(АРХИВА) Зошто доцни изградбата на штипската Клиничка болница?

Министерството за здравство пред неколку недели го раскина договорот со извдувачот „Интракат“ за изградбата на новата Штипска клиничка болница. „Фокус“ на оваа тема пишуваше уште пред две години за што бевме тужени од бизнисменот Орце Камчев, чија фирма „Бетон Штип“ беше подизведувач, но отиде во стечај. Камчев го загуби судскиот процес против „Фокус“...

by Fokus

Текстот е објавен на 20 јануари, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1320

Изградбата на штипската Клиничка болница е закочена по четврти пат, а меѓу грчката компанија „Интраком“ и „Бетон Штип“ во стечај се води судски спор веќе неколку години, откако претходно странската фирма го раскина договорот. Основниот граѓански суд во Скопје ја отфрла тужбата на „Бетон Штип“, додека, пак, тие судската постапка ја продолжуваат во судот во Штип, кој пресудува во нивна корист, односно дека грчката фирма треба да им исплати долг од 2 милиони евра. Судската „пресметка“ продолжува, а, според документите со кои располага „Фокус“, може да се забележат многу правни нерегуларности, фалсификувани потписи за наводно штипската градежна компанија да ја добие судската битка

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Проект за изградба на нова најквалитетна, најсофистицирана, најмодерна клиничка болница ќе се гради во Штип, која воедно ќе биде современа здравствена установа за повеќе од 200.000 граѓани во тој регион. Вака, на голема врата во 2015 година, тогашниот министер за здравство Никола Тодоров го промовираше проектот за изградба на болницата, која требаше да се протега на површина од 34.000 квадратни метри, бизнис-зделка вредна околу 30 милиони евра. Првичната најава беше дека целосната инвестиција требаше да биде готова до 2018 година.

Ова беше четврта најава само во времето на „вмровците“ за изградба на оваа болница, а дотогаш беа удрени и неколку камен-темелници. Поминаа повеќе од пет години, а граѓаните од источниот и југоисточниот регион во земјава продолжија да се лекуваат во зграда, која датира од 1937 година во супстандардни услови, што за време на корона кризата уште толку си го покажа своето грдо лице.

Не е ништо ново и невообичаено во Македонија по неколкупати да се најавуваат проекти, да се удираат камен-темелници, да се трошат пари, но на крај да нема никаков исход. Таква судбина ја снајде и болницата, која повеќе од десет години чека изградба, но освен презентирани проекти, најави и сликања ништо не мрднува од мртва точка.

На министерското столче седна и актуелниот министер Венко Филипче, кој, пак, најави дека штипската Клиничка болница ќе биде изградена и пуштена во употреба до средината на 2020 година. Рокот повторно е пробиен, а сега работите уште повеќе ги кочи опасниот ковид-19.

Оттука веќе почнуваат и политичките препукувања, кој е виновен што Штип и по толку години сѐ уште нема нова болница. Од една страна се нападите на опозицијата за рекетирање, додека од друга страна се јавува главниот, па и пресуден проблем меѓу двете фирми, едната која треба да ја гради болницата и другата која во тој период е подизведувач на работите. Како и да е, граѓаните страдаат. Но, да почнеме од почеток.

КОЈА Е ФИРМАТА „БЕТОН“ КОЈА ОТИДЕ ПОД СТЕЧАЈ?

Градежната задача за изградба на штипската Клиничка болница во 2016 година додека е на власт ВМРО-ДПМНЕ ја добива грчката фирма „Интраком“ на меѓународен тендер. Како подизведувач на работите во тој период се јавува „Бетон Штип“, која е позната како блиска до тогашната власт, која учествуваше во изградба на објектите за грандиозниот проект Скопје 2014, а се јавува и како подизведувач на објектите Мепсо, Уставен суд, Музеј на македонската борба, Стар театар, партерно уредување кај МНР…

Проблемите со „Бетон Штип“ почнуваат пред повеќе од две години, поточно во 2018 година, кога тогашното Специјално јавно обвинителство го отвора случајот „Империја“, каде што според истрагата се испрани околу 10 милиони евра, а првиот и главен осомничен, бизнисменот Орце Камчев завршува зад решетки. „Бетон“ тогаш ја запре изградбата на Офицерскиот дом и на хотелот до Офицерскиот дом, како и зградата на ФИНКИ.

Компанијата „Бетон Штип“ во јули 2019 година отиде под стечај, а како стечајни управници се водат Живко Калков и Драги Димовски. Оваа фирма беше вмешана во предметот на сега згаснатото СЈО „Тендери“ против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е обвинета за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања за местење тендер.

Според воведните зборови на обвинителите од СЈО, тогаш на судењето, поранешниот генерален директор на „Бетон Штип“ Илија Бреслиски во улога на сведок тврдеше дека обвинетата Канческа- Милевска како министерка за култура во 2011 година му кажала градежната компанија да ги изведе сите градежни работи пред Музејот на ВМРО и да не го чека тендерот, бидејќи средила да го добие неговата компанија.

Според последниот сертификат изготвен од брокерска куќа, објавен на веб страницата на градежната фирма, во сопственичката структура биле компаниите ТИМ ДОО Скопје со 8.150 акции и со право на глас од 19,50%, Орка Холдинг АД Скопје со 7.101 акција и со право на глас од 16, 99%, Езимит ДООЕЛ Штип со 6.611 акции и со право на глас од 15,81%, ДПТИ Ексико ДООЕЛ Скопје со 6.000 акции и право на глас од 14,35%.

Според документите, Ванче Мијалчев се водел како извршен директор на градежната компанија, каде Тодор Мирчевски е неизвршен член, Дејан Панделески е претседател на одборот директори, а Камчев е неизвршен и независен член, сите обвинети во „Империја“.

Соработката меѓу грчката компанија и „Бетон Штип“ одговорни за изградбата на штипската Клиничка болница траеше сѐ до 2018 година, кога „Интраком“ еднострано го раскина договорот откако со месеци стагнираше изградбата, се пробија сите рокови и презеде обврски пред Министерството за здравство самостојно да го доврши објектот.

Оттука и веќе почнуваат проблемите меѓу двете компании, грчката и македонската, како и долгата битка по судските лавиринти.

КАКО СО ФАЛСИФИКУВАН ПОТПИС ДО 2 МИЛИОНИ ЕВРА?

Во меѓувреме, штипската градежна компанија „Бетон“ покренала тужба до грчката фирма за еднострано раскинување на договорот и предизвикана штета од околу два милиони евра.

Според документите што ги располага „Фокус“, тужителот, во случајот „Бетон Штип“ преку нотарка од Скопје, на 26 декември 2018 година побарал од фирмата „Интраком“ паричен износ од околу 2 милиони евра. Грчката компанија, пак, две недели подоцна, на 9 јануари 2019 година поднесува приговор во кој е предвидена одредба дека странките се согласни сите спорови од Договорот да ги решаваат разумно и со добра волја, а сите спорови што не можат да ги решат спогодбено ќе се решаваат согласно правилата на Арбитража на Меѓународната стопанска комора во Париз од страна на тројца арбитри.

Во документите уште се наведува дека на 1 јули 2019 година приговорот на грчката „Интраком“ се усвојува, а тужбата на „Бетон Штип се отфрла“.

Основен граѓански суд Скопје како првостепен граѓански суд со судијата Весна Богдановска се огласува за ненадлежен да одлучува по тужбата на „Бетон Штип“ за долг во вредност од 124.974.329 денари. Решението на нотарката Анета Петровска Алексова од Скопје се укинува и тужбата на тужителот се отфрла – се наведува во решението на скопскиот Граѓански суд.

Но, познатата штипска компанија не се откажува така лесно, па ја продолжува судската постапка на своја територија, односно во Основниот суд во Штип, па така по само неколку месеци градежното трговско друштво во стечај на 20 февруари 2020 година поднесува уште една тужба против грчката компанија за наплата на долг.

Според документите, судијата Лилјана Јанкова како претседател на судскиот совет донела решение за издавање судски платен налог со кое се задолжил тужениот „Интраком“ да му исплати на тужителот парично побарување од над 2 милиони евра.

На предметното решение, како што може да се види од документите, е ставена потврда за правосилност на 9 март, 2020 година и потврда за извршност девет дена подоцна, поточно на 18 март, истата година. За целото ова време, странската фирма не е запознаена со случувањата, сѐ додека сметките не им се блокираат за 500.000 евра.

Но, и грчката компанија не седи мирно, па ги презема работите во свои раце и преку адвокатското друштво Георги Димитров, адвокати од Скопје поднесува предлог за повторување на постапката, бидејќи на тужениот со незаконито постапување, односно со пропуштање на доставувањето не му била дадена можност да расправа пред судот.

Овој предлог за повторување на постапката го поднесуваме, пред сѐ, со оглед на тоа дека е направен сериозен пропуст при доставувањето на предметното решение до тужениот, кој решението никогаш не го примил, па со тоа бил целосно оневозможен да поднесе приговор против истото во смисла на член 420 ст.2 од Законот за парничната постапка и воопшто да расправа пред судот за оваа постапка. Така, тужениот за првпат дознал дека против него се води постапка на 5 август, кога од Стопанска банка бил информиран дека неговата трансакциска сметка е блокирана за износ од 500.000 евра по основ на налог за извршување издаден од Николчо Саздов од Свети Николе – се наведува во документите.

Меѓутоа, во целата приказна, како што може да се види во документите, грчката компанија ги оспорува и потписите за наводно примено решение и потписот на доставницата од поштата. По добиените информации од банката за присилна наплата на 500.000 евра од сметката, компанијата преку своите адвокати бара и остварува увид  во решенијата на судот и постапката и со вешт доказ на графолози докажува дека „Интраком“ не примила какво било решение од судот и немала можност да ја обжали таквата пресуда.

Спорниот потпис напишан во рубриката „Примач“ на доставената повратница со предмет на пратката – Решение од 25.02.2020 година и тужба со докази адресирана  до ПСТД ИНТРАКОМ КОНСТРАКШНС СОСИЕТЕ АНОНИМ ТЕКНИКАЛ ЕНД СТИЛ КОНСТРАКШНС – подружница Скопје од Основен суд Штип од 28.02.2020 година не е идентичен со доставените потписи од лицата Ерцан Созен, Константинос Симоу, Благица Апостолова, Андреас Атанасопулос о Христина Несторовска – се наведува во вештиот наод.

Истовремено, компанијата во својата жалба му ја доставува на судот во Штип одлуката на скопскиот Апелационен суд во која стои  дека „за спорови меѓу компанијата Бетон Штип и Интраком“ не се надлежни македонските судови, туку во бизнис договорот меѓу двете компании стои дека во случај на спор тој се решава од страна на Арбитражниот на Меѓународната стопанска комора  во Париз.

Исто така, адвокатското друштво што ја застапува грчката компанија поднесува и претставка до Судскиот совет на Македонија за утврдување  одговорност и изрекување санкции на судијката Јанкова од Штип. Таа, според преставката, како судечки судија и претседател на советот  во судот во општина Штип во спорот меѓу Градежното трговско друштво Бетон Штип во стечај, и фирмата „Интраком“ постапила нестручно и несовесно во вршењето на својата функција и нанела огромна штета на грчката компанија.

Случајот во моментот е стигнат до штипска Апелација, каде што, според документите ,полномошникот на грчката компанија бара изземање на судијката што го води судскиот процес Сузана Здравева бидејќи таа е мајка на еден од адвокатите што работи во адвокатското друштво што го застапува „Бетон Штип“, при што постои конфликт на интереси.

Колку повеќе работите се замрсуваат, сепак, Министерството за здравство се иззема од целата ситуација и се прогласува за ненадлежно.

Ние како инвеститор не навлегуваме во односот на фирмите со кои соработуваат и нивните произведувачи, како за овој, така и за други договори/објекти. Откако странската компанија го раскина договорот со подизведувачот, изведувачот работи самостојно на изведбата и нема други официјално номинирани подизведувачи – се наведува во одговорот за „Фокус“ од ресорното Министерство.

САМСОНЕНКО, ПАНДЕЛЕСКИ И КАМЧЕВ ЈА „ВОСКРЕСНАА“ БЕТОН ШТИП ДОО

Додека од една страна штипската градежна компанија на Камчев во стечај продолжува со судските спорови, од друга страна никнува нова „Бетон Штип ДОО“, но овојпат, наместо АД Бетон Штип, фирмата станува градежно трговско друштво со ограничена вредност.

Според документите од Централниот регистар, компанијата се води како сосема нова фирма, основана пред три месеци, поточно на 27 ноември 2020 година, со паричен влог од речиси 1,5 милион евра. Таа е лоцирана на истата адреса, како и градежната компанија во стечај, на улицата Ванчо Прке 119 во Штип.

Документите уште покажуваат дека рестартирањето го извршиле блиски пријатели на познатиот бизнисмен, односно како нови сопственици се водат компаниите „Друштво за градежништво Балкан Груп Констракшн“ на рускиот бизнисмен и близок пријател на Камчев, Сергеј Самсоненко, потоа Друштво за градежништво ТИМ ДОО Скопје на Дејан Панделески и „Орка Холдинг“, каде што Камчев се води како извршен член на одборот директори.

Според информациите, долговите на Бетон Штип ќе ги врати новата фирма, но само 60 отсто од побарувањата што ги имаат стечајните доверители. И тоа на рати, во следните пет години. Па, така наместо да врати долг од 8,5 милиони евра, „Бетон Штип“ на стечајните доверители ќе врати само 5 милиони евра, што е намалување за 40 отсто.

„Фокус“ испрати неколку прашања и до новоформираната компанија „Бетон Штип“ ДОО, од каде што побаравме да ни одговорат зошто отвораат нова фирма, што се случува со судскиот спор со грчката компанија „Интраком“ и зошто побаруваат два милиони евра од нив? Сепак, до затворањето на весникот од таму не добивме повратни одговори.

Рамка1:

Министерство за здравство

 КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ШТИП ЌЕ ЧИНИ 42 МИЛИОНИ ЕВРА СО ДДВ

Од Министерството за здравство, во изјава за „Фокус“, објаснуваат дека изградбата на болницата се одвива со забавено темпо, примарно поради пандемијата со ковид-19, вонредната состојба и затворање на границите.

Се надеваме дека динамиката на работите ќе се интензивира во периодот што следува. Градител е грчката фирма „Интракат“, а надзорот го врши Еуроконсалтинг Скопје. Во моментов, во соработка со кредиторот се прават соодветни анализи и ќе се процени истото.

Вкупната изградба на Клиничката болница во Штип ќе чини 36 милиони евра без ДДВ, а 42 милиони евра со платен ДДВ – тврдат од ресорното Министерство.

Рамка2:

Грчка компанија Интраком:

 НЕ ИМ ДОЛЖИМЕ 2 МИЛИОНИ ЕВРА НА БЕТОН ШТИП

Од грчката компанија „Интраком“, за „Фокус“, тврдат дека договорот со „Бетон Штип“ е склучен во 2015 година, бидејќи сакале соработка со локален партнер со цел ефикасно сработување на проектот во предвидениот рок.

Договорот траеше до крајот на септември, 2018 година. На почетокот соработката беше добра и сѐ се одвиваше согласно предвиденото сѐ додека Бетон Штип не почна да отстапува од договореното, со што сериозно влијаеше врз завршувањето на проектот. Тие не ги исполнуваа своите договорни обврски, понатаму нивните сметки беа блокирани, а Бетон Штип не им исплаќаше пари на своите вработени. Ова беше сериозен индикатор дека не се сериозен партнер за да ја продолжиме соработката – се наведува во одговорот од грчката компанија.

На нашето прашање зошто „Бетон“ има околу 2 милиони евра побарувања од нив, од „Интраком“ велат дека тие немаат запишано долг во нивните сметководствени книги и воопшто не знаат од каде излегол тој долг за кој сега се води спор.

Во 2018 година имаше судски случај со Бетон Штип, кој заврши со пресуда во корист на Интраком, а со одлука од Апелационен суд во Скопје. Две години по овој случај ни беа блокирани сметките и дознаваме дека Бетон поднел идентична постапка пред судот. Судот донесе одлука без какво било учество од наша страна. Интраком не бил известен од судот дека е поведена втора постапка и не му било дадено право да учествува во оваа постапка, така што одлуката станала конечна и парите биле собрани од сметките – велат од грчката компанија.

Од таму додаваат дека рокот да се заврши штипската Клиничка болница е до 2022 година.

Рамка3:

ВМРО ОБВИНУВА ЗА ИЗНУДА НА ПАРИ

Според ВМРО-ДПМНЕ, проектот за нов регионален центар требаше да биде готов до 2019 година. Но, со последното пролонгирање рокот е сега до 2021 година, со што цената со анекс договори рипнала од 30 на 37 милиони евра, пари за кои опозицијата се сомнева оти се дел од изнуда.

Болница во Штип нема, а наместо казна за изведувачот по две години доцнење за проектот, Заев и Филипче решаваат да му дадат уште 7 милиони евра. Филипче и Заев се имињата што се повторуваат во Рекет 1, Рекет 2 и Рекет 3. Обвинителството мора сериозно да го испита овој случај“, истакна портпаролот Наум Стоилковски пред една година од пред зградата на болницата во Штип.

 

 

Поврзани новости