Македонија и македончиња

by fokus

Целокупната наша историја е историја на маки, премрежија, амбиси и понори кои однеле многу животи, вечна борба да бидеме свои на своето, да можеме гордо и поносно со крената глава да кажеме јас сум Македонец, а ова е Македонија. За таа идеја, за тој вековен стремеж положени се многу жртви по патот кој мораа да го изодат неколку генерации Македонци.

Пишува: Звонко Давидовиќ

Сите наши соседи во различни историски периоди не асимилирале,  негирале, окупирале, ништеле и разорувале до непостоење, но идејата, желбата и поносот никогаш не успеале да ги убијат. По стотици години борба успеа овој народ да ја добие својата држава и дочека над Македонија да се роди сонце на слободата. Поносни и горди што сме современици на историскиот настан сметавме дека конечно овој народ ќе може да здивне, во мир и спокој да создава и да ја гради државата и општеството за кое сонувал отсекогаш.
Но, тогаш на Македонија и се случија македончиња и ни покажаа во колкава заблуда сме. Ситни и мали во душа, завидливи и длабоко себични, без љубов кон државата и народот, позери без знаење и скрипули, без срам и совест почнаа да ја парчосуваат и пљачкосуваат државата. Ја измислија транзицијата и приватизацијата , на пиедестал ја издигнаа партијата, ја разнебитија економијата и го осиромашуваа и народот и државата, а тие самите се збогатуваа. Можеби државата, општеството и народот и би го издржале ова но македончињата почнаа да ја уништуваат и националната свест, гордост и чувство раскарувајќи го овој народ кој со векови живеел сплотен меѓусебе и со своите комшии. За да останат на власт и да крадат без страв и мерка, без контрола и последици го раскараа народот по верска и национална основа.

Потоа продолжија да го делат народот и да го раскаруваат и по партиска основа доведувајќи го до ниво на масовна психоза и омраза кон се и секого. Напоредо со ова направија се да ја уништат и иднината на Македонија раселувајќи ја младината.Го сменија името, химната, знамето и стопаните на се што е неопходно,  доходовно и стратешки битно за една држава и го згазија и поносот и гордоста на се она што се нарекува Македонија и македонско.

КЛЕТВИ И ПЦОСТИ НАМЕСТО ПЕСНА
Денес наместо песна во Македонија ечат клетви и пцости, наместо со љубов душите на луѓето се полни со омраза и завист. Се ситат луѓето на туѓа мака и несреќа , се хранат со туѓите страдања и солзи. Секој секого озборува, клевети, навредува и омаловажува, утрата им почнуваат со туѓи пропасти и несреќи, со клетви и навреди по социјалните мрежи.
Никој со никого повеќе не се дружи, денес луѓето другаруваат и зборуваат со својот мобилен телефон, буљат во екраните на своите телевизори гледајќи првенство во покер или билијард. Целокупниот систем и меѓусебните односи се изградени и се базираат на алчноста, неморал, изопаченост и глупавост.
Служиме за подбив , за пример како не треба да се гради и води држава, не советуваат и оправаат оние кои до вчера ни завидуваа на тоа како живееме и кои сме.
Попусто плачеме, лелекаме и се жалиме како соседите се никакви кон нас, како Европа има двојни аршини, како сето она што ни се случува некој друг ни го крои, нас за пропаст, разнебитување и уништување не ни треба никој, повеќе од доволно сме си самите ние. Она што ние знаеме себе си да си го направиме и скроиме незнае никој друг.
Треба сериозно да се запрашаме каде сме тргнале и каде не води овој пат по кој ја забораваме својата историја, суштина и своите корени, сегашноста ни е разнебитена и хаотична , а иднината не се ни надзира. Наместо молк и шепот овој народ треба да се разбуди и да го  крене својот глас и силно да извика како и многупати до сега ” Доста е”…

Поврзани новости