(Архива) Интервју со екс обвинителката во СЈО: Требаше да ги вратиме парите во буџетот, а не гаќите на Ивона

by Fokus

Интервјуто е објавено на 18 мај 2022 година во неделникот „Фокус“ со број 1389

Обвинителката Лејла Кадриу, во 2010 година, кариерата ја почна во тетовското обвинителство и таму ја заврши, но откако Советот на јавни обвинители ја суспендираше и ја разреши. Во јавноста стана позната откако доби отказ од шефицата, на сега веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство.  Во интервју за „Фокус“ објаснува дека Катица ѝ дала отказ зашто не била тимски играч, а обвинителската кариера ѝ завршила под влијание на одредени структури на политиката, на кои им пречело нејзиното законито, стручно и ефикасно работење. Во интервјуто, таа зборува и за урнисаната правосудна власт, за малиот број обвинители, но и за почетоците на СЈО

 Разговараше : Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ФОКУС: Минатиот месец, Советот на јавни обвинители, на седница едногласно ве разреши од тетовското обвинителство за инцидентот во селото Синичане, каде што полицијата излезе на терен за наводна бесправна градба на водоводен систем. За што точно беше поведена дисциплинска постапка против Вас?

КАДРИУ: Дисциплинската постапка против мене се водеше за настан што се случи на 29 јули 2020 година. Тој ден бев дежурна и добив информација од полицијата дека има конфликт, недоразбирања меѓу месното население на селото Синичане и полицијата и дека на самото место нема жители на друго село, туку директно меѓу полицијата и месното население.

Тогаш пандемијата беше во ек, а имаше информации дека населението самоволно гради водовод и зема вода од некои извори. Бидејќи мое законско овластување е да излезам на самото место, со дежурен инспектор отидовме и навистина  немаше жители од други села, туку беше униформираната полиција, единиците за брза интервенција и населението од селото Синичане.

ФОКУС: Таму беше и градоначалникот на селото Сининчане? Што Ви кажа тој? 

КАДРИУ: Беше мошне тензично, тој кажа дека Советот на општината донел одлука за изградба на водовод по барање на населението, кое само собрало пари, со оглед на тоа што општината немала материјална можност да им обезбеди вода, а од чешмите, според микробиолошките анализи на водата, имало фекалии и ешерихија коли.

Тој ми рече дека Советот на општината донел одлука како привремено решение да се приклучат на еден извор од вода од селаните. Тоа е одлука на советот. Тоа ви доаѓа исто како што за време на пандемијата, владата донесуваше уредби со законска сила. Такви уредби со законска сила во време на пандемија може да се однесуваат само за мерките за пандемија. Такво време беше и такви беа околностите. Таму беше еден стар човек, кој ми рече; „мојата снаа приготвува храна со ешерихија коли и со фекалии, со таа вода ги мие садовите, а моите внуци ја пијат таа вода“.

ФОКУС: Што направивте Вие?

КАДРИУ: За да се смири целата ситуација, издадов наредба полицијата да се повлече, бидејќи немаше потреба да дојде до ескалација. Униформираната полиција постапи по наредбата и се повлече, но единиците за брза интервенција не се повлекуваа. А главната цел беше да се смири ситуацијата, па потоа можеше да го процесуираме предметот.

Бидејќи бев на самото место и се уверив, немаше потреба да излезе од контрола целата ситуација, луѓето имаа мака, а имаа и одлука на Советот.

 ФОКУС: Каква беше реакцијата на Единиците за брза интервенција?

КАДРИУ: Единиците за брза интервенција ми рекоа дека нивните претпоставени од горе не ги пуштаат да се повлечат. Случајно се познавам со министерот за внатрешни работи, кој беше во тоа време, Агим Нухиу, му се јавив и му реков, повлечете ги полицајците од тука, а ние потоа ќе постапиме. Ќе утврдиме што се случувало.

Тој ми кажа дека тој издал наредба, тој е овластен, тој раководи, тој е министер, да се повлече, но дека единиците за брза интервенција не се повлекуваат, со оглед на тоа што чекале наредба од техничкиот премиер Оливер Спасовски.

СПАСОВСКИ МИ РЕЧЕ ДЕКА СУМ ОТИШЛА ДА БРАНАМ КРИМИНАЛЦИ

ФОКУС: Бидејќи Нухиу немаше моќ да ја повлече единицата за брза интервенција, што следуваше? Бевте снимена како разговарате со тогашниот премиер Оливер Спасовски. 

КАДРИУ: Нухиу ме замоли да му се јавам на премиерот и да му кажам дека тука нема население од други села, дека се присутни само од селото Синичане. Немав волја да се јавам, но во интерес на месното население и државата, како институција јавен обвинител му се јавив на премиерот.

Јас од 2010 година сум обвинител, никому досега немам наречено некој дека е криминалец. Може да се зборува така кога ќе има правосилна пресуда. А тој ми рече, „си отишла да браниш криминалци, криминалец ниеден“. Јас му реков: „Молам? Ме навредувате!“.

Зборував за постапката што се презема и што се случува. На секој мој збор во објаснувањата на моите овластувања, тој цело време повторуваше дека сум криминалец и дека сум отишла да бранам криминалци. Не може 5.000 собрани граѓани да бидат криминалци. Бев многу навредена и знам дека на крај му реков „јас сум таа што кажував дека Катица Јанева прави криминал, а вие ја браневте“, и го исклучив телефонот.

ФОКУС: Дали потоа се водеше постапка за овој настан? 

КАДРИУ: Знам дека полицијата пушти кривична пријава против градоначалникот, но мене предметот ми беше одземен. По спроведената истрага од страна на друг јавен обвинител, беше донесено решение за отфрлање на кривичната пријава, што значи дека немало криминал, но тогаш одлучив дека е најдобро да се излезе горе за непосредно да се уверам дали се работи за кривично дело, за какво кривично дело и евентуално да се утврди кои се сторителите на можните кривични дела.

ФОКУС: Дадовте ли изјава кај претпоставените за настанот?

КАДРИУ: Потоа добив температура, три дена не можев да одам на работа. Само што се вратив на работа, дојдоа од вишото обвинителство, а по барање на републичкиот обвинител, кој беше известен што се случувало, требаше да дадам изјава во врска со настанот. И јас ја напишав изјавата и ја пуштив. Ниту мојот непосреден претпоставен, шеф на обвинителството во Тетово, ниту шефот на вишото обвинителство не најдоа пропусти во моето постапување.

Моите непосредно претпоставени не најдоа пропусти, но дури по година и пол, републичкиот обвинител формираше дисциплинска комисија во врска со настанот, иако, според законот, по добивањето информација во рок од три месеци може да се покрене постапка.

Тука „закачија“ уште еден предмет, да не биде толку чисто политички, а кој нема врска. Мора да се нагласи дека јас во својата обвинителска кариера по резултатите на работа, може да кажам дека сум еден од најдобрите обвинители во оваа држава, секогаш работев законито, стручно и ефикасно, никогаш не сум имала укажување во ниту еден предмет. Тоа сѐ ми изгледаше како нарачано.

РАЗРЕШУВАЊЕТО БЕШЕ НАРАЧАНО

ФОКУС: Од кого нарачано? 

КАДРИУ: Од одредени структури на политиката.

ФОКУС: Од кого точно од политиката?

КАДРИУ: Па, од тој што има сила и на кому му пречи начинот на моето работење. Тие се научени да кажуваат што сакаат, а некој треба да им премолчи. Е, нема да премолчуваме. Секогаш се трудев најчесно да работам, да го почитувам Уставот и законите на оваа држава, затоа имам дадено заклетва. Пуштете ме да си ја работам својата работа. Има двостепеност во одлучувањето, па има правни лекови.

ФОКУС: Кое беше образложението на Советот за Вашето разрешување?

КАДРИУ: Образложението беше дека сум се придружила на локалното население и со тоа сум го нарушила јавниот ред и мир и дека сум го навредила министерот. Тоа е нешто неприфатливо. Јас мислам дека тоа беше нарачано од некои структури во политиката, некому не му било по волја, некој се почувствувал навреден.

Четири месеци по настанот, во канцеларија ми дојде писмо од некој адвокат со опомена пред тужба за клевета. Бараа јавно да му се извинам на министерот Оливер Спасовски, затоа што сум рекла јавно дека тој ми има речено дека сум отишла да бранам криминалци и дека сум криминалец зашто „наводно“ тоа не е вистина и дека тој „наводно“ тоа не ми го рекол. Нормално, не се извинив, бидејќи ја зборував вистината. Но, од тогаш поминаа две години и никој не ме тужи за клевета.

ФОКУС: Кое е решението за состојбите во правосудството, со оглед на тоа што народот има само осум отсто доверба?

КАДРИУ: Како народот да има доверба, кога свесно се урнисува третиот столб на државноста. Функционираат извршната и законодавната власт, а судската власт е урнисана. Со оглед на тоа што Академијата за судии и јавни обвинители не може да продуцира доволно кадар, власта треба да изгласа 50 отсто од потребниот кадар да бидат истакнати стручни соработници од обвинителства, адвокати, правници.

Порано немаше Академија, па имаше држава и правосудство. Освен што не го пополнуваат бројот, мислам дека и не ги пуштаат да си ја работат својата работа. Дури имам слушнато дека им кажуваат на другите обвинители и судии дека може да им се случи исто како што ми се случи мене. Судиите прифаќаат сѐ живо што им се сервира. Не се носат така одлуки непоткрепени со доволен број докази.

ВО СЈО СЕ ЈАДЕШЕ, СЕ ПИЕШЕ И НИШТО НЕ СЕ РАБОТЕШЕ

ФОКУС: Како се случи да станете дел од Специјалното јавно обвинителство?

КАДРИУ: Бидејќи меѓународната заедница многу инвестира во нашето судство и обвинителство, преку семинари, обуки, конференции, главно се знаеме обвинителите меѓу себе. Јас, Катица Јанева ја запознав на такви обуки. Се сеќавам, ми се јави и ми рече: „Лејла, сакам да дојдеш во мојот тим“. Јас прифатив. Ние почнавме со работа на 15 октомври 2015 година. Држевме некои обуки по најскапи хотели, ресторани, се јадеше, се пиеше, ама ништо не се работеше.

ФОКУС: Што се случуваше додека бевте таму? 

КАДРИУ: Во месец ноември требаше да се преземат предметите, што тогашната опозиција ги имаше дадено во основното јавно обвинителство Скопје. Се сеќавам ги презедовме тие предмети од прислушуваните разговори што опозицијата ги пушташе на плоштадите.  Од тие прислушувани разговори, ние собиравме информации дали може да се поткрепи со материјални докази тоа што се зборува.

На 29 декември 2015 година, ние, обвинителите од СЈО, заедно со администрацијата, славевме Нова година и утредента не беше задолжително да се оди на работа. Јас секако појдов, бидејќи затоа сум платена. Бевме  јас и четворица обвинители. Излегов од канцеларија да земам кафе и во ходникот ги видов Зоран Заев и Радмила Шекеринска. Се зачудив што прават тука, со оглед на тоа што сите обвинители не се тука, а не беше присутен ниту шефот на Обвинителството.

Тогаш четворицата обвинители што беа присутни ми кажаа дека ги донеле материјалите, „бомбите“ да ни ги предадат. На моето прашање како може да се примат со оглед дека другите не се присутни, кој ќе го пишува записникот за примопредавање, тие рекоа дека нема да се пишува записник и дека така ќе ги примат.Тогаш јас ја зедов чантата и излегов, не сакав да бидам дел од тој циркус.

КАТИЦА МЕ ОТСТРАНИ ЗАШТО НЕ СУМ БИЛА ТИМСКИ ИГРАЧ

ФОКУС: Што се случи потоа?

КАДРИУ: Требаше некој да го напише записникот за прием, ништо во обвинителство не може да влезе без записник за примопредавање, треба да се направи попис што примаш. Ако нема попис што предаваш и што примаш, таму можеш сѐ и сешто да ставаш и да вадиш. Тие материјали беа примени без записник. Значи од самиот почеток катастрофа. Јас не прифатив да ги примам така, и, како што реков, си заминав од обвинителството. Се случуваше кај мене во канцеларија да дојде лице од МВР да ми сугерира против кого да покренам обвинение, а истиот го гледав како влегува во канцелариите и на другите обвинители.

ФОКУС: Како се случи Катица Јанева да Ве отстрани од СЈО?

КАДРИУ: Катица нѐ повика кај неа во канцеларија. Ни кажа од денеска не сте веќе во СЈО. Јас ја прашав зошто. Ни кажа дека не сме тимски играчи. Јас и реков дека не сум дојдена тука да играм, туку сум дојдена да си ја работам својата работа. И ни рече да појдеме во полициската канцеларија и да напишеме барање за да се вратиме во обвинителствата од каде што сме дошле. Јас ѝ кажав таа да седне и да пишува, со оглед на тоа што таа така сака, а не ние и  веднаш отидов во Советот на јавни обвинители.

ФОКУС: Што ви кажаа од Советот? 

КАДРИУ: На претседателот на Советот му кажав што се случува. Советот формираше комисија, а претседател на таа комисија беше Сашо Василевски, кој потоа беше директор на МЕПСО и за кого потоа имаше информации дека ѝ бил пријател на Јанева и дека во некој предмет таа не замрзнала имот, за да може тој да го купи. Но, и тој како претседател на комисијата донесе одлука дека Јанева постапила незаконски. Таа почна од старт да работи незаконски.

ТРЕБАШЕ ДА ГИ ВРАТИМЕ ПАРИТЕ ВО БУЏЕТОТ, А НЕ ГАЌИТЕ НА ИВОНА

ФОКУС: Дали работевте Вие некои од познатите предмети за јавноста?

КАДРИУ: Ми беа доделени некои предмети од објавените „бомби“ и тоа сѐ беше почеток на собирање податоци за евентуално пронаоѓање докази, кои би ги поткрепиле објавените разговори. Значи сѐ се правеше, само не се работеше. Ако јас можев во тетовското обвинителство да работам по 40 предмети месечно, па се прашувам на што се потрошија толкави милиони евра во СЈО, со оглед на целиот временски период додека беше активно.

ФОКУС: Дали СЈО ја оправда целта на своето постоење?

КАДРИУ: Според мене, не. Се крена толкава фама, бидејќи сакаше да се смени власта. Мора да се бара објективната вистина, не може најди кривично дело, осуди го некој. Сигурно имаше поголеми дела.

Кога се формираше СЈО, основната цел беше да ги вратиме украдените буџетски пари назад, со оглед дека така се зборуваше дека од државата се изнесени милијарди евра на незаконски начин, а не да се занимаваме со „мерцедесот“ и гаќите на Ивона. Вербален деликт не постои како кривично дело. Тие „бомби“ треба да се поткрепени со материјални докази.

Во случајот со „мерцедесот“ сметам дека нема ниту кривично дело, според мене. Бидејќи за да постои кривично дело, треба да постои и штета. А штета нема, бидејќи „мерцедесот“ сѐ уште се користи за странски делегации и за потребите на Владата. Колку што знам и поранешната министерка Гордана Јанкулоска не била обврзана да објави тендерска набавка за наведениот „мерцедес“.

НЕ МОЖЕ ДА МЕ УБЕДАТ ДЕКА КАЦАРСКА СУДЕЛА ЗАКОНСКИ

ФОКУС: Сегашниот републички обвинител е кандидат за уставен судија. Што мислите за функционирањето на Уставниот суд?

КАДРИУ: Уставниот суд ја штити уставноста на оваа држава. Мене никој не може да ме убеди дека сегашната претседателка на Уставниот суд судела законито. Точно се знае, сите сме живи суштества, како функционира човечкиот мозок. Нека ми каже кој може да влезе во 9 часот во судница и да излезе во 22 часот. Чиј мозок може нормално да функционира.

И квалификацијата на кривичното дело за случајот „27 април“, според моето мислење, во дејствијата на обвинетите не се содржани инкриминираните дејствија за кривичното дело „тероризам“ и сметам дека беше претешка.

ФОКУС: Вие бевте и на самото место кога изгоре модуларната болница во Тетово и кога загинаа 14 лица. Беа направени повеќе вештачења, која е причината за пожарот? 

КАДРИУ: Додека јас бев имавме две наши и едно германско вештачење. Се утврди дека пожарот избувнал во соба откако се прегреал кабелот кога на него бил вклучен дефибрилатор, кој имал висок напон. Се поставува прашањето зошто не се исклучила склопката, односно осигурувачот кога прегреал кабелот. Па, ако сѐ функционира така, ние сите дома треба да имаме по еден електроинженер.

ФОКУС: Дали е точно дека сте биле секретар во Општина Тетово кога градоначалник бил Хазби Лика и како ги коментирате информациите дека имате дивоградби во Тетово и на Попова Шапка?

КАДРИУ: Да, бев секретар на општината од 2005 до 2009 година. Секретар е шеф на администрација и не е политичка функција. Не е точно дека имам каква било дивоградба во Тетово и на Шапка.

ЈАНЕВА НЕ ЗНАЕ НИТУ ПИСМО ДА НАПИШЕ

ФОКУС: Со оглед на тоа што сте ја гледале Јанева на обуки, дали имаше капацитет за шеф на СЈО?

КАДРИУ: Во СЈО имаше еден колега кој тврдеше: „јас сум тука главниот“. Јас лично сметам дека Катица не знаеше писмо да напише, ниту има напишано обвинение, немаше капацитет. Другите ги работеа, таа само ставаше потпис, бидејќи единствено таа беше овластена за потпишување во СЈО, во ниедно обвинение немаше ничиј потпис, освен на Катица Јанева.

МИ СЕ ЗАКАНУВААТ СО УБИСТВО

ФОКУС: Во неформален разговор споменавте дека сте имале и закани за убиство? Кој ви се заканувал?

КАДРИУ: На едно мое дежурство се случи разбојничка кражба. Еден криминалец, кој е правосилно осуден, со автоматска пушка го ограбил и одзел возилото на Никоб обезбедување. Украдени беа околу 100.000 евра, а при одземање на возилото го повредил шоферот. Му ја скршил вилицата со автоматска пушка и го одзел блиндираното возило и заминал.

По четири месеци, тој се враќа со еден член од „Козаностра“ во Тетово. Со него, повторно на мое дежурство, прават уште една разбојничка кражба со пиштоли. Потоа ги фатија, и двата предмета  паднаа кај мене, за двете дела јас ги гонев. За првото дело доби 10 години затвор, за второто доби 11 години затвор, или  вкупно 21 година.

И наместо да оди во „Идризово“, тој е однесен на издржување во затвор во Прилеп. Една година, според исказите на чуварите во затворот во Прилеп, се заканувал и на своите родители им кажувал дека ќе избега и ќе ја убие обвинителката Лејла. И тој навистина успеа да избега, и тоа на критичниот ден кога избегал, камерите во затворот биле исклучени.

ФОКУС: Побаравте заштита?

КАДРИУ: Ме обезбедуваа шест месеци откако избега, но една недела по разрешувањето добив известување дека министерот Оливер Спасовски рекол дека нема потреба никој да ме обезбедува, а тој сѐ уште е во бегство. И секогаш кога одам на улица, јас искрено се плашам.

ВО ТЕТОВО ОСТАНАА САМО ДВАЈЦА ОБВИНИТЕЛИ

ФОКУС: Каква ви беше работата во тетовското обвинителство, колку обвинители има таму?

КАДРИУ: Ние, во тетовското обвинителство треба да сме 11 обвинители плус шефот, а ние фактички останавме тројца. Скопските обвинители примаат десет предмети месечно, а ние примаме по 60 предмети месечно. Тоа што обвинителите во Скопје го работат за пола година, ние го работиме месечно.

Додека бев јас таму, дежурствата беа на секој трет ден, а на скопските обвинители некогаш може да им се падне да немаат дури ниту едно дежурство месечно. А, сега откако јас не сум обвинител, останати се двајца колеги, и дежураат на секои 24 часа, и истите се преоптоварени, со оглед дека тетовското обвинителство има проширена надлежност.

НЕМАШЕ „БОМБИ“ ЗА ДА ИМ ПРЕДАВАМ НА ДУИ

ФОКУС: Кога бевте отстранета од СЈО, имаше информации дека сте им предавале материјали на ДУИ. Дали е тоа точно?

КАДРИУ: Што сум можела јас да дадам, кога на располагање додека јас бев во СЈО, беа само тие бомби што беа објавувани на плоштад, немаше ништо друго. Немав што да предадам ниту на ДУИ, ниту на ДПА, ниту на ВМРО.

 

Поврзани новости