Груби: Некои од изјавите на Апостол Симовски се за жалење

by Fokus

Останаа уште само осум дена до објавувањето на резултатите од Пописот на населението. Првиот вицепремиер, Артан Груби, во гостувањето на тв 21 вели дека е задоволен од процесот, но не сакаше да ја коментира изјавата на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој рече дека откако ќе бидат објавени резултатите, тој ќе биде државен непријател број еден.

– Има неколку изјави на директорот на Заводот, кои се за жалење. Јас знам, но ќе оставам тој да објасни. Нема потреба од вакви драми во општеството. Јас сакам да се заблагодарам за сета помош при процесот за спроведување на пописот, бидејќи навистина беше извонредна работа.  Сите кои придонесоа, вклучувајќи го и премиерот Еди Рама, Албин Курти и сите министри кои беа дел од кампањата.

Вицепремиерот уверува дека нема да има манипулации во однос на бројките. Албанците и останатите етнички заедници ќе излезат толку колку што се, тврди Груби.

-Нема да има веќе никаков страв од страна на било која заедница околу тоа кој што е и дали Албанците се 10, 20 или 14%, како што е пропагандата во земјата. Фалсификуван е само пописот од 2002 година. Убеден сум дека сите тие тврдења ќе бидат отфрлени, ќе бидат демантирани до крајот на март, кога ќе бидат објавени резултатите. Сакам да им олеснам на граѓаните, нека бидат мирни бидејќи бројките се такви какви што се. Задоволен сум од целиот спроведен процес-рече Груби.

Статистичките податоци од септемврискиот попуст, кој беше одложуван неколкупати, треба да бидат објавени на 30-ти март. Статистичката операција со 20 години задоцнување, конечно треба да го донесе вкупниот број на населението и домаќинствата.

Поврзани новости