(АРХИВА) Како вевчанската фамилија Мукоски-Угриновски со ортаците добила милионски тендери за изградба на државни објекти?

„Атриум“ на Бобан Мукоски, брат на Крсто Мукоски, како носител на конзорциум со скопската „Декон-Ком“ во 2019 година го добила тендерот за изградба на објект во Свети Николе од 1,3 милиони евра, додека истите фирми ја добиле и зделката за објект во Виница од 1,1 милиони евра, со тоа што овојпат „Декон-ком“ бил носител, а „Атриум“ член на групацијата. Истиот тандем во 2020 година го добил и тендерот за нов објект во Гевгелија од 1,6 милиони евра, така што во еден од конкурентските конзорциуми членувала „ВИА Инженеринг“, која е семејно поврзана со браќата Мукоски.

by Фокус

Текстот е објавен на 31 август 2023 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.456.

Министерството за транспорт деновиве информираше дека одзеле 467 лиценци од вкупно над 3.100 лиценци издадени во делот на градежното работење и урбанистичкото планирање, а на оваа листа се најдоа и две вевчански компании, кои се поврзуваат со семејството на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски. Поточно, без А лиценците останаа компанијата „Атриум“ на Бобан Мукоски, брат на Крсто Мукоски, како и друштвото „Виа Инжинеринг“ на Цветомир Угриноски и Милан Угриноски, кои се роднински поврзани со браќата Мукоски. Пред 2 години, „Фокус“ прво пишуваше дека „Атриум“ на семејството на експратеникот Мукоски инкасирала 1,5 милион евра преку договори за тековно одржување објекти во сопственост на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, иако имало значителни отстапувања меѓу ориентационите и понудените цени. Во продолжение на оваа сторија, пак, откривме дека компанијата добила уште повредни тендери од ПУИК за изградба на нови објекти на повеќе локации.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Дури 6 години откако владата побара истрага за спорните договори за тековно одржување на државни објекти, склучени меѓу АД за стопанисување со станбен и деловен простор и „Атриум“ на семејството на експратеникот Крсто Мукоски, Министерството за внатрешни работи до Обвинителството за организиран криминал поднесе кривична пријава против поранешниот директор на државната компанија, Цветко Грозданов и 9 вработени.

Иако тие, според МВР, преку злоупотреба на службената положба и овластување ѝ овозможиле на вевчанската фирма незаконски да заработи 725 илјади евра преку тендери од 2012 до 2016 година, сепак, не се гони никој од фамилијарната компанија на поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше амнестиран за „крвавиот четврток“, бидејќи ги поддржа уставните промени по Преспанскиот договор.

Како што обелоденивме во минатиот број на неделникот „Фокус“, врз основа на податоците до кои дојдовме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во последната деценија, некогашниот ПУИК и вевчанската компанија склучиле рамковни спогодби за тековно одржување, чија вкупна вредност изнесува 3,3 милиони евра. Меѓутоа, од овие предвидени средства биле исцрпени и реализирани 1,5 милион евра.

Притоа, обемната документација што ја обезбедивме открива дека речиси секогаш кога „Атриум“ ги добивал овие тендери се проблематизирала големата разлика во цени, што всушност е во основа и на кривичната пријава. Патем, тоа го констатирала и Комисијата за јавни набавки и нивни членови, кои утврдиле значителни отстапувања меѓу ориентационите и понудените цени, чија дискрепанца се движела и до 9 пати.

Од тие причини, Комисијата задолжена за спроведување на тендерите во рамки на ПУИК се обратила до Секторот за стопанисување, кој потоа се обратил и до Секторот за градба, од каде што на крајот навеле дека цените се движат во „некоја граница на пазарни“. Сепак, деталните листи што ги поседуваме откриваат фрапантна разлика меѓу цените, што очигледно било занемарено.

Оттука, во МВР прашавме дали во рамки на истрагата се проверуваа и договорите за тековно одржување што акционерско друштво во државна сопственост и споменатиот правен субјект ги склучиле по 2016 година, со оглед дека за нив нема ниту збор во кривичната? Од таму нѐ упатија да се обратиме во Обвинителството, од каде што веќе десетина дена не добиваме никаков одговор!

Исто така, и од вевчанската компанија на семејството Мукоски побаравме одговор во врска со предметот што се води за дел од договорите за тековно одржување, но изостана каква било реакција. Единствено, се огласи осомничениот Грозданов, екс директор на ПУИК, кој смета дека станува збор за тенденциозен и правно неиздржан предмет. Според него, набавките биле изведени согласно Законот за јавни набавки.

Овие јавни набавки се реализирани во целост со потребите на секторот барател. Направена е заштеда на јавни средства. Од кога тоа заштедата на јавни средства е кривично дело? – ни изјави Грозданов и воедно додаде дека Комисија за јавни набавки врши избор на економски оператор, а тој како генерален директор само го потпишува договорот.

ОГРОМНА РАЗЛИКА ВО ЦЕНИ

Според Бирото за јавни набавки, државната компанија за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор склучила десетина договори со „Атриум“, при што половина се за тековно одржување. Преку овие тендери, всушност, вевчанската фирма наплатила 1,5 милион евра, од кои 1 милион евра се реализирани од 2012 до 2016 година, период опфатен со полициската истрага. Останатиот половина милион евра, пак, е наплатен преку договори од 2016 година наваму.

Меѓу другото, минатата седмица објавивме дека „Атриум“, со поддршка на подизведувачите „Јоки“ и „Електрика“, успеал со тесно мнозинство да ја победи конкурентската „Конструктор“ на тендерот за тековно одржување во 2018 година, вреден 42 милиони денари. Други 2 компании – „Викторија Градба“ и „Ман Електроник“ биле дисквалификувани во фазата на евалуација.

Имено, понудата ја оцениле за прифатлива тројца членови на Комисијата за јавни набавки, која броела вкупно 5 члена. Останатите двајца членови, меѓу кои и претседателот на органот за спроведување на тендерската постапка и за избор на најповолна понуда, одбиле да стават потпис и изнеле сопствени забелешки. Тие се заведени во извештајот од постапката со кој располагаме.

Видно од спецификациите на понудувачите и доставените ориентациони цени од страна на Секторот за стопанисување, кој е барател на постапката, констатирано е дека прифатливите понуди содржат големи отстапки во однос на ориентационите цени, но и дека многу се разликуваат меѓу себе во поглед на одредени позиции по одржана електронска аукција“, навеле двајца членови на Комисијата.

Истовремено, тие наведуваат и конкретен пример: за позиција чија ориентациона цена била 350 денари, „Конструктор“ понудил 7.000 денари, а „Атриум“ 3.479 денари; за позиција чија ориентациона цена била 2.080 денари, „Конструктор“ понудил 900 денари, а „Атриум“ 4.348 денари итн. Затоа, Комисијата за јавни набавки побарала објаснување за оправданоста на цените од Секторот за стопанисување во ПУИК, но тој воопшто не се произнел!

Особено важно за Комисијата беше произнесувањето во поглед на тоа дали ориентационите цени соодветствуваат со пазарните, а со оглед на фактот дека сите позиции во спецификацијата со цени не содржат количества, односно е наведено „количина 1“. Дотолку повеќе, нејасно е како секторот барател ги одредил ориентационите цени, а со тоа и проценетата вредност на набавката“, забележале двајца од петтемина членови на Комисијата за јавни набавки.

Без оглед што тие предупредиле дека не е можно да се изврши споредба меѓу понудените цени и дека е можно да се склучи штетен договор, не била искористена законската можност да се поништи постапката, што впрочем може да се стори ако се поднесени „прифатливи понуди кои не може да се споредат поради различниот пристап во техничките или финансиските понуди“. Наместо тоа, со одлука на тројца членови била избрана понудата на „Атриум“.

Дополнително, двете страни склучиле уште еден договор за тековно одржување во јануари 2022 година. За разлика од претходниот, овој тендер бил поделен на 6 дела, така што првите 5 лота вредни 36 милиони денари ги добил „Атриум“ како носител на конзорциум каде уште членувал „Универзал Балкан“. Првично, шестиот дел за парногреачки работи бил поништен поради нереални цени, но при повторно спроведена постапка лани во септември, вредна 3,3 милиони денари, пак „победил „Атриум“.

НЕКОЈА ГРАНИЦА НА ПАЗАРНИ“

Документите, покрај другото, покажуваат дека Комисијата за јавни набавки и овојпат констатирала значителни отстапувања меѓу ориентационите и понудените цени на поединечни позиции, кои се движеле и до 9 пати. Во таков случај, Комисијата пак се обратила до Секторот за стопанисување, кој минатиот пат не се произнел. Меѓутоа, овој сектор сега решил да се обрати до стручни лица од Секторот за градба.

Од таму навеле дека цените се движат во „некоја граница на пазарни“, со што биле занемарени претходно утврдените „големи отстапувања“, па Комисијата одлучила да даде предлог за избор на најповолната понуда на конзорциумот предводен од „Атриум“ за 5 од 6 дела. Единствено, како што рековме, исклучок бил шестиот лот за парногреачки работи, но и оваа зделка на крајот на годината ја добил „Атриум“ во посебна постапка.

„Фокус“ располага со барање со назнака „ИТНО“ за произнесување што Комисијата за јавни набавки го испратила до Секторот за стопанисување при ПУИК, кое во суштина претставува детална листа со цени. Во него, Комисијата го прашува Секторот дали постои оправданост за одделните разлики меѓу понудените и ориентационите цени, имајќи предвид дека многу позиции имаат „значителни отстапувања“?

Па така, од увидот што го извршивме произлегува дека големи отстапувања има во делот на земјени и ѕидарски работи. На пример, ориентациона цена за селење била 1.000, а понудена цена била 5.000 денари (500 отсто). За чистење, пак, ориентациона цена била 100, а понудена цена била 400 денари (400 отсто). За асфалтирање, пак, ориентациона цена била 600, а понудена цена била 1.600 денари (266 отсто).

(АРХИВА) Вевчанската компанија на семејството Мукоски наплатила 1,5 милион евра од ПУИК со дампинг-цени за одржување објекти!

Потоа, за ѕидање оџаци ориентациона цена била 1.560, а понудена цена била 7.500 (480 отсто). За уривање ѕид, пак, ориентациона цена била 780, а понудена цена била 2.000 денари (256 отсто). За замена на цилиндрична брава, ориентациони цени биле 800 и 1.200 денари, а понудени цени биле 6.500 и 7.500 денари итн. Вакви примери каде што понудената цена е драстично повисока од ориентационата утврдена од договорниот орган има безброј, но има и обратни примери.

Во таа насока, ориентациона цена за штемање ѕидови била 8.060, а понудена цена била 600 денари. За изработка и поставување на двојно шперована врата, ориентациона цена била 10.000, а понудена цена била 1.000 денари. Ориентациона цена за демонтажа на дрвен прозорец, пак, била 2.600, а понудена цена била 600 денари…

Уште поеклатантен е примерот за изработка на ПВЦ-влезна врата без стакло, за што ориентациона цена била 39.000, а понудена цена била 10.000 денари. За изработка и монтажа на излог од алуминиум, ориентациона цена била 52.000, а понудена цена била 12.000 денари. Што се однесува за излог од пластика, пак, соодносот бил 32.500 наспроти 10.000 денари.

Исто така, големи разлики во цени имало и во делот на паркетарски, стакларски, керамичарски, молерофарбарски, изолатерски, лимарски, браварски работи, како и во однос на водовод и електрика. Настрана тоа, Секторот за стопанисување од Секторот за градба како задолжен за формирање ориентациони цени добил уверување дека тие се движат во „некоја граница на пазарни“?!

ИСТО СЕМЕЈСТВО ВО РАЗЛИЧНИ ТАБОРИ

Освен тоа што семејната фирма на Мукоски добила милионски средства од ПУИК за тековно одржување постојни објекти, и тоа со дампинг-цени, двете страни склучиле уште повредни договори за изградба на сосема нови објекти. Што открива продолжението на нашето истражување за вевчанскиот семеен клан на амнестираниот „собраниски вратар“?

Во јули 2015 година, ПУИК и „Атриум“ склучиле договор за изградба на објект во Кочани на сума од 1 милион евра, а во март следната 2016 година склучиле и анекс поради непредвидени работи во износ од 44 илјади евра. На самиот почеток на следната 2017 година, пак, вевчанската компанија го добила и проектот за изградба на објект во Струмица, тежок исто така 1 милион евра.

Особено битна е 2019 година, кога „Атриум“ успешно поминала на 2 различни тендерски постапки за изградба на државни објекти. Кон крајот на годината, компанијата склучила договор со ПИУК за изградба на објект во Свети Николе на 1,3 милиони евра. Вреди да се напомене дека вевчанската фирма ја добила оваа зделка како носител на конзорциум, каде што учествувала и скопската „Декон-Ком“, која доставила пониска понуда од струмички „Жикол“.

Во текот на истата година, ПУИК спровел постапка за изградба и на објект во Виница, каде што имало еден понудувач. Тоа бил конзорциум предводен од претходно споменатата „Декон-Ком“, кој склучил договор од 1,1 милион евра, кој по 3 анекси скокнал за дополнителни 325 илјади евра. Она што е интересно, втор член на оваа групација бил „Атриум“, што значи дека двете компании со здружени сили добиле 2 крупни јавни зделки во иста година, наместо меѓусебно да си конкурираат.

Меѓутоа, соработката меѓу „Атриум и „Декон-Ком“ не застанала тука, туку напротив – продолжила на уште еден државно спонзориран проект. Се работи за тендерот за изградба на објект во Гевгелија, во чии рамки ПУИК во септември 2020 година склучил договор со „Атриум“, кој практично предводел конзорциум каде што членувал „Декон-Ком, но и уште една компанија. Тоа е „РМК Градба Ас“, со која, патем речено, „Атриум“ имал деловно-техничка соработка кога го доби ланскиот тендер за тековно одржување.

Што открива документацијата со која располагаме? Во оваа тендерска постапка имало уште 3 понудувачи: „Жикол“,„Урбан План Конструктион“ и „Дрво Пром“. Од извештајот од тендерската постапка произлегува дека „Урбан План Конструктион“ била елиминирана, така што евалуацијата ја минале другите 3 компании. На крајот, прифатена била најниската првична понуда на конзорциумот на „Атриум“, која изнесувала околу 1,5 милион евра, со тоа што целата зделка по 4 анекси достигнала 1,6 милиони евра.

И во овој случај не се одржало негативно наддавање, кое би ја спуштило цената на чинење, туку 3-те компании што ја минале евалуацијата останале на првичните понуди. Од сите нив најниска била онаа на „Атриум“, која точно изнесувала 79.082.420 денари без ДДВ, речиси исто колку и проценетата вредност на набавката. Арно ама, го поседуваме записникот од отворањето на понудите, каде што може да се види дека елиминираната „Урбан План“ имала нешто пониска првична понуда од 79.070.534 денари, која, доколку останела во игра, би влегла како фаворит на евентуално негативно наддавање.

Воедно, треба да се наведе дека „Дрво Пром“ користела поддршка од „Евроградба Инженеринг“ како подизведувач, додека истовремено била носител на конзорциум во кој членувала друга вевчанска компанија – „ВИА Инженеринг“, во сопственост на блиски роднини на Мукоски. Значи, еден дел од семејството предводел победничка групација, додека друг дел од семејството, условно кажано, се криел во конкурентски конзорциум, кој на крајот воопшто не учествувал на аукција.

МРЕЖА НА БЛИСКИ КОМПАНИИ

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека „Атриум“ е основана во далечната 1994 година со седиште во Вевчани. Денес, друштвото е во сопственост на братот на Крсто Мукоски – Бобан Мукоски, а до неодамна содружник бил и нивниот татко Милан Мукоски. Порано, дел од сопственичката и менаџерската структура бил и Крсто Мукоски, поранешен пратеник и директор на МЕПСО.

Официјалните финансиски извештаи на компанијата покажуваат дека во 2018 година остварила приходи од 36 милиони денари, од кои како добивка и останале незначителни 328 илјади денари. За потсетување, ова е годината кога се водеше процесот на уставни измени, кој беше заокружен на почетокот на 2019 година, благодарение и на осумтемина опозициски пратеници, кои практично го овозможија двотретинското мнозинство.

Еден од нив беше токму Мукоски, кој беше обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок, бидејќи ја отвори главната врата од Собранието и на тој начин ѝ овозможи на толпата да влезе, да дивее и да напаѓа пратеници. По гласањето за уставни промени, Мукоски беше амнестиран од кривична одговорност, додека неговата семејна компанија продолжи да добива тендери, а со самото тоа да бележи и нагорни финансиски резултати.

Во таа насока, друштвото ја заокружи 2019 година со приходи од 59 милиони денари, кои во 2020 година растат на 110 милиони денари, а добивката тогаш изнесува 5 милиони денари. Во 2021 година, пак, приливите бележат пад на 89 милиони денари, но добивката расте на 7 и пол милиони денари. Во ланската 2022 година, приходите изнесуваат 63 милиони денари, а добивката 6 и пол милиони денари.

Како оваа компанија е поврзана со „ВИА Инженеринг“, која членувала во конкурентски конзорциум на тендерот за изградба на државен објект во Гевгелија? Од друга страна, пак, според официјалните податоци, оваа компанија во 2021 година, како носител на конзорциум со „Спектартермо“, го добила тендерот од ПУИК за изградба на објекти во Дебар тежок 1,3 милиони евра во конкуренција на 3 фирми, меѓу кои била „Атриум“?!

Официјалните податоци говорат дека „ВИА Инженеринг“, основана во 2000 година, е во сопственост на Цветомир Угриновски, поранешен градоначалник на Вевчани, како и на неговиот син Милан Угриновски. Братот на ексградоначалникот Цветомир Угриновски – Ѓорѓи Угриновски, пак, ја поседува компанијата „ВИА ДОО“, основана во 1991 година, заедно со ќерката Марица Угриновска – Баткоска, која самостојно поседува уште една профитабилна вевчанска компанија – „ВИА Фарм“.

Инаку, браќата Угриновски (Цветан и Ѓорѓи), кои ги поседуваат „ВИА Инженеринг“ и „ВИА ДОО“, се вујковци на браќата Мукоски (Крсто и Бобан), од кои едниот денес ја поседува „Атриум“. Како што во минатото пишувал „Фокус“, но и други медиуми, и компаниите на браќата Угриновски добивале многу вредни тендери не само од ПУИК, туку и од други институции и општини за изградба и рехабилитација на објекти, болници, училишта, домови…

Последно, друштвото „ВИА ДОО“ во 2021 година склучило договор со Министерството за одбрана за изградба на 3 нови санитарни јазли во Криволак, вреден над половина милион евра. На тендерот учествувале повеќе компании, меѓу кои и „Дрво Пром“, која, како што напишавме погоре, предводела конзорциум каде што членувала друга компанија од вевчанската фамилија со предзнак ВИА („ВИА Инженеринг“) на тендерот за изградба на објект во Гевгелија, што го добила третата компанија од истата семејна лоза – „Атриум“.

 

И ПОРАНЕШНИОТ ВЕВЧАНСКИ ГРАДОНАЧАЛНИК ЗАРАБОТИЛ КРИВИЧНА ЗА ТЕНДЕР

Освен охриѓанецот Цветко Грозданов, поранешен директор на ПУИК, во чие време „Атриум“ на семејството Мукоски инкасирало милион евра преку договори за тековно одржување, кривична пријава своевремено заработи и поранешниот градоначалник на Вевчани Цветомир Угриновски, брат на бизнисменот Ѓорѓи Угриновски, сопственици на „ВИА Инженеринг“ и ВИА ДОО“, кои се во роднинска врска со помилуваниот експратеник Крсто Мукоски.

На само една недела пред одржувањето на првиот круг од локалните избори во 2017 година, кога Угриновски беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за втор последователен градоначалнички мандат, полицијата поднесе кривична пријава против него, под сомнение дека ја злоупотребил службената положба.

Во извештајот на финансиската полиција се наведувало дека тој заедно со уште 6 лица во текот на 2013 година спровеле постапка за јавна набавка, при што, според пријавата, потпишал одлуки спротивни на законот, со кои иницирал постапка за јавна набавка за изградба на потпорен ѕид на простор каде што требало да биде изградена спортска сала, иако знаел дека градежните работи се веќе завршени пред да биде објавен јавниот оглас.

Како вевчанската фамилија Мукоски-Угриновски доби милионски тендери за одржување и изградба на државни објекти?

Поврзани новости