците за време на пандемијата енормно се зголемени, а долговите почнуваат да се таложат.

Нашите извори тврдат дека болницата во Штип, само за набавката на кислород, должи околу 195.000 евра кон набавувачите, а тука се лековите и лабораториските испитувања, што значи за оваа година и пол, нивниот долг само за потребите на ковид-центарот достигнале сума од 487.000 евра.

Само една третина од долговите на болницата одат за набавка на потребите за корона вирусот. Од Фондот добивме некоја трошка, но тоа не е ништо во однос на тоа колку пари ни се потребни за да функционираме нормално. Ако, на пример, ти си планирал трошоци за една година, сега сето тоа се троши за само два месеца – велат дел од вработените во болницата, кои сакаа да останат анонимни.

Според нашите информации, дел од болниците веќе се соочуваат со огромни долгови кон набавувачите само за потребите на ковид центрите, без да набават сѐ друго што ѝ е неопходно на една болница нормално да функционира. Дел од нив веќе добиле опомени пред тужби и дошле до извршители.

Ако почнат набавувачите да нѐ блокираат, тогаш е крај. Како ќе работат ковид центрите. Болниците ќе колабираат скроз и никој од здравствените власти за тоа не се потресува. Како ние можеме нормално да функционираме кога работиме во ненормално време. Фондот треба да помогне со повеќе пари за да можеме да ги извршуваме нашите работи. Вака се прави штета и на лекарите и на пациентите, а тоа не ги интересира набавувачите, кои нормално си ги бараат парите за тоа што те снабдиле – тврдат нашите извори.

Иако, поразговаравме со неколку од директорите на јавните здравствени установи, сепак, никој од нив не сакаше јавно да каже со колкави долгови се соочуваат.

Според досегашната практика, па и за време на целата пандемија, актуелниот министер за здравство Венко Филипче во неколку наврати им забранил на првите луѓе на болниците да споделуваат во јавност со какви проблеми се соочуваат внатре во установите со кои раководат. Такви примери досега имаше неколку, кога одредени директори ќе дадеа изјави, па подоцна под притисок експресно ги повлекуваа.

Првиот човек во здравството цело време на своите прес-конференции тврди дека во ваква корона криза не треба да се крева паника, туку сите треба заеднички да се „борат“ против опасниот вирус, што во превод би требало да значи дека никој не треба да ја критикува работата на актуелните здравствени власти.

ШТО ЗНАЧИ КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА?

 За време на пандемијата, изразот „кислородна поддршка“ се слуша насекаде, па редно време е да објасниме што значи тоа и колку им е потребен на пациентите заразени од ковид 19?

Тоа што е многу важно е дека корона вирусот најмногу удира на респираторните органи. Со кислородната поддршка треба да се одржи кислородот во крвта во нормални граници.

Според анестезиолозите, на кислород се ставаат пациентите со потешка клиничка слика, кои имаат ниска сатурација, тешка бронхопневмонија, потреба за воздух…

Еден од главните симптоми што може да се влошат во текот на болеста е намалената кислородна размена низ воспалените бели дробови поради промените што вирусот ги прави на ниво на алвеолокапиларната мембрана во белите дробови. Сето тоа води кон масивно оштетување на алвеолите, намалена концентрација на кислород во крвта (хипоксемија) и можност да се испорача кон ткивата, со страдање на организмот.

Ваквите промени прогресираат кон пневмонија, која ја гледаме преку мониторирање на кислородната сатурација, т.е. заситеност. Кога таа ќе падне под 92-94 отсто при дишењето обичен воздух, тоа е сигнал дека треба да се потпомогне со додаток на кислород во вдишаниот воздух – објаснуваат анестезиолозите.

Тоа што е трагично во целата приказна е што многу од пациентите што беа хоспитализирани во болниците, и покрај тоа што добиле кислород, сепак, починале, со оглед на тоа во каква здравствена состојба се донесени и со колкава сатурација.

Зголемувањето на бројките на заразени уште во август го вклучи црвениот аларм дека четвртиот бран доаѓа порано од лани. Според статистичките податоци на Ворлдометерс, Македонија е на петтото место во светот по смртност на пациенти заболени од корона, а последните бројки покажуваат дека досега жртви на ова заразно заболување се повеќе од 6.000 граѓани.

Факт е дека болниците се исправени пред нови предизвици и за првпат  се соочуваат со таков страшен вирус. Во моментов не можат да се пресметаат точните бројки на потрошени литри на кислороди и вкупно потрошените суми на пари, со оглед на тоа што станува збор за многу болници, во кои ситуацијата се менува од ден во ден.

Но, тоа што е најважно, јавните здравствени установи, поточно тие што фигурираат како ковид-центри, за време на пандемијата мора да добијат финансиска инјекција од Фондот за здравство за да го „преживеат“ новиот бран и следните што доаѓаат. Сепак, во прашање се многу човечки животи за да не биде потоа работата, „оф леле мајко“.


ЗА ШЕСТ ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ ОКОЛУ 5.000 ПАЦИЕНТИ НА КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА

Во периодот од 11 август, кога повторно почнаа да се зголемуваат бројките на заразени и починати пациенти од корона вирусот, заклучно со 6 септември, во ковид-центрите низ земјава се хоспитализирани 22.498 пациенти, од кои само за шест дена во септември болнички биле третирани 6.869 болни, одговорија од Министерството за здравство за „Фокус“.

Од сите хоспитализирани пациенти, само за овој период на кислородна поддршка се ставени 15.793 заразени. Бројот на пациенти што се третираат на кислород од ден во ден се менува, во зависност од здравствената состојба на пациентот. Сите пациенти што се на вентилација се на вентрален довод на кислород.

Изминатата година беа проширени, односно направени нови капацитети со централен довод на кислород во сите ковид-одделенија. Без разлика дали пациентите се на вентилација или на кислородна маска, се користи централен довод на кислород. На некои од пациентите на кои им треба кислород со маска, може да бидат ставени на кислородна боца“, се наведува во одговорите од ресорното Министерство.


ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НЕ ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“

„Фокус“ испрати неколку прашања и до Фондот за здравство за да ни објаснат во каква ситуација се наоѓаат болниците и колку тие како надлежна институција финансиски им помагаат.

  1. Колку за време на пандемијата се зголемија трошоците на сите јавни здравствени установи околу набавките на лекови, кислород, лабораторија?
  2. Колку вие како Фонд им помогнавте за да се справат со зголемените трошоци, за да не им се таложат уште повеќе долгови?
  3. Што ќе се случи ако некои од набавувачите ги блокираат и тужат поради неподмирени долгови?

Сепак, до затворањето на весникот, од таму не добивме одговори.

Поврзани новости