(АРХИВА) Илиевски: Јанкулоска е најголемата жртва на прислушувањето, ја чинеше професионална кариера и одмазднички кривичен прогон!

by fokus

Интервјуто е објавено на 21 април, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1333

Разговараше: Валентина ВУРМО

ФОКУС: Вашата сопруга Јанкулоска веќе 7 месеци е во затворот „Идризово“, каде што ја издржува 4-годишната казна за „Тенк“. Како ја поднесува оваа ситуација, со оглед на тоа и дека имате двегодишен син?

ИЛИЕВСКИ: Целиот политичко-судски прогон на кој е изложена во последниве 6 години, Гордана го трпи стоички, гордо и достоинствено. Свесни сме дека проблемите попрво ќе се мултиплицираат во следниве месеци отколку што ќе почнат да се решаваат, имајќи предвид дека како резултат на фарсичните постапки и интегритетот и (не)зависноста на судството лесно е да се антиципира конечниот исход и за преостанатите два судски предмети („Таргет/Тврдина“ и „Титаник“). Сепак, она што на Гордана, но и на целото семејство ни дава сила и поттик да издржиме во целата ситуација е остварување на нејзината целосна рехабилитација, како и утврдување на одговорност за сите инволвирани во кршењето на човековите права.

ФОКУС: Откако ѝ беше врачена пресудата, експресно беше спроведена зад решетки. Дали ова беше направено бидејќи властите стравуваа да не избега како Никола Груевски?

ИЛИЕВСКИ: Не, тоа беше направено за да биде докрај понижена (барем таа беше интенцијата) на начин што одбрана ТВ екипа од провладин „нережимски“ медиум ќе може да ја сними како со лисици на рацете е спроведувана во затвор. Гордана јасно кажа уште пред повеќе години дека нема намера да бега и до крај си остана на зборот. Реално, бегството од проблемите за неа никогаш не било опција. Впрочем, затоа и како министер со огромен успех и без какви било калкулации ги извршуваше најтешките и најнеблагодарни работни задачи и реално и затоа и беше избрана како само една од неколкуте министри од владите на ВМРО-ДПМНЕ за да биде прогонувана од канибалите на оваа власт.

Властите не можеа да стравуваат од бегство затоа што зградата во која што живееме (а која се наоѓа на 10 метри од МВР) беше десетина дена под опсада 24/7 од преку 20 припадници на МВР (во униформа и цивил), кои ги трошеа ресурсите на Министерството за да демонстрираат сила и строгост пред нас и пред соседите, која вклучуваше и претреси на возила во кои се наоѓаа мали дечиња.

Спроведувањето во затвор без да ѝ се даде можност на Гордана доброволно да се пријави за одлежување на затворската казна само уште еднаш ја потврди бруталноста, бескрупулозноста и нецивилизираноста на судско-извршната власт (која сиве овие години дејствува унисоно и координирано), која имаше за цел да ги задоволи ниските страсти на нарачателите и да го засити паланечкиот дух на македонската јавност, полн со злоба и пакост. Поддршка за овој „спектакл“ доброволно дадоа бројни медиуми, кои наместо да бидат коректив на власта, свесно се ставија во улога на послушници на власта.

ФОКУС: Велите дека јавноста имала паланечки дух и била полна со злоба и пакост. Па, како тогаш ги опишувате разговорите  на вашата сопруга од „бомбите“, кога вели дека „За уши, циган по циган ќе ги вадиме“ или кога со смеење раскажува како „човечињата од Пустец за рака фатени си гласаат“?

ИЛИЕВСКИ: Тоа што сѐ уште се повикувате на овие „реплики“, говори дека, за жал, сѐ уште се присутни ефектите од пропагандната машинерија, која меѓу другото имаше за цел да ја демонизира Гордана преку извртување на содржината на нелегално снимените приватни разговори и нивно ставање во контекст, кој немаше врска со реалноста, но добро служеше за манипулирање на јавноста за остварување на партиски цели.

Најбрутален е примерот со извитоперување на еден фрагмент од разговорот во врска со убиството на Мартин Нешкоски, каде што изговорените зборови на Гордана дека се нервира што некој се обидел да скрие дека е убиен Мартин, беше претставено дека Гордана се нервира затоа што таа не може да го скрие убиството! Таквите извитоперени зборови беа бесрамно користени за мобилизација на протестантите, од тоа се правеа банери, постери и слично. Колку треба да се биде нечовечен за на таков начин да се експлоатира нечија смрт и на очиглед на сите (снимката верувам дека сѐ уште е присутна на интернет и може лесно да се провери како точно се кажани зборовите) да се прават вакви подметнувања со цел сатанизирање на политичкиот противник?

Доколку сме искрени пред себе ќе се согласиме исто така и дека никој не бил влечен за уши, како што може да се согласиме дека гласачите од Пустец се предмет на сожалување, а не на исмејување. Ама, како што ќе кажат перјаниците на пропагандата на актуелната власт, тоа е прашање на перцепција.

ФОКУС: Јавноста добро се сеќава како се апсеше во време на ВМРО-ДПМНЕ?

ИЛИЕВСКИ: Сметам дека е aпсолутно недозволиво да се прави паралела меѓу добро организираниот медиумски линч со безмерна злоба и омраза, кој сѐ уште ѝ се прави на Гордана и строго селектираните фрагменти од нејзини приватни разговори, кои често пати биле дадени во излив на нервоза, стрес или други афектни состојби, кои впрочем се одлика на секој човек. Со упорното цитирање на овие фрагменти и експлоатирање на разговорите, кои беа објавени пред повеќе од 6 години, вие го враќате на сцена вербалниот деликт, кој беше прилично експлоатиран во минатиот систем на општествено уредување.

ФОКУС: Во времето кога Јанкулоска беше министер за внатрешни работи, кога се апсеше Љубе Бошкоски, дури двапати се повтори „сцената со апсењето“, за да можат да снимаат тогашните провладини медиуми. Тогаш Бошкоски не беше понижен?

ИЛИЕВСКИ: Каква врска има Гордана со тие сцени? Ако не се лажам, за тоа се води судска постапка во кривичниот суд, а Гордана не е меѓу обвинетите лица. Дури и под претпоставка дека таа има свој придонес (иако нема), дали вие така ја замислувате правдата, преку спроведување на талионското начело?

И СЛУЧАЈОТ „ТЕНК“ СТИГНА ПРЕД СУДОТ ВО СТРАЗБУР

ФОКУС: Случајот за набавката на мерцедесот е правосилен. И Врховниот суд не ги прифати аргументите на одбраната дека случајот е застарен. Сепак, најавивте дека правдата ќе ја барате во Судот за човекови права во Стразбур. Дали поднесовте апликација?

ИЛИЕВСКИ: Аргументот на застареност, воопшто, не беше користен од одбраната во однос на обвинението за Гордана, бидејќи реално не постоеше застареност со оглед на фактот што за делото за кое таа беше осудена, е запретена многукратно повисока казна од запретената казна за делото за кое беше Груевски осуден. Тоа што Врховниот суд ја потврди казната не ја прави истата легална и легитимна, имајќи го предвид интегритетот и капацитетот на судиите и образложението на самата пресуда. Инаку да, откако пресудата стана конечна, поднесовме апликација пред Европскиот суд за човекови права и по истата Судот постапува.

ФОКУС: Кои се вашите аргументи пред судот во Стразбур?

ИЛИЕВСКИ: Не би излегувал со детали. Би истакнал само дека во најголем дел се однесува на повредата на правото на правично судење преку повреда на принципот на владеење на правото, повреда на еднаквоста на оружјата, пристрасноста и отсуството на независност на судот, повреда на пресумпција на невиност, повреда на правото на одбрана итн.

ФОКУС: Постојат обиди за минимизирање на случајот „Тенк“, во смисла дека луксузниот мерцедес бил навистина потребен и сите се возеле во него. Но, се заборава дека процесот се водеше за наместениот тендер, односно фаворизирање на компанија. Во обвинението, а потоа и во пресудите, се потенцира дека Јанкулоска со кршење на Законот за јавни набавки му ја исполнила желбата на Груевски. Зошто не се спротивставила?

ИЛИЕВСКИ: Минимизирањето на предметот „Тенк“ е резултат на осуството на каква било штета во набавката на мерцедесот, а штетата е предуслов за да постои кривично дело. Прашајте кој било кривичар, па и правник во целина, ќе ви го потврди тоа.

Тоа што битието на кривичното дело од член 353 ст.5 е толку широко поставено да дозволува толкување дека и не е неопходно постоење на штета само ја потврдува неуставноста на ваквата одредба, која е анахрона и тврдам дека постои само во нашиот Кривичен законик и затоа е толку податлива за нашето Обвинителство за организиран криминал 90 отсто од обвиненијата да се темелат токму на оваа одредба.

Гордана Јанкулоска воопшто не учествувала во процесот на јавна набавка, ниту еден материјален доказ од набавката нема нејзин потпис, ниту пак, е обвинета за тоа. Таа е обвинета за поттикнување при „фаворизирањето“ на економскиот оператор, иако судот не најде за сходно во барем една реченица од пресудата (која брои 190 страни) да објасни со кои дејствија Гордана го сторила поттикнувањето и од кои докази произлегува истото.

Со оглед на тоа што пресудите (анонимизирани) се јавно достапни за секој граѓанин, еве еден предизвик за новинарите, стручната јавност и/или за „обичните“ читатели, да издвојат неколку часа и да ја прочитаат првостепената пресуда и да се уверат дали е вистина ова што го кажувам. Да не зборам дека предмет на обвинението нема врска ниту со организиран криминал, а уште помалку со корупција. Исто така, од значење е фактот што со новиот Закон за јавни набавки од 2019 година фаворизирањето на економски оператор е целосно декриминализирано и истото може да биде единствено основ за поништување на постапката за јавна набавка.

ОТСУСТВО НА СОМНЕЖ  ЗА СУДОТ Е ДОКАЗ ЗА ВИНА  

ФОКУС: Јанкуловска неодамна беше осудена на 4 години затвор и за случајот „Таргет и Тврдина“, но не за нелегално прислушување, туку во делот со уништувањето на опремата. И таа, и вие како одбрана, тврдевте дека немала умисла за да го изврши делото што ѝ се става на товар. Тогаш зошто го потпишала решението за уништување на опремата?

ИЛИЕВСКИ: Начинот на кој го поставувате прашањето одлично ја отсликува површноста, тенденциозноста и малициозноста со која настапуваат „критично“ настроените новинари при покривање на предметите од поранешното СЈО. Имено, доколку постои барем малку коректност и професионалност ќе се знае дека не постои „Решение за уништување на опремата“, туку постои „Решение за формирање комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденција на средства и опрема“. Верувам дека ќе се согласите со мене дека станува збор за сосема различни називи и дека од називот на Решението за формирање комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденција, не се сугерира дека воопшто ќе се уништи некоја опрема и која опрема ќе се уништи.

Впрочем, тоа е јасно и за самото Обвинителство, со оглед на фактот што во Обвинителниот акт е наведено дека „нарачателот“ на уништувањето на опремата, со цел да прикрие дека има намера да го уништи системот за прислушкување, прибегнува кон предлагање на Решение со ваков општ назив за да не дознае вистинската намера.

ФОКУС: Значи според вас обвинителството не докажа вина кај Јанкулоска?

ИЛИЕВСКИ: Од ниту еден доказ изведен на предлог на обвинителството не произлезе дека Гордана Јанкулоска знаела за вистинската цел поради која УБК побарала да се формира наведената комисија и дека помагала во нејзиното уништување. Обвинителството во своите завршни зборови, свесно за отсуството на какви било аргументи, а уште помалку на докази за постоење умисла кај Гордана, излезе со небулозни обвинувања дека кај Гордана требало да се појави сомнеж за вистинскиот мотив на барањето на УБК за формирање на комисијата за попис, имајќи го предвид општествено-политичкиот момент во државата во тој период (?!) и дека тоа ја прави виновна,

Со тоа го  пренебрегна фактот што во периодот кога се потпишало решението за Комисијата, постоела правосилна пресуда врз основа на признание на Ѕвонко Костовски, а во врска со предметот „Пуч“, кој се однесува на незаконското прислушкување, дека за Судот не постоело потреба од обезбедување на системот Nice Track како доказ, како и фактот што Јанкулоска како министер, на дневна основа потпишувала десетици решенија за различни прашања со оглед на ингеренциите на министерот и бројот на вработени во Министерството.

Замислете како би функционирало МВР доколку кај Гордана Јанкулоска се јавувало сомнеж за секое едно решение кое требало да го потпише а кое претходно било парафирано од надлежните лица вработени во Секторот за правни прашања дека содржината и формата на решението е во согласност со законот, како што било случај и со конкретното Решение?

Оттука, се наметнува заклучокот дека за Обвинителството, па и за Судот, отсуството на сомнеж е клучен елемент за постоењето вина.

ФОКУС: Значи тоа што немала сомнеж според вас ја амнестира од вина?

ИЛИЕВСКИ: Гордана е обвинета и осудена за помагање во извршување на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Согласно член 24 од Кривичниот законик, помагањето налага постоење умисла. Секој студент на право знае дека отсуството на сомнеж не претставува умисла и дека за умисла е потребно сторителот да бил свесен за своето дело и да го сакал неговото извршување, или да бил свесен дека поради неговото (не)сторување може да настапи свесна последица, но се согласил со нејзиното настапување.

Во отсуство на каков било материјален или вербален доказ, кој би го потврдил истото, самото опстојување на ваквото обвинение и носењето осудителна пресуда не само што е во спротивност со изведените докази, туку се коси и со здравиот разум, односно истото не може рационално да се објасни. Имено, Гордана Јанкулоска како една од најприслушкуваните министри и воопшто граѓани (пред неколку дена добивме официјално известување од Обвинителство дека во период од 750 дена на незаконско прислушкување на Јанкулоска, биле пресретнати над 12.000 разговори и над 134.000 смс пораки) не можела да има мотив како внатрешен поттик за формирање умисла, за прикривање на незаконското прислушкување преку ништење на системот Nice Track…

Освен секако, доколку Обвинителството и Судот не сметаат дека Јанкулоска страда од Стокхолмски синдром, па со ризик да биде осудена на казна затвор од најмалку 5 години и да надомести штета во износ од десетици милиони денари, таа одлучила да ги прикрива трагите од прислушувањето кое ја чинеше професионална кариера, одмазднички кривичен прогон и медиумски линч и хистерија која еве влегува во својата седма година.

Оттука, живо ме интересира што ќе напише Судот во пресудата во однос на постоењето на умислата кај Гордана Јанкулоска и дали можеби додека судиите ја пишуваат пресудата ќе им затрепери раката исто како што им затрепери гласот додека ја соопштуваа пресудата?

ФОКУС: И вашата сопруга се прогласи за една од жртвите на незаконското прислушување. Го праша ли некогаш Сашо Мијалков зошто нејзиниот број бил еден од најприслушуваните, односно како можел некој во УБК да се дрзне и секојдневно да го прислушува тогашниот министер за внатрешни работи?

ИЛИЕВСКИ: Повторно малициозност во прашањето. Викате „се прогласи“, како тоа да е прашање на субјективно чувство, а не објективен факт. Не се прогласила Гордана Јанкулоска за жртва, тука таа е жртва и тоа, заедно со Миле Јанакиески, најголемата жртва од незаконското прислушкување.

Како што претходно истакнав, од страна на Обвинителството имаме потврда дека од телефоните на Гордана незаконски се пресретнати над 12.000 разговори и над 134.000 смс пораки, а бројките за Миле Јанакиески се уште поголеми, над 44.000 разговори! Кажете ми кој друг од нив двајца плати повисока цена од незаконското прислушкување и кој според вас е подобен да биде жртва и според кои критериуми?

А за тоа дали го прашала Сашо Мијалков за прислушувањето, вистинското прашање е зашто исходот од судската постапка не дава одговор на прашањето зашто некој, кој и да е тоа, се дрзнал да прислушкува министер за внатрешни работи?

Мислам дека ниту на обвинителството ниту на судот му одговараше да се дознае кој е мотивот и кој вистински наредил да се прислушува Гордана Јанкулоска, бидејќи во тој случај ќе се потврдеше дека најголема жртва е токму Јанкулоска и на судот ќе му беше потешко да ја осуди. Одговорот на ова прашање можеби ќе се дознаеше доколку Обвинителството ја предложеше Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески како сведоци и како оштетени лица, наместо арбитрарно и самоволно нив да ги заобиколи на сметка на лица со по 1-2 прислушувани разговори кои парадираа во судница и даваа изјави во поткрепа на теоријата на случај на Обвинителството.

ПРИОРИТЕТ БЕШЕ „ТЕНК“, А ШТО Е СО „СКОПЈЕ 2014“?!

ФОКУС: Зошто на судот и обвинителството не им одговараше да се дознае кој е мотивот за масовното нелегално прислушување?

ИЛИЕВСКИ: Уште со самиот старт на работата на СЈО се правеа калкулации од страна на правосудните власти во комуникација со одредени функционери на ВМРО-ДПМНЕ за тоа на кои предмети да им се даде приоритет, кој од поранешните функционери ќе бидат обвинети, во колку предмети и кој од нив ќе биде обвинет со обвинителен акт, а кој со обвинителен предлог. Па така, како прв приоритетен предмет се наметна набавката на мерцедесот и набавката на 300-те возила во МВР, а меѓу топ приоритетните предмети беше и случајот Насилството во Општина центар и предметот „Тревник“ за викендиците „дивоградби“ на браќата Павловиќ.

По кој критериум се одлучувало токму овие предмети каде што нема ни К од корупција или организиран криминал да имаат приоритет? Или зашто одредени лица кои беа етикетирани како најодговорни за криминалите СЈО ги гонеше со обвинителен предлог? Што се случува со предметот за Скопје 2014-та?

Како испадна на крај само Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски реално да одговараат за „штетата“ (која всушност не постои, но мораа со разни правни акробации на мускули да ја создадат бидејќи цел предмет ќе им паднеше во вода) за системот за прислушкување Nice Track? Како министрите и други функционери, кои беа клучни фигури во извршната власт и чии министерства / институции беа големи набавувачи на опрема воопшто не беа опфатени со обвиненија или беа опфатени со обвинителни предлози?

Ова се прашањата кои треба да ги поставувате доколку се сметате за критички новинар.

ФОКУС: Која е вашата теза за ваквата ситуација? Зошто дел од поранешните функционери се „амнестирани“?

ИЛИЕВСКИ: Рационалното објаснување е дека тие „амнестирани“ лица со своето пасивизирање или дејствување (зависно за кој станува збор) треба да помогнат ВМРО-ДПМНЕ да остане слабо и поделено за да не може да оствари изборна победа и покрај катастрофалното владеење на оваа власт. Можеби на некои од нив им се помага да бидат репрезенти на „новото лице“ на ВМРО, не знам…

ФОКУС: Пред Судот во Стразбур се 9-те апликации со кои барате да се врати на сила аболицијата на екс претседателот Ѓорги Иванов, дадена на обвинетите од страна на СЈО. Во која фаза е оваа постапка?

ИЛИЕВСКИ: Во фаза на очекување на одговорите на владата на прашањата кои што Судот и ги постави.

ФОКУС: Еден од вашите аргументи е дека еднаш дадена аболиција не се повлекува. Но, дали стравувате од тезата на владата, со која ќе се брани пред судот, дека оваа аболиција од самиот старт беше ништовна?

ИЛИЕВСКИ: Не е само наш аргументот дека еднаш дадена аболиција не се повлекува. Тоа е аргумент на секое лице на кое му е познат принципот на владеење на правото. Инаку, постојат повеќе аргументи со кои може да се оспори тезата на владата што ја споменувате. Во оваа пригода би истакнал еден од аргументите, а тоа е дека Одлуките за помилување биле валидни за Основниот кривичен суд во Скопје и тоа може да се заклучи од фактот што овој Суд ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ со Решение ја запре кривичната постапка поведена за обвинетите во врска со предметот „Пуч“, токму заради донесена Одлука за помилување од страна на претседателот на Републиката.

ДОГОДИНА ОДЛУКА ВО СТРАЗБУР ЗА АБОЛИЦИЈАТА НА ИВАНОВ

ФОКУС: Кога очекувате да има одлука?

ИЛИЕВСКИ: Како резултат на одолжувањата и купувањето време од страна на владата, за кое медиумите беа информирани пред неколку месеци, очекувам одлука да има следната година.

ФОКУС: Во случај Судот во Стразбур да ја „оживее“ аболицијата на Иванов, кои правни последици ќе настанат во државата? Дали обвинетите ќе бараат отштета од државата?

ИЛИЕВСКИ: Станува збор за несекојдневен, можеби и единствен предмет, односно група на предмети, за кои Европскиот суд за човекови права одлучил да постапува по член 6 од Конвенцијата, иако нема правосилна и конечна пресуда од националните судови. Ова само по себе доволно говори за сериозноста на аргументите на одбраната за повредата на правото на правично судење.

Оттука, доколку судот утврди повреда на член 6, правните последици би биле покомплексни отколку што тоа е обично случај кога постои конечна пресуда, бидејќи во тој случај во националното процесно законодавство постои механизам за повторување на постапката. Сепак, доколку се почитува ЗКП, би требало од страна на Судот да се донесат Решенија за запирање на кривичната постапка, односно ослободителни пресуди за сите лица кои што биле помилувани од претседателот Иванов, без разлика дали поднеле Апликација во Стразбур или не.

Во однос на вториот дел од прашањето, мислам дека преурането е сега да се размислува за оштетни побарувања. Она што е најбитно да се случи е да запре кривичната постапка за помилуваните односно да се донесат ослободителни пресуди.

БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ Е ОТСУСТВО НА ВИТЕШКИ ДУХ

ФОКУС: Миле Јанакиески, во една пригода во судница, рече: „Го нема магарето, па удривте по самарот“! Дали вака се чувствува и вашата сопруга, односно дека Груевски ги остави на цедило, бидејќи и таа еднаш му реплицираше дека е лесно од далечина од 800 км да кажува што и како требало?

ИЛИЕВСКИ: Бегството на Груевски може да се гледа како на отсуство на витешки дух, но истото не би смеело да има какви било импликации во однос на основаноста и жестокоста на кривичниот прогон на Гордана доколку ние навистина бевме правна држава со независно обвинителство и судство, каде што се суди врз основа на закон и утврдена фактичка состојба, без пазарење, компензации и слично. Секој сам одлучува како ќе се брани и од каде ќе се брани, и во крајна линија, имајќи ги предвид законите на природата, не може да се оспори легитимноста на чинот не бегство, дотолку повеќе што никој од надлежните не одговараше за тоа.

Сепак, како што наведов и претходно, бегството од проблемите и предизвиците не е стилот на Гордана. Она што сакам да го кажам е дека аргументите на Гордана во однос на обвиненијата и пресудите што ја товарат се подеднакво силни и со и без Груевски во државата, доколку обвинителството и судството навистина се држеа до принципот „никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција“. Сепак, во услови на постоење на закрепостени судии и обвинители кај нашите двајца феудални владетели (поделени по етничка линија), сметам дека секако бегството на Груевски негативно се одрази на судбината на судските процеси против Гордана.

Инаку, оној кој што вистински ја остави на цедило Гордана е македонскиот правосуден систем, систем кој го поттикнува и охрабрува поданичкиот однос на судиите и преку Судскиот совет истите ги наградува преку унапредување, создавајќи на тој начин первертиран мерит систем.

ФОКУС: Дали откако Никола Груевски избега, вашата сопруга имаше било каква комуникација со него, во смисла да и се извини или слично?

ИЛИЕВСКИ: Не, немала никаква комуникација.

ПРЕМНОГУ СЕ ДРАМАТИЗИРА ТЕФТЕРОТ НА ЈАНКУЛОСКА

ФОКУС: Со „дрва и камења“ фрлате кон судиите, но од прислушуваните разговори се слушна дека токму Јанкулоска имала тефтер во кој под број ги запишувала судиите што требало да бидат избрани. Зар овие судии беа независни и професионални?

ИЛИЕВСКИ: Најнапред да кажам дека премногу се драматизира тефтерот на Јанкулоска и му се придаваат и митски димензии, иако реалноста е многу поразлична во однос на тоа кои лица имале влијание во процесот на селекција и избор на судиите. Во врска со Вашето прашање, моето лично убедување е дека еден дел од судиите што биле избрани за време на минатата власт не се независни и професионални, но иронијата е во тоа што поголем дел од овие судии одлично проаѓаат кај актуелната власт. Впрочем, некои од овие судии беа дел од судечките совети кои донесоа осудителни пресуди за предметите на СЈО.

Инаку, не би се согласил дека критичкото опсервирање на работата на судиите е фрлање со „дрва и камења“ бидејќи сметам дека како адвокат тоа е мое право но и обврска и сметам дека истото е во заштита на јавниот интерес. Критиката не е само поради очигледните слабости кои ги генерира системот на избор и унапредување на судиите и механизмот на „прочистување на судството“, туку и поради оправданиот сомнеж за пристрасност, кој одредени судии го предизвикуваат во поедини предмети.

Верувајте дека нема понепријатно чувство од тоа однапред да знаете дека ќе бидете осуден и дека без разлика какви докази изведувате, колку аргументи изнесувате и колку активен придонес давате во своја одбрана, да гледате дека сето тоа едноставно не допира до судијата, односно рикошетира од него. Таквата перцепција беше присутна за цело време на доказната постапка во конкретните предмети кои завршија со осудителни пресуди.

ЕКС ФУНКЦИОНЕРИ НА ВМРО-ДПМНЕ ИМАЛЕ НЕФОРМАЛНИ СПОГОДБИ СО СЈО

ФОКУС: Дали за време на истрагите, вашата сопруга доби понуда од тогашното СЈО да се спогоди, да стане соработник на обвинителството,  односно, на пример, да сведочи против поранешниот шеф Груевски, а таа да се спаси од кривичен прогон?

ИЛИЕВСКИ: Не сме добиле таква понуда. Она што јас го знам е дека такви неформални спогодби се склучиле уште во првата година-две од формирањето на СЈО и тоа со некои поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ, но не за да сведочат против Груевски, барем не формално во судска постапка, туку да се дистанцираат од ВМРО-ДПМНЕ по разни форуми и во медиумите. Во овој контекст, од страна на одредени „емисари“ и на Гордана и беа праќани пријателски совети дека тоа е начинот за полесно да помине во судските постапки.

Поврзани новости