(АРХИВА) Интервју со Дамева: Има привилегирани и сервилни судии, одработуваат за туѓи интереси и за поединци од политиката!

by Фокус

Текстот е објавен на 20 јули 2023 година во неделникот Фокус со број 1.450.

Поранешната претседателка на Судски совет Весна Дамева ќе треба да се врати на челната позиција, откако Управниот суд пресуди дека била незаконски разрешена. Ваков епилог следува половина година откако колегите од Советот ја елиминираа од претседателската позиција, по што Дамева во интервју за „Фокус“ обвини дека судии одработуваат за, како што рече, туѓи интереси, за поединци од политиката, за нивни приватни и партиски интереси. Воедно, таа откри дека имало почнато и други постапки за судии блиски до политиката.

Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ФОКУС: Судиите избраа нови двајца членови во Судскиот совет, судијата од Врховен суд, Наќе Георгиев, и судијката од Граѓанскиот суд, Антоанета Димовска. На седницата кога се утврдуваше кандидатската листа, Вие бевте единствената „против“? Зошто?
ДАМЕВА: Да, точно е. Гласав против кандидатските листи. Јавноста е веќе запознаена дека на седницата на Судскиот совет одржана на 4.7.2023 година, Советот донесе одлука со која се запре постапката за утврдување одговорност на еден судија за повреди што ги сторил како претседател на суд и гласав против запирање на постапката. Тоа се случи еден ден пред одржувањето на седницата, на која се гласаше за утврдување на кандидатските листи за членови од редот на судиите, на која листа беше судија на кој ден претходно му беше запрена постапката.

ФОКУС: Дали случајно беше запрена постапката претходниот ден?
ДАМЕВА: Од она што беше презентирано во медиумите сметам дека јавноста ги препозна тие случајности, но лично сметам дека ништо не е случајно. Никогаш не сум учествувала во вакви или слични, според мене сценарија, ниту, пак, додека сум член на Советот ќе прифатам да играм улога во такви „случајни“ сценарија.

Затоа мојата порака кога се одлучуваше за кандидатската листа за Врховен суд беше дека ќе молчам и ќе оставам молкот и тишината да одекнат гласно. Кога немате соговорници за дискусија и дебата, кога вашите аргументи нема кој да ги сослуша, тогаш навистина молчењето е злато. Ехото на мојот молк, наскоро би можело да одекне уште погласно.

НЕКОИ СУДИИ СЕ ПОПРИВИЛЕГИРАНИ

ФОКУС: Каква порака испрати Советот со одобрувањето на овие листи?
ДАМЕВА: Нема законска пречка, судија за кој е во тек постапка за утврдување одговорност или против кого се поднесени претставки по кои Судскиот совет сè уште не одлучил, да се пријави на оглас за избор на член и да биде утврден како кандидат. Секако доколку ги исполнува законските услови. Меѓутоа, со ваквото однесување беше пратена една друга порака, а тоа е дека некои судии се поеднакви или ако сакате попривилегирани од другите.

ФОКУС: На другата кандидатска листа беа пријавени претседателот на кавадаречкиот суд, Лазар Нанев, и судијката од граѓанскиот суд, Антоанета Димовска. Мнозинството членови на Судскиот совет го прифатија приговорот на Нанев, иако имаше некомплетна документација, но судиите ја избраа Димовска. И за оваа листа бевте „против“.
ДАМЕВА: Огромниот број судии го покажаа својот интегритет, излегоа да гласаат, се одважија и гласаа за кандидатот, кој е долгогодишен судија, стручен и професионален, но пред сè и над сè е судија со интегритет и високи морални вредности. Судиите сметаа дека е подобар кандидат и треба да биде избран за член, особено со оглед на огромната поддршка што ја доби избраниот судија.

ФОКУС: Георгиев доби шест гласа, вклучително и неговиот, додека седум ливчиња беа неважечки.
ДАМЕВА: Се одважија и судиите од Врховниот суд, излегоа да гласаат, но со пречкртување на гласачките ливчиња ја испратија својата порака. Кандидатот не доби мнозинство гласови од судиите што излегоа на гласање, а се судии во неговиот матичен суд. Тоа ми дава за право, и во едниот, и во другиот случај, кога гласав против кандидатските листи, да сметам дека ставот на мнозинството судии всушност е идентичен со мојот став изразен при гласањето.

ПОЛИТИКАТА ПРВПАТ СЕ СРЕТНА СО ОТПОР

ФОКУС: За тоа што се случи во април, сè уште останаа многу неодговорени прашања. Кога бевте разрешена на 26 април, рековте дека со тоа се исполнети нечии желби и дека одредени луѓе од политиката ќе бидат и тоа како задоволни од ова? На кои луѓе од политиката конкретно мислите?
ДАМЕВА: Знам дека ова прашање е во фокусот на интерес и за него јавноста има право да знае. Но, со оглед дека за моето незаконско разрешување и дејствијата што беа пред и следеа потоа, поврзани со разрешувањето, веќе се процесуирани соодветни постапки, поднесов тужба до Управниот суд и кривична пријава до ОЈО Скопје и токму од тие причини во овој момент не можам тоа да го споделам со јавноста. Се надевам дека одговорот на ова прашање ќе се искристализира во кривичната постапка и останувам да верувам во независноста и самостојноста на македонскиот правосуден систем.

Јасно е дека одредени поединци од партиите на власт, без оглед кои политички партии се на власт, настојуваат да ја имаат под свое судската власт како алатка и инструмент за спроведување на нивните лични, но и партиски интереси. Меѓутоа, демократскиот капацитет на секоја држава се мери според тоа колку судската власт е отпорна на влијанија, без оглед од кој ешалон на власта или кои политички партии доаѓаат.

ФОКУС: Зошто реакцијата за Вас беше толку жестока?
ДАМЕВА: Ќе си дозволам да кажам дека одредени поединци од политиката, најверојатно за првпат се сретнаа со отпор и затоа реакцијата беше жестока и во недостиг од аргументи и факти тие се најдоа затечени, па лично сметам дека со цел работите да не им избегаат од контрола уште повеќе, мораше веднаш да бидам отстранета од функцијата претседател на Судскиот совет.

Затоа, тоа беше сторено на еден избрзан начин, неподготвен, без план и стратегија, и тоа го потона угледот и достоинството на Судскиот совет, но последици трпи и државата. Доколку во Советот не може да се види владеење на правото, што да очекуваат граѓаните? И тука целта беше да се испрати јасна порака дека никој не може и не смее да се спротивставува, да пркоси, да биде самостоен и независен во работењето и одлучувањето, а во спротивно ќе биде казнат и отстранет од функцијата.

ФОКУС: При Вашето разрешување, како причина беше спомената и околноста дека Уставниот суд ја укина одредбата од Законот за Судски совет, во која беше пропишано дека претседател и негов заменик може да бидат само членовите што ги избира Собранието?
ДАМЕВА: Правното дејство на укинувачка одлука на Уставниот суд значи дека таа одредба се отстранува од правниот поредок во иднина, што значи дека ќе се применува при избор на следниот претседател, иако во Законот беше имплементирана по препорака на Венецијанската комисија. Од ова јасно произлегува дека и тие наводи што беа истакнати на седницата, беа паушални. Јавноста треба да биде запознаена дека иницијативата со која се оспорува таа законска одредба, беше поднесена пред околу две години, но токму во март оваа година, безмалку еден месец пред моето разрешување, Уставниот суд најде простор и време да закаже седница и да одлучи по иницијативата. Повторно сосема случајно.

ЈАДРО ОД СУДИИ ЈА УРИВА ДОВЕРБАТА

ФОКУС: Дали иницијативата за разрешување на судијата Енвер Беџети ви пресуди? Дали навистина имаше поднесено иницијатива за одговорност на судијата од страна на Тања Чачарова-Илиевска и дали оваа иницијатива се планираше да биде ставена на дневен ред?
ДАМЕВА: Информациите за конкретниот случај се веќе пласирани во јавноста, па не би се воздржала да го дадам одговорот и на ова прашање. Но, не станува збор само за барање за утврдување на одговорност, туку и за унапредување на конкретниот судија, односно негов избор за судија во Врховниот суд. Токму тоа беше една од причините поради кои, народски кажано, се прелеа чашата.

Воедно, Судскиот совет, вршејќи ги своите задачи во рамките на законските надлежности, имаше отпочнато и други постапки што беа во тек за судии, кои се профилирани како блиски до одредени луѓе од политиката. Ќе го споменам, покрај изборот на судии во Врховниот суд, и изборот на судии во Апелацискиот суд Гостивар. Не тврдам дека судиите биле блиски до тие луѓе од политиката, во тој момент имаше само индиции за тоа, но со оглед на реакцијата на тие луѓе и откако останаа без успех нивните напори за некои судии воопшто да не се поведува постапка, за други поведените постапки да се запрат, за трети да бидат унапредени, тоа јасно ме доведува до заклучокот дека истите особено се загрижени и заинтересирани за кариерата на одредени судии.

ФОКУС: Што е со професионалните судии?
ДАМЕВА: Од друга страна, пак, тврдам дека тие поединци од политиката, и тоа мора да биде јасно, дека станува збор за поединци од партиите кои се сега на власт, се сосема незаинтересирани кога станува збор за одреден круг на судии, оние професионалните, чесните и со интегритет. Тоа ми дава за право да кажам дека постојат јасни индиции дека во судството има одредено јадро на судии што се привилегирани. Работа на Судскиот совет е нив да ги детектира и да ги провери и доколку некој од нив работи незаконито, нестручно и несовесно, да ги отстрани од судскиот систем. Тоа јадро всушност ја урива довербата во судството и ги обесхрабрува чесните и вредни судии што одлично ја работат својата работа.

СУДСКИОТ СОВЕТ ПОЧНА ДА КОПА ПОД ДНОТО

ФОКУС: Вие добивте две одлуки за разрешување, што е само по себе куриозитет.
ДАМЕВА: Во ниту една од одлуките, не само што нема наведено законски причини, нема наведено какви било причини. Причини, аргументи, факти и докази за обвинувањата што ми се ставаа на товар усно изнесени на седницата од гласноговорниците и поборниците за моето разрешување во ниту една од одлуките нема, па од тука според она што официјално е содржано во тие одлуки, произлегува дека јас сум разрешена без причина. Во Законот за Судскиот совет нема предвидено постапка и причини за разрешување на претседател на Судски совет.

ФОКУС: Сепак, тоа не значи дека позицијата е фиксна и гарантирана за времетраење на мандатот и можно е претседателот да поднесе оставка или, пак, да биде разрешен.
ДАМЕВА: Не е случајно зошто законодавецот не предвидел процедура и законски основи за разрешување на претседателот на Судскиот совет. Меѓутоа, кога се пристапува кон ваква постапка, иницијаторот треба да биде особено јасен, прецизен и точен во наведување на причините, кои треба да се несомнено утврдени и поткрепени со докази, процедурата да биде беспрекорно и транспарентно изведена, а образложенијата да бидат детално аргументирани. Ова не го барам јас, ова се стандарди што мора да се почитуваат, дури и кога не се предвидени во законот.

Да не зборувам дека Советот се доведе во ситуација да ја отповикува, односно да ја става вон сила таа одлука, која не беше донесена со потребното мнозинство, а вон сила се става одлука што е донесена. Без мнозинство, одлука не се донесува. Настана еден тотален хаос, безредие и арбитрарност што Судскиот совет не смееше да си ги дозволи. И сето тоа беше болно за гледање, како што кажа и амбасадорот Коп, а јас би додала дека од тој момент Судскиот совет почна да копа и под дното.

ФОКУС: Дали Судскиот совет се соочуваше со опструкции при изборот на судии, факт е дека не се избираа судии, иако недостиг има секаде? Кои членови опструираа и зошто?
ДАМЕВА: Членовите на Судскиот совет не правеа опструкции за избор на судии, тоа е погрешна перцепција. Советот секојдневно е соочен со последиците од недостиг од судии во сите судови и не постои член кој би правел пречки во изборот и унапредување на судиите.

Огласот за избор на судии во Апелацискиот суд Скопје е објавен во јули 2021 година, во период кога претседател е Павлина Црвенковска и не можам да ги наведам причините поради кои дури по околу 8 месеци, односно во месец март 2022 година, на дневен ред беше ставена точка за формирање комисија за спроведување на постапката во врска со распишаниот оглас, односно комисија за рангирање на кандидатите.

И тогаш реално отпочна процесот за избор, најпрво со проверка на уредноста на документите на кандидатите и понатаму со сите стадиуми на оценување, кое за првпат се спроведува согласно Правилник за начинот на рангирање на кандидатите за избор на судија во повисок суд, донесен во 2020 година.

ФОКУС: Во последната фаза од оценувањето, Судскиот совет се соочи со пречка затоа што во државата нема акредитирана институција за спроведување на психолошкиот тест и тестот за интегритет, нешто што е предвидено како законски услов за избор и унапредување на судиите.
ДАМЕВА: Откако бев запознаена со тој факт како претседател, веднаш во месец февруари ја алармирав владата. Немаше реакција од владата, поради што во месец март доставив и ургенција, со цел да се заложи интервентно за решавање и надминување на проблемот што е во нејзина надлежност.

Од сегашен аспект, кога сликата барем мене ми е појасна, ми останува сомнежот за причините поради кои се одлагаше постапувањето по доставените дописи. Во поткрепа на овој мој сомнеж е и фактот дека во месец јуни, владата донесе препорака за начинот на надминување и изнаоѓање решение, по која препорака постапи Советот, дерогирајќи законска одредба.

А причините за моето гласање „против“ се образложени во моето издвоено мислење, кое е објавено на веб-страницата на Судскиот совет. Искрено сум загрижена од ваквата одлука поради последиците што би можеле да настанат во иднина.

ПРИПАЃАМ НА ФРАКЦИЈА КОНТРОЛИРАНА ОД ЗАКОНОТ

ФОКУС: Каква соработка имавте додека бевте претседателка со вашиот заменик Селим Адеми, кој беше предводник на Вашето разрешување?
ДАМЕВА: Колегијалниот однос со членот на Советот, Адеми, кој беше заменик на претседателот на Судскиот совет во времето додека бев јас, беше коректен, разменувавме мислења и ставови и нашите заложби не се разидуваа до моментот кога Судскиот совет почна да презема сериозни и конкретни чекори, како за избор на судии, така и за утврдување одговорност на судии.

Мојот прв приоритет како претседател беше детектирање и санкционирање на судиите кај кои ќе се препознае и утврди коруптивно дејствување. Кога зборувам за коруптивно дејствие, не мислам само на класичниот поткуп, туку и манипулации со изземањата во судовите, како извор на корупција, поделбата на предметите, тргувањето со влијание, застарување на предмети и за отстранување на она јадро од судии за кои постоеја индиции дека одработуваат за нечии туѓи интереси, односно за одредени поединци од политиката, со цел задоволување нивни лични, приватни или партиски интереси.

Меѓутоа, кога зборовите требаше да се преточат во дела, кога стана јасно дека мојата одлучност не е само декларативна и дека јас нема да се поколебам во неселективната борба против ова, тогаш настанаа првите недоразбирања.

ФОКУС: Вашите односи со поранешната претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, очигледно се нарушени. На седницата на „првото Ваше разрешување“, таа рече дека дала оставка поради хајката што сте ја воделе против нејзе?
ДАМЕВА: Впрочем, личните односи и не се воопшто важни, важно е да имаме заедничка цел со која ќе ја враќаме довербата во судството. Не би се впуштила во коментар за нејзините причини за оставката, сепак тоа е личен чин, но морам да истакнам дека сите ние, членови на Судскиот совет, покрај нашите привилегии, имаме и обврска кон граѓаните. Нашата обврска е нашата одговорност, а одговорноста во конкретниот случај е да се преземат конкретни дејствија за утврдување на фактите и евентуално санкционирање на причинителите на недозволени дејствија, па макар да се насочени и кон член на Судски совет или кон претседател. Паушалните наводи го нарушуваат и личниот интегритет и угледот на институцијата.

ФОКУС: Очигледно дека постојат фракции во Судскиот совет. Кој ги контролира тие фракции?
ДАМЕВА: Оваа перцепција во јавноста ми е позната, сум ја слушнала и претходно. Но ова прашање ќе мора да се упати и на останатите членови, а јас за мене можам да кажам дека припаѓам на фракцијата која е контролирана од законот.

ЧЕСНИТЕ СУДИИ СЕ „КРШАТ“

ФОКУС: По разрешувањето, Ве обвинија дека сте биле вклучени во постапки каде што Вашиот сопруг, односно фирмата каде што тој е директор, се јавува како оштетен. Кажавте дека не сте барале изземање, туку само сте ги информирале членовите. Дали сметате дека треба да бидете изземена?
ДАМЕВА: Напротив, постапувајќи согласно моите законски обврски од Законот за Судскиот совет, веднаш откако осознав дека во одредена судска постапка мојот сопруг или фирмата во која работи се јавува во какво било својство во судски постапки, по кои постапуваат судии за кои се во тек постапки за унапредување и за утврдување на одговорност, го известив Советот.

Тоа е законска обврска, но апсолутно сметам дека не постоеше никаква реална основа да бидам изземена. Тоа го наведов и во известувањата, па и тогаш, и сега сметам дека мојот интегритет не дозволува да имам каква било пристрасност или наклонетост кон судиите за кои јас до тој момент не ни знаев дека постапуваат по предмети во кои е инволвиран мојот сопруг или компанијата каде што тој е вработен.

Сепак, Советот одлучи да бидам изземена и јас таа одлука сум должна да ја почитувам и нема да ја коментирам понатаму. Зошто од страна на одредени членови се дигна толкава врева, мене ми е познато. Во недостиг од аргументи и факти за некој е доволно и паушално да изнесувате одредени состојби, со цел да се наруши неговиот интегритет.

ФОКУС: Довербата во правосудството, според последната анкета на ИРИ од три отсто падна на еден отсто. Има ли решение за нашето болно правосудство?
ДАМЕВА: Верувам дека за секоја болест има и лек, ама во секое лекување најважна е желбата на болниот да оздрави затоа што ако болниот се откаже и се предаде на болеста, тогаш ниту лекот, дури и да го има, нема да дејствува. Исто така, битно е и болеста да не е неизлечлива. Така е и во нашето правосудство.

Неколкупати во моите јавни настапи сум кажала дека довербата тешко се стекнува, а многу лесно се губи, а најтешко се враќа изгубената доверба. Нашиот правосуден систем ја изгуби довербата, иако да бидеме јасни, таа од осамостојувањето на државата, па сè до денес, никогаш не била ниту на завидно ниво.

Мојата кариера во судството ја почнав во 2002 година. Веќе сите знаат дека пред да станам член на Судскиот совет, јас бев стручен соработник во Основниот кривичен суд Скопје и сум работела со повеќе судии. Понекогаш лично не сум се согласувала со начинот на водење одредени постапки и одлуките што ги донесувале судиите со кои сум работела, но од таа позиција јас не сум била во можност да го изразам своето мислење.

НЕ СТАНАВ СУДИЈА ПОРАДИ ТЕФТЕРЧИЊАТА

ФОКУС: Каква е перцепцијата кога сте дел од судството?
ДАМЕВА: Однатре перцепцијата е поинаква, гледате дека одредени судии поради сервилност полесно поминуваат низ кариерните бариери, а други, пак, поради своите принципиелни ставови, стагнираат и се маргинализирани. Во македонското судство, сите се познаваат и точно се знаат квалитетите и капацитетите на секој судија. Гледате како одредени судии се „кршат“ и се обесхрабруваат.

Судиите се критикувани дека не зборуваат јавно за притисоците и тоа е точно. Но, дали некој се прашал зошто е тоа така и дали во нашето општество воопшто некогаш имало можност и поволна клима некој судија да излезе и да проговори со што сè се соочува во неговата секојдневна работа и во какви услови работат судиите, дали државата им обезбедила сè што им е потребно и дали им гарантирала безбедност и сигурност.

Не зборувам дека судиите се уплашени, но сериозно се загрижени за нивната кариера, голем дел од нив се професионалци, кои целиот работен век го поминале по скалилата во правосудниот систем и имаат завидно искуство и секако дека двапати ќе размислат дали ќе се изложат на ризикот да критикуваат, без притоа да имаат сериозни гаранции дека нема да бидат разрешени или дека тоа нема да се одрази на нивната кариера.

ФОКУС: Дали болеста на судството е неизлечлива?
ДАМЕВА: Откако болеста ќе биде правилно и точно дијагностицирана и лекот многу полесно ќе се најде, а болеста на правосудниот систем не е неизлечлива, но не смее да се дозволи да метастазира. Тврдам дека во македонските судови има судии со капацитет и интегритет, тие само треба да се препознаат и да им се даде шанса, да се охрабрат, да се поддржат и резултатите ќе бидат видливи.

Ќе истакнам дека само доколку судиите одбијат какви било влијанија за кои впрочем зборуваат во анонимната анкета според која процентот на влијанија е огромен и доколку стават бедем со својот интегритет при постапување и одлучување, довербата ќе почне да се враќа.

ФОКУС: Зошто одлучивте да бидете дел од Судскиот совет?
ДАМЕВА: Бидејќи по толку години поминати во судството, но од друга позиција, ги знаев сите проблеми, Сцили и Харибди, со кои се соочуваат судиите, а неоптоварена со товарот и одговорноста што тие го носат, јас прифатив да бидам член на Судскиот совет, иако однапред бев свесна за критиките со кои и се соочив како по мојот избор за член, така и откако бев избрана за претседател.

ФОКУС: Работното искуство сте го поминале во Кривичниот суд, како стручен соработник. Зошто не сте станале судија кога сте имале големо искуство?
ДАМЕВА: Не станав судија од истите причини поради кои голем дел од избраните судии не напредуваа во својата кариера. Поради сите тефтерчиња и списоци што се правеа во партиските штабови и владините кабинети, кое и на јавноста ѝ е добро познато, без оглед на структурата на власта, принципот беше ист, само нијансите беа различни.
Би сакала ова интервју да го завршам со мислата на покојниот Никола Младенов, основачот на Фокус: „Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина од безрбетници и тука нема компромис“. Да, точно е. И по 13 години, ништо не е променето, а јас само би додала, компромис за борба против корупцијата не треба да има.

 

ЧЛЕНОВИТЕ СО ТЕКОТ НА ВРЕМЕТО РЕТЕРИРАА И ОМЕКНАА

ФОКУС: Дали и другите членови на Советот беа решени да се расчисти со нечесните судии?
ДАМЕВА: Кога Судскиот совет се зафати со оваа работа, иако на почетокот генерално, и членовите беа одлучни дека на таквите судии не им е место во судството, како одминуваше времето дел по дел и некои од членовите ретерираа и омекнаа во ставовите и на крајот останавме неколкумина, па кога однатре ќе го разбиете единството, сплотеноста и одлучноста кон постигнување одредена цел и ќе го зададете финалниот удар со разрешување и на претседателот, се прашувам кој ли ќе ја води таа борба понатаму, кој ли ќе се одважи и дали воопшто одредени процеси што останаа во зародиш, ќе бидат завршени и кој ќе биде исходот од тоа. Една од тие постапки е запрена, останува да го почекаме продолжението, односно она што ќе следува.

 

НЕМА ДА ПОДНЕСАМ ОСТАВКА

ФОКУС: Добивте поддршка од стручната јавност, која бара оставки од сите членови на Судскиот совет по контроверзното разрешување? Вие кажавте дека останувате во Советот додека не Ве отстранат.
ДАМЕВА: Повикот на стручната јавност за оставки упатен до сите членови на Судскиот совет е легитимен по сите случувања и сликата што Советот ја создаде во јавноста како нефункционален и нелегитимен колективен орган. Јас останувам да бидам член и во овој момент нема да поднесам оставка, затоа што сметам дека некои процеси што се почнати, треба да се завршат и да не останат заборавени или затскриени. Останувам за да укажувам, да зборувам кога треба, а кога треба и да молчам гласно за сè што се случува и ќе се случува во Судскиот совет. Тоа го препознавам и кај некои од членовите на Советот што се борат за нивните заложби, за независно и самостојно судство, владеење на правото и неселективно постапување и одлучување. Останувам и за да го почекам исходот од постапките што ги поведов.

Поврзани новости