(АРХИВА) Арсовска повикана на разговор во полициска станица за опожарено возило

by Fokus

Текстот е објавен на 8 јуни, 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1392

Веќе три месеци, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство го истражуваат случајот со опожареното возило на извршната директорка на Сојузот на Стопански комори, кој беше подметнат на 25 февруари, еден час после полноќ. Како наводни причини за да се бара оставка од новото раководство, според нашите информации е ревизијата, кои тие ја започнале врз сомнителното работење во институцијата со која управуваат. За овој случај и двете надлежни институции веќе отвориле предмети, а на разговор на 12 мај, годинава, според МВР, во полициска станица била повикана и актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

 Пишува Ирена МУЛАЧКА

 Ова ти е последна опомена да бидеш паметна, да си дадеш отказ од работното место. Имаш рок до четврток. Фино и културно. Ако не напуштиш, животот пекол ќе ти стане. Ќе ве масакрираме“.

Ваква заканувачка порака напишана со црвен фоломастер на лист хартија и оставена во автомобилот, на крајот на февруари ја пречекала извршната директорка на Сојузот на Стопански комори, Христина Стојановиќ.

За само 15 часа подоцна, нејзиното возило било запалено пред семејниот дом во скопската населба Аеродром, каде што живее со нејзиното семејство. Сепак, оваа страшна порака не е единствената која му претходела на опожарениот автомобил. Плејада од смртни закани ги преплавиле просториите на ССК, откако првите луѓе ги игнорирале пораките за оставки упатени на нивна адреса.

Веќе подолг период, извршната директорка и првиот човек на ССК, Трајан Ангелоски, кој ја презеде раководната позиција во Комората по изборот на Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје се соочиле со разни притисоци и закани по нивниот живот и животот на нивните семејства.

Од нив се барало да се повлечат од раководните функции, па дури им биле дадени рокови и ултиматуми до кога треба да го направат тоа. Запаленото возило требало да втера страв во коски и да ја постигне замислената цел – првите луѓе да го напуштат кормилото на бизнис комората!

Случајот во моментот се наоѓа во рацете на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, кои испитуваат – што точно се случило на 25 февруари, еден час по полноќ и кој стои во позадина на ваквите страшни случувања? Поточно, се бараат и нарачателите и извршителите.

СМРТНИ ЗАКАНИ ЗА НОВОТО РАКОВОДСТВО НА ССК

Заплетот на приказната, кој завршува со запалено возило во скопски Аеродром започнува многу порано, поточно уште во декември, лани кога од раководството на Сојузот на Стопански комори било побарано да си поднесат оставки и да ги напуштат функциите. Тука започнува целиот хорор, со кој се соочуваат во наредните два месеци.

Се почнува со телефонски повици од непознати лица и писма со смртни закани упатени на првите двајца луѓе во бизнис Комората. Раководните структури поминале голгота за целиот овој период, како што велат, исполнет со страшни трауми.

Цели два месеци поминавме под константни притисоци и закани. Најпрвин ни се јавуваа од непознати телефонски броеви, барајќи од нас двајцата да си поднесеме оставки од функциите. Откако ние продолживме со работа, тогаш заканите продолжија и тоа по нашиот живот и животот на нашите семејства.

Имаше усни закани, се водеше одредена хајка. На некој не му се допаѓаше тоа што го работиме, па продолжија со „поздравите и честитките“, истакна во изјава за „Фокус“, претседателот на ССК, Трајан Ангелоски.

Тој се сомнева дека позади заканите се кријат структури кои повеќе не се дел од Сојузот, но сепак се уште сакаат да имаат влијание врз работите во институцијата.

Реална причина од наша страна не постои. Ние никому не сме направиле ништо, ниту пак сме испровоцирале некој.Оставаме на МВР да си ја заврши работата. Вакво нешто не смее да се повтори. Во пораките уште беше напишано дека ако до тој и тој ден не се повлечете може да ви се случи ова и ова.

Во последната порака имаше даден ултиматум до петок, а возилото беше запалено во петокот во еден ипол по полноќ“, додава првиот човек на Сојузот на Стопански комори.

Од друга страна, „Фокус“ дојде и до пораката која била напишана на лист хартија и оставена во автомобилот на извршната директорка. Од тоа што може да се забележи е дека пораката е напишана со црвен фоломастер, а почетокот започнува со името на личноста за која е наменета, со што и се дава ултиматум и и се става до знаење- што се  треба да направи, до кој ден и за колку часа.

Понатаму, од тоа што е наведено во пораката може да се сфати дека, тој што и ги упатува заканите и дава последна опомена да се повлече од раководното место со оглед на тоа што не „послушала“ во изминатиот период кога тоа било побарано од неа.

Според нашите информации, заканите најпрвин се одвивале преку телефон, поточно со телефонски јавувања од непознати лица, кои само ја пренесувале пораката, додека пак подоцна почнале и со пораки, исто така од непознати броеви. Целата оваа голгота траела два месеци и откако заканите не ги исплашиле раководните луѓе во ССК, тогаш бил преземени радикални чекори и бил запален автомобилот на извршната директорка.

„Фокус“, исто така располага и со фотографијата од опожарениот автомобил, кој според тоа што може да се забележи речиси целосно е изгорен. На самата фотографија се гледа дека запаленото возило е црна боја, „постар модел на „Мерцедес А класа“, чија предница е целосно уништена.

Како и кој го сторил тоа, се уште не е докажано, поточно постојат одредени сомнежи кај надлежните институции, кои се занимаваат со овој случај, но сепак се уште нема официјална потврда или пак покренато обвинение досега.

МВР ПОТВРДИ ДЕКА АРСОВСКА БИЛА НА РАЗГОВОР

 Три месеци по подметнатиот пожар во автомобилот, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство се уште работат на случајот.

Според информациите со кои располага „Фокус“, во МВР веќе е отворен предмет за овој случај, односно се истражуваат причините и кој стои во позадина на подметнатиот пожар.

Нашите извори тврдат дека министерството располага со фотографии, пораки, телефонски повици, како и со последната порака оставена во веќе опожарениот автомобил, со која се дава, како што пишува „последната опомена“ пред да биде запалено возилото. Тоа веќе на некој начин било и остварување на досегашните закани.

Инаку, тоа што го прави овој случај уште поспецифичен е споменувањето на името на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која според нашите информации веќе била на разговор во полициска станица, наводно за случувањата во Сојузот на Стопански комори,

„Фокус“ веќе испрати неколку прашања до министерството за внатрешни работи, меѓу кое прашавме дали Арсовска била на разговор во полиција поврзано со опожареното возило, од каде и што добивме краток, но сепак потврден одговор.

Ве известуваме дека во Секторот за внатрешни работи Скопје по налог на Основното Јавно обвинителство Скопје на 12.05.2022 година е повикано лицето за кое прашувате“, се наведува во одговорот од МВР.

Во моментот, освен во министерството се води предмет и во Јавното Обвинителство, од каде што нашите извори тврдат дека веќе се собира доказен материјал за да се види дали во иднина ќе се покрене обвинение или не. Предметот е веќе предаден на јавен обвинител, кој понатаму постапува по него.

Нашите извори од обвинителството, исто така тврдат дека новото раководство на ССК станало мета на напади и смртни закани, откако претходно започнале ревизија против сомнително работење во самата институција, која ја управуваат. Тоа дополнително ја влошило состојбата, а црвениот аларм бил вклучен откако се интензивирале заканите.

Кривичната пријава, која моментално се води против непознат сторител опфаќа две кривични дела и тоа „Загрозување на сигурноста“ според член 144, како и „Предизвикување општа опасност“.

Како ќе заврши целата приказна, ќе покаже времето. Сепак, надлежните институции се должни до крај да го расветлат случајот со подметнатиот пожар во автомобилот, со цел ваквата пракса на закани да престанат. Никој во моментот не може да го врати мирот на засегнатите во приказната, како и траумите кои ги преживеале, но затоа пак правдата мора да излезе на виделина. За овој случај мора да одговараат и нарачателот и извршителите, без разлика кои се. Нели, пред Законот сите се исти!

Рамка1:

ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“

„Фокус“ испрати неколку прашања и до актуелната градоначланичка на Скопје, Арсовска  за тоа дали била повикана на разговор во полициска станица и кои се причините, но како и по традиција од таму не добивме повратни одговори. По толку испратени прашања, единствени одговори сме добиле за дневни теми, поточно кога одговорите да бидат објавени им оди во прилог на Град Скопје.

Арсовска дури и Денот на пожарникарите го прослави без медиуми, плашејќи се од новинарски прашања. Исто така, на почетокот на нејзиното владеење со Градот беше најавен и брифинг со новинарите, кој се одржа двапати и тука заврши се.

Рамка2:

АРСОВСКА НЕ ВРАТИ НА ПОКАНАТА ЗА ИНТЕРВЈУ

 Пред три недели, нашата редакција испрати покана за интервју до градоначалничката на Скопје, но од таму досега не вратија ништо повратно.

Пред официјално да седне на градоначалничкото столче, Арсовска даваше интервју во речиси сите медиуми, како и во „Фокус“. Но, откако стапи на функција на 8 ноември, лани, таа има само двапати дадено интервју во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија и редовниот отчет што оди на порталот Инфомакс, за тоа што сработила секоја недела.

Според досегашната пракса, Арсовска ретко одговара на новинарски прашања, но запрашана дали прави селекција на медиумите, таа одговори дека Град Скопје е транспарентен спрема сите медиуми и дека таквата пракса ќе остане и во иднина.

Рамка3:

АНТИКОРУПЦИСКА ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА СЕКРЕТАРОТ НА АРСОВСКА

„Фокус“ пред две недели објави дека Ѓоко Велковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој во моментот е советник во скопската општина Чаир, истовремено е именуван и за секретар на Град Скопје од актуелната градоначалничка во периодот кога таа стапува на функција.

Тој како секретар е назначен 18 декември, 2021 година месец ипол по седнувањето на Арсовска во гхрадоначалничката фотеља.

Според документите со кои располагаме, во случајот постои конфликт на интереси, што е спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, каде се тврди дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција, која ја врши со други функции.

По објавата на „Фокус“, експресно регираа и од Антикорупциска комисија каде ни потврдија дека веќе оформиле предмет.

 

Поврзани новости