Текстот е објавен на 02 март 2023 година во неделникот Фокус со број 1.430.
Во првиот јавен настап по опожарувањето на возилото што го управувал, првиот вицепремиер Артан Груби практично ги потврди информациите што ги објави „Фокус“ дека „аудито“ А6, произведено во Германија во 2021 година, а регистрирано во земјава пред нецела година, било во сопственост на компанијата за осветлување „Еуро Ком Лигхтинг“ на лицето Беким Лимани, која, како што претходно пишувавме, пак, го купи опожарениот хотел на „Гранит“ на Попова Шапка за 55 илјади евра, непосредно пред градежниот гигант да го добие вториот милионски тендер за комплетирање на автопатската траса кон Блаце од Јавното претпријатие за државни патишта на чело со директорот Ејуп Рустеми од ДУИ.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Откако долго време не беше вложен ниту денар во изградба на автопатишта, бидејќи главно владите инвестираа во локални и во регионални патишта, од причина што тие најмногу ги користеле граѓаните, пред неколку години почнаа да се истураат милиони евра во изградба на автопатски делници.
Меѓутоа, испадна дека државата мака мачи со реализацијата на овие бездруго комплицирани и скапи проекти, финансирани со буџетски средства или од кредитни линии. Иако со доцнење, беше изграден и веќе во употреба е автопатот Миладиновци – Штип, независно што
по секој дожд е потрупан со земја поради проблемите со свлечиштата.
Во секој случај, тоа може да се смета за успешен проект, особено ако се погледне ситуацијата со автопатот Кичево – Охрид, чиј рок на реализација е неколкупати пробиван. Уште поважно, постојано се проширува и надградува финансиската конструкција, поради што оваа делница веќе урива рекорди.
Ништо посјајна не е ситуацијата ниту со автопатот кон Блаце во должина од 12 и пол километри. По долгогодишни најави, пред 3 години, конечно беше спроведена постапка за реализација на првите 2 километри од трасата. Не само што до ден денес оваа делница не е довршена, туку мораше да ѝ се додели нов вреден тендер на истата компанија-изведувач.
Освен што ги анализираме тендерите за изградба на овој автопат, истражувањето на „Фокус“ открива дека непосредно пред да го склучи вториот договор за јавна набавка со Јавното претпријатие за државни патишта, изведувачот АД „Гранит“ го продала хотелот на Попова Шапка на фирма за осветлување со еден вработен, што работи со загуба.
Според документацијата што ја обезбедивме, станува збор за фирмата „Еуро Ком Лигхтинг“, во сопственост на еден македонски и еден турски државјанин. Податоците до кои дојдовме покажуваат дека оваа компанија ја основал актуелниот претседател на фудбалскиот клуб Шкупи, кој, патем речено, своевремено бил ангажиран во Царинската управа.
ДВА ТЕНДЕРИ ЗА ДВА КИЛОМЕТРИ
Моментално, кон Косово се вози по пат полн со дупки и крпеници, кој има по една лента во двата правци, а се минува и низ неосветлен тунел. Ограничувањето на брзината е од 60 до 80 километри на час. Поради многуте камиони, често се претекнува на недозволени места, па возењето е уште понебезбедно. Дневно просечно минуваат по околу 7.000 возила.
Поради ваквата состојба, веќе две децении се најавува изградба на автопатот Блаце, за да се патува многу побезбедно и побрзо. Ако сега е потребно половина час да се поминат дваесетина километри од Скопје до границата со Косово, исто толку се потребни за да се поминат цели 65 километри по новиот автопат Арбен Џафер од границата до Приштина.
Безмалку сите влади го ветуваа автопатот од Скопје кон Косово, а во 2020 година почна да се гради првата полесна делница од 2 километри. Точно на 16.1.2020 година, според Бирото за јавни набавки, ЈП за државни патишта и АД „Гранит“ склучиле договор во вредност од над 17 милиони евра со вклучен ДДВ.
Проценетата вредност на договорот, кој се однесува на проширување на постоен пат А4 од ГП „Блаце“ до село Блаце до ниво на автопат и изградба на дел од автопат со клучка за поврзување со локален пат, изнесувала нешто над 14 милиони евра. Значи, дека на крајот бил склучен договор за околу 3 милиони евра повеќе од планираното.
Иако рокот за реализација на овој договор бил август 2021 година, сепак, до ден денес овие 2 километри автопат не се изградени во целост. Не само што е пробиен временскиот рок, туку очигледно се исцрпени и финансиските средства, штом двете страни неодамна одлучија да склучат нов договор за јавна набавка.
Имено, АД „Гранит“ и ЈП за државни патишта на 24.1.2023 година склучиле договор за докомплетирање на изградба на автопатската делница А4 (клучка „Стенковец“), чија вредност изнесува речиси 11 и пол милиони евра. Притоа, „Гранит“ го добил вредниот тендер како единствен понудувач, по што сега има рок да ја изгради трасата до почетокот на 2026 година.
Оттука, двата километри автопат ќе чинат над 28 милиони евра во делот на изведбата, доколку, се разбира, по 3 години не се испостави дека и овие средства не се доволни, па јавното претпријатие и приватната компанија не склучат нов, трет договор. Но, и без тоа, произлегува дека овој дел од трасата ќе чини над 14 милиони евра по километар.
СКАПА АВТОПАТСКА ТРАСА
Колку за илустрација, според реномираното стручно списание „Светски автопатишта“, во издаваштво на британски „Route One Publishing“, автопатиштата се најскапи во Австрија поради планинската конфигурација на терен, а најевтини во Данска. Во едно списание публикувано пред неколку години се наведува дека просечна цена на автопатиштата во Австрија е 12,87 милиони евра, а во Данска 5,89 евра по километар.
Факт е дека во меѓувреме цените на материјалите и другите трошоци пораснаа, меѓутоа тоа ниту одблизу не дава основа да се тврди дека километар автопат кон Блаце би чинел поскапо отколку што во просек се градел километар во Австрија. Дотолку повеќе што и во најблиското соседство се граделе многу поевтини автопатишта.
Во соседна Србија, на пример, автопатската делница Љиг-Прељина долга 40 километри беше вредна 308 милиони евра, или 7,7 милиони евра по километар. Автопатската траса од Ниш до бугарската граница, со 5 тунели, во должина од 87 километри, пак, беше во вредност од 332 милиони евра, или нешто над 3,8 милиони евра по километар.
Во Бугарија, автопатот Тракија, кој ја поврзува Софија со Црно Море, кога своевремено се изградија последните три дела од Стара Загора до Карнобат во вкупна должина од 115 километри, чинеа 357 милиони евра. Тоа значи дека 3,1 милиони евра чини еден километар, без делот што го покрива бугарскиот буџет.
Инаку, овие 2 километри што сè уште не се изградени се поедноставниот дел од трасата. За потешки се сметаат останатите десетина километри, кои треба да чинат 186,7 милиони евра, при што Европската банка за обнова и развој обезбедува заем од 167,6 милиони евра, додека проектот ќе биде кофинансиран со 20,8 милиони евра инвестициски грант обезбеден од ЕУ.
Во Законот за гаранција, изгласан во Собранието, е утврдена истата сума, а дополнително се наведува дека долгот ќе се отплаќа 16 години. За двата коловоза на автопатот предвидени се вкупно 11 единечни тунели со вкупна должина од околу 4,8 километри, а предвидени се 9 мостови по коловоз, во должина од 1,35 километри.
Арно ама, тендерот за овие 10 километри пропадна, бидејќи се утврдило дека компанијата што требаше да врши надзор имала врски со Русија. Се работи за хрватската „ИГХ“, во чиј одбор директори седеле лица што ги имале сите средства во руска банка и не успеале да ги префрлат кога требало да приложат банкарска гаранција.
МНОГУ ВЕТУВАЊА БЕЗ РЕАЛИЗАЦИЈА
Но, да се вратиме на помалата траса од 2 километри финансирана од домашни буџетски средства, за која неодамна беше склучен втор договор со „Гранит“ за комплетирање на проектот, со што вредноста само на овој дел достигнува над 28 милиони евра во делот на изведбата, без да се смета надзорот, експропријацијата и други споредни трошоци.
Кога првите луѓе на владата и на менаџментот на „Гранит“ го склучија договорот пред 3 години, беше најавено дека автопатот ќе биде со две коловозни ленти, секоја со по две сообраќајни ленти за возење со широчина од по 3,5 метри и по една лента за застанување широка 2,5 метри. Вкупната проектирана ширина на автопатот ќе изнесува околу 27,5 метри, а на делницата се предвидени две клучки.
Кога е склучен првиот договор со „Гранит“, директор на ЈП за државни патишта беше Зоран Китанов, кој важи за близок до тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Своевремено, кога Заев беше градоначалник на Струмица, Китанов беше директор на струмичкото јавно претпријатие „Струмица гас“.
– Работите треба да завршат во рок од 18 месеци од воведување во работа. Тоа значи дека градежните работи ќе почнат оваа пролет, а првите километри ќе можеме да ги возиме во летото 2021 година – говореше Китанов, кој во меѓувреме се пресели во одборот директори на „Македонски телеком“.
Кога јавното претпријатие лани го склучи новиот договор со „Гранит“, директор веќе беше Ејуп Рустеми, кадар на ДУИ, кој претходно прошета на директорските позиции во АД Македонски пошти, Агенцијата за стоковни резерви, Агенцијата за управување со одземен имот, АД Га-Ма, а во еден период беше и републички пратеник.
Како што говореше Рустеми во јавноста, рокот за изградба на првата делница од автопатот Скопје – Блаце, во должина од 2 километри ќе се пролонгира, бидејќи, според него, тешко одела експропријацијата на земјиштето, а на терен излегле и други, како што кажа, непредвидени ситуации.
– Требаше да се проектира нов потпорен ѕид со должина од 280 метри и да се проектираат косините на оваа делница. Проектите се готови, но поради законските правила за јавни набавки, мораше одново да го отвориме процесот за овие два километри – истакна Рустеми.
Надзор над изведбата на овој проект врши Градежниот институт на Македонија, додека проектот го изработил конзорциум предводен од американската компанија „Хил интернешнел“, која го препроектираше и вториот дел од автопатот од клучката Блаце до клучката Стенковец во вкупна должина од 10,5 километри.
РАЗЛИКА ОД НЕКОЛКУ ДЕНА
Според документацијата што ја обезбеди „Фокус“, непосредно пред да го склучи вториот договор со ЈП за државни патишта за комплетирање на трасата кон Блаце од 2 километри, „Гранит“ го продал хотелот на Попова Шапка, каде што, за потсетување, изби пожар во 2013 година, а по гаснењето на пожарот во објектот беше пронајдено безживотно човечко тело.
Официјалните податоци од Катастарот на недвижности покажуваат дека станува збор катастарска парцела со број 1/37, во рамки на катастарска општина Лисец-вон град, катастарско одделение Тетово. Според катастарската евиденција, се работи за земјиште од 150 квадратни метри, со објект со внатрешна површина од 278 квадрати.
Уверението за историски преглед на извршените запишувања до кое дојдовме открива дека оваа парцела се формира во 1999 година, кога впрочем со решение и се доделува на „Гранит“. Во 2013 година, пак, градежната компанија успева да го легализира со елаборат, врз основа на Законот за легализација на бесправно изградени објекти.
Всушност, нема промени во сопственоста сè до минатата 2022 година, кога имотот преминал во сопственост на компанија „Еуро Ком Лигхтинг“. Во историјатот нема податоци кога точно е склучен договорот и на која сума, но „Фокус“ успеа да го обезбеди овој договор, кој е склучен на 15.8.2022 година, а потоа солемизиран на 14.10.2022 година, додека промената во катастарот е запишана на 17.10.2022 година.
Односно, договорот за купопродажба меѓу „Гранит“ и „Еуро ком Лигхтинг“ е склучен нецели 5 месеци пред да биде склучен договорот за јавна набавка меѓу „Гранит“ и ЈП за државни патишта, додека целата постапка за хотелот на Попова Шапка е завршена 2 месеци пред потпишувањето на вториот договор за автопатската делница од 2 километри.
Покрај тоа, вреди да се напомене дека огласот за распишувањето на тендерската постапка за комплетирање на автопатската делница од ЈП за државни патишта е објавен на 21.10.2022 година, што е само неколку дена откако на 17.10.2022 година во катастарот е запишана промена на сопственоста на хотелот на Попова Шапка, откако претходно, пак, е склучен и солемизиран договорот за купропродажба.
Воедно, откриваме дека договорот е потпишан на сума од 55 илјади евра, од што произлегува дека земјиштето од 150 квадрати е продадено за сума од 366 евра по квадрат, во која влегува и објектот. За волја на вистината, тој е во лоша состојба по пожарот, меѓутоа истовремено со себе го носи правото на комуналии при идна нова градба со иста намена – хотел.
За споредба, може да се пронајдат јавно објавено огласи, според кои викендички на Попова Шапка се продаваат поскапо. Во еден од овие огласи, куќа и плац со речиси иста површина како и веќе поранешниот хотел на „Гранит“ се продава за 240 илјади евра. На продажба се повеќе викендички за 69 илјади евра, за 82 илјади евра итн.
КОЈ СТОИ ВО ЗАДНИНА?
Патем, треба да се има предвид дека земјиштето и локацијата дополнително добиваат на цена поради најавите дека Попова Шапка ќе биде модернизирана од страна на концесионер. Се работи за италијанската фирма „Техно Алпин“, која ќе го реновира и ќе го развива ски-центарот во реномиран зимски центар.
Планот е да се реновираат постојните капацитети, да се постави систем за правење снег, да се прошири скијачката зона со нови објекти и патеки, но и да се реновираат и прошират хотелите и да се изградат нови хотелски капацитети.
Затоа, се поставува прашањето која е фирмата што го купи хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка, пред компанијата да го добие вториот вреден тендер за двата километри автопат кон Блаце? Според податоците од Централниот регистар, „Еуро Ком Лигхтинг“ е компанија за неспецијализирана трговија на големо формирана на 19.2.2009 година.
Како сопственици фигурираат турскиот државјанин Хусамеддин Озтурк и македонскиот државјанин Беким Лимани, кој воедно е и управител. Тие не се познати ликови за пошироката јавност, но добро познато лице е основачот на оваа компанија Суат Аљија, кој, според историјатот на промени, е сопственик и управител до 2011 година. Потоа, тој официјално го нема во органите на друштвото.
Што се однесува до Аљија, тој е претседател на ФК Шкупи од Чаир, а своевремено бил ангажиран и во Царинската управа. Како што нè информираа од таму, тој бил вработен на работно место советник во Секторот за меѓународна соработка и европска интеграција, проекти и стратешко планирање, со договори на определено работно време од август 2018 година и заклучно со декември 2021 година.
Честопати, Аљија често може да се види на трибините на стадионот во Чаир како го бодри тимот на Шкупи, при што објавените фотографии сведочат дека бил во друштво на премиерот Димитар Ковачевски, на лидерот на ДУИ Али Ахмети, на првиот вицепремиер Артан Груби. Тој признава дека се познава со политичари, функционери, бизнисмени, но, како што нагласува, се работи за вообичаени познанства без друга позадина.
Во кус разговор за „Фокус“, Аљија вели дека долго време нема никаква врска со компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, која го купила хотелот на „Гранит“ на Шапка за 55 илјади евра. Исто така, и од компанијата негираат дека имаат каква било поврзаност со човекот што ја основал пред десетина години. Во однос на купувањето на хотелот, од таму велат:
„На оглас објавен на дневните весници од страна на АД „Гранит“ за продажба на руинирана и изгорена градба на Попова Шапка, дадовме јавна понуда за купување, која беше прифатена од „Гранит“. Засега немаме никакви планови…“.
РАБОТА СО ЗАГУБА И ЕДЕН ВРАБОТЕН
Дополнително, оваа компанија е регистрирана со главна шифра на дејност – трговија со електрорасвета. Иако поголемиот дел од севкупното работење се остварува токму од основната дејност, сепак, од таму посочуваат дека дејствуваат и во други сфери.
„Според општа клаузула за бизнис, нашата фирма, покрај основната дејност, остварува деловни односи и во други сфери, како на пример трговија на мало и големо со разновидна стока, консалтинг услуги во делот на микроменаџирање, логистички услуги и посредување при остварување на деловни односи помеѓу повеќе субјекти…“, ни одговорија од таму.
Финансиските извештаи на компанијата што ги извадивме покажуваат дека неколку години работи со загуба, која во 2019 година изнесува 411.923, а во 2020 година изнесува 884.340 денари. Овој тренд продолжува и во 2021 година, кога приходите на друштвото изнесувале 106.254.289 денари, а расходите биле 106.712.851 денари, што значи загубата била 358.562 денари.
Од 5 вработените во минатите години, компанијата паднала на еден вработен во 2021. Што се однесува за минатата 2022 година, кога компанијата го купила хотелот на Шапка, сè уште не се објавени финансиските извештаи бидејќи не е изминат рокот за доставување годишна сметка.
Во врска со продажбата на хотелот, се обративме и до АД „Гранит“, од каде што до затворањето на весникот не добивме никакви одговори ниту на оваа тема, ниту за автопатската делница кон Блаце. Исто така, и од ЈП за државни патишта не одговорија на нашите прашања.
АД ГРАНИТ – НЕКОГАШЕН ГИГАНТ ВО РАЦЕТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО МИЛКОВСКИ
Акционерското друштво „Гранит“ е формирано како компанија за конструкција на патишта за потребите на Социјалистичка Република Македониjа уште во далечната 1952 година.
Во следните, „Гранит“ се етаблира како една од најмоќните градежни компании во земјава, со реноме и во регионални рамки. Сепак, со текот на времето ја губеше некогашната моќ.
Моментално, според Централниот депозитар на хартии од вредност, најголемите акционери, со сопственост врз околу 8 проценти од акциите, се Ивана Милковска – Симева и Зоран Милковски. Тие се ќерка и син на Страшо Милковски, долгогодишен директор на „Гранит“, кој моментално е претседател на Управниот одбор.
Покрај тоа, меѓу акционерите што поседуваат над 5 отсто до акциите е и белградската компанија „Бард-Коп“, која влезе во „Гранит“ кон крајот на ланската година на местото на „Сава пензиски фонд“.
Станува збор за релативно мала српска компанија во сопственост на Љубица Ракиќ, која има постојан раст на приходите и бројот на вработени.
Инаку, „Гранит“ во периодот јануари – септември лани оствари вкупни приходи од 57 милиони евра и зголемување за 4 отсто. Добивката по првите три квартали од годината изнесува 1,35 милиони евра…
ЛИЦЕТО ПОЧИНАЛО КАКО ПОСЛЕДИЦА НА ПОЖАРОТ ВО ХОТЕЛОТ НА ШАПКА
Во однос на пожарот во хотелот на „Гранит“ што изби во 2013 година, по што во објектот беше пронајден и мртов човек, информации побаравме од Министерството за внатрешни работи.
„По извршениот увид на местото на настанот, а што го водел јавен обвинител во содејство со екипа од МВР, Секторот за внатрешни работи Тетово до Основното јавно обвинителство Тетово поднел две писмени известувања, првото на 26 ноември 2013 и второто на 2 април 2014 година. За причините за пожарот, во ОЈО Тетово се доставени сите извештаи од направените вештачења“, велат од МВР.
Што се однесува до причините за смртта на лицето, од таму ни одговорија дека, според утврденото во истрагата, тие се последица од настанатиот пожар во објектот во кое се наоѓало и лицето.
ЧЛЕН НА УО НА ФК ШКУПИ И СОВЕТНИК НА ГРУБИ
Претседател на ФК Шкупи, како што наведовме, е Суад Аљија, основач на компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, која го купила хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка за 55 илјади евра, пред „Гранит“ да добие нови 11 милиони евра за комплетирање на 2 километри од автопатската траса кон Блаце.
Покрај него, член на УО на Шкупи е Омер Буњаку, за кого медиумите пишуваа дека е водач на навивачката група „шверцери“, а воедно му бил советник и на првиот вицепремиер Артан Груби за млади и спорт.
Своевремено, и Груби бил дел оваа навивачка група…