Опожареното „ауди“ што го возел Груби се поврзува со фирма за осветлување, која купи хотел на Шапка?

Според информациите што ги добивме од повеќе извори, по инцидентот како сопственик на возилото е заведен содружник на „Еуро Ком Лигхтинг“, човек-фирма што неколку години работи со загуба, за која „Фокус“ пишуваше кога го купи хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка, непосредно пред градежниот гигант да го добие вториот милионски тендер за комплетирање на автопатската траса кон Блаце.

by Фокус

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Кој е сопственикот на опожареното „ауди“ што се поврзува со првиот вицепремиер Артан Груби – ова прашање се наметна откако медиумите објавија дека било запалено возило на Груби, што го потврдија и неговите сопартијци, но подоцна Министерството за внатрешни работи информираше дека посоченото возило е во сопственост на друго лице.

Во СВР Скопје било пријавено дека околу 03.30 часот на ул.„Струмичка” настанал пожар во патничко возило „ауди” со скопски регистарски ознаки, сопственост и паркирано од Б.Л.(35) од Скопје. Пожарот бил изгаснат, повредени лица нема, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје“, информираа од МВР.

Повикувајќи се на неофицијални информации, дел од медиумите објавија дека се работи за лице Бекир Лимани. Но, според информации на „Фокус“ од повеќе добро упатени извори, станува збор за лицето Беким Лимани, кој го паркирал возилото и бил заведен според возачка дозвола, додека возилото е во сопственост на правен субјект. Станува збор за еден од сопствениците на компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, за која пишуваше „Фокус“ кога го купи хотелот на Попова Шапка од компанијата „Гранит“.

Истражување на „Фокус“: Пред да добие нов милионски тендер за автопатот кон Блаце, „Гранит“ го продал хотелот на Шапка на фирма за осветлување!

(АРХИВА) „Гранит“ го продал хотелот на Шапка на фирма за осветлување, па добил нов милионски тендер за автопатот кон Блаце!

Предмалку, оваа компанија ја спомена и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој во јавно прашање до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пишува: „Ако запаленото возило на Артан Груби не било во негова сопственост, туку се водело на име на фирма ЕУРОКОМ или на комшијата, а Груби само го користел, тогаш кој е тој што дозволил на возило кое не е во сопственост на МВР или на друг државен орган, да се стават флешери и звучна сигнализација“?

„Министре Спасовски, Вие ли одобривте да се стават флешери на приватно возило на фирма, кое според медиумите но и според Крешник Бектеши и Бујар Османи е во сопственост на вицепремиерот? Зошто не ја кажете вистината? По кој Закон, Уредба или Правилник е тоа направено? Уште колку такви возила со предимство на минување на име на приватни фирми или на комшии имаме во државата“, праша Ковачки.

По веста за опожареното возило во скопската населба Чаир, со објава на Фејсбук се јави првиот вицепремиер Груби, во која не демантира дека тој приватно го користел „аудито”, иако се води на име на друго лице. Во постот Груби вели дека станува збор за негов пријател. Вицепремиерот признава и дека инцидентот е порака до него.

Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, им се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам трага со работа и дела, а не да ми се тероризира семејството, соседите и пријателите”, пишува Груби.

Со пораки во знак на поддршка се јавија многу сопартијци и соработници на првиот вицепремиер, меѓу кои и министерот за надворешни работи Османи, кој напиша дека е бесен за, како што вели, палењето на возилото на Груби. Османи го оценува како чин на насилство, истакнувајќи дека ова не е само напад врз неговиот колега и сопартиец, туку и навреда за демократските вредности и структура на нашето општество.

Инаку, Фокус пишуваше дека компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, фирма за осветлување со еден вработен, која неколку години наназад работи со загуба, го купила хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка за 55 илјади евра, непосредно пред градежниот гигант да го склучи вториот договор со ЈП за државни патишта на чело со Ејуп Рустеми од ДУИ за комплетирање на автопатската траса до Блаце од 2 километри.

Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?

(АРХИВА) Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?

Додека полицијата трага по лицата што го запалиле возилото, Обвинителството ќе испитува во која сопственост е тоа, односно дали јавен функционер уредно управувал возило на, како што вели – пријател, или пак се работи за скриен имот на функционер, кој, доколку е така, тоа морал да го пријави во анкетниот лист до Антикорупциската комисија.

Имено, Јавен обвинител веднаш по опожарувањето на возилото дал наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите, при што издадена е и наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото.

„Фокус“ испрати прашања до кабинетот на првиот вицепремиер и до компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“. Меѓу другото, прашавме дали содружникот на оваа компанија – Беким Лимани, е пријателот за кој говореше Артан Груби? Одговорите ќе ги објавиме веднаш штом ги добиеме.

Поврзани новости