(АРХИВА) Дали државата можеше да заштеди милион евра при набавките на српска пченица?

Овие јавни набавки следуваа набргу откако владата донесе одлука за отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна во 2022 година, што е опфатено со актуелната истрага против 5 лица за кои постои основано сомнение дека направиле буџетска штета од над 780 илјади евра.

by vlatko 16:59
16:59

Текстот е објавен на 28 октомври 2022 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.412.

Основното јавно обвинителство денес соопшти дека поведе постапка против 5 лица поради основано сомневање дека ја злоупотребиле службената положба и овластување. Иако биле должни да ја известат Владата за фактичката состојба во Јавното претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен (период од 2019-2021 година), тие доставиле неточни информации, со што постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви. Притоа, еден од осомничените-вешто лице ангажирано преку Бирото за процена постапил спротивно на одредбите од Законот за процена, изготвувајќи вешт наод во кој внел невистинити податоци. Потоа, вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност 473.365 евра. Инаку, во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 780.487 евра, која всушност преставува штета врз Буџетот. „Фокус“ во посочената 2022 година пишуваше за набавка на пченица од Србија по пат на две тендерски постапки, што се случило токму по наведениот отпис на пченица и јачмен поради загуби при складирање и одржување на нивниот квалитет. За што поточно станува збор?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Веднаш по избивањето на војната во Украина, министерот за економија, Крешник Бектеши, како и други високи владини претставници од економските ресори, ја смируваа јавноста дека нема место за паника, бидејќи, порачуваше тој, ќе нема притисок врз цените, ниту ќе има ценовни шокови.

–Земјава има задоволително количество прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Нема потреба да се стават во функција, имајќи предвид и дека производителите на овие основни производи имаат резерви за период над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви – говореше тогаш Бектеши.

Но, неколку дена потоа, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека, токму на барање на македонската влада, ќе ни испорача 50 илјади тони пченица, како и 25 илјади тони пченка, што, пак, наиде на голем поздрав од македонскиот претседател Стево Пендаровски.

–Ние денеска ги добивме потребите на Северна Македонија, тие од нас побараа да им испорачаме 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка и тоа можеме веднаш да им испорачаме, немаме проблем во врска со тоа. Тие купуваат пченка од нас и секогаш ќе имаме и за регионот, и за нас, и за Македонија… – изјави Вучиќ.

Потоа, министерот за земјоделство Љупчо Николовски се обидуваше да објасни дека пченицата не била за стоковните резерви, туку за компаниите. Како што рече тој, во домашните млинови имало резерви од 45 илјади тони пченица, што, според него, било сосема доволно за потребите на домашниот пазар до следната реколта.

-Споменатите количества се во годишните планови на стопанските субјекти, кои им се планирани да ги увезат до почеток на жетва, со цел, како и секоја година, да бидат покриени потребите на домашниот пазар и работата на млиновите, пекарите и други субјекти, не за потребите на државата или стоковните резерви – истакна Николовски.

Сепак, ваквиот развој на настаните не го пропушти да поентира опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чија портпаролка Марија Митева реагираше дека нивните постојани предупредувања за алармантно ниското ниво на стоковни резерви се покажале како вистинити.

–Владата ја донесе Македонија во опасност и веднаш треба да одговори дали стоковните резерви биле празни и поради тоа не се интервенираше на пазарот? Што чекале досега и зошто не обезбедиле неопходни резерви? – праша Митева, но не доби одговор, бидејќи стоковните резерви претставуваа класифицирана информација.

ОТПИС, ПА ДВА ТЕНДЕРИ

Само неколку месеци откако власта уверуваше дека нема потреба од паника, Агенцијата за стоковни резерви, која е под капа на Министерството на финансии предводено од Фатмир Бесими, спроведе 2 тендерски постапки, во чии рамки склучи 4 договори со 3 компании за набавка на вкупно 20 илјади тони меркантилна пченица, во вкупна вредност од речиси 9 милиони евра.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Агенцијата на чело со директорот Реси Абдурахмани, кој е кадар на ДУИ на Али Ахмети, месецов спровела тендерска постапка за набавка на 10 илјади тони пченица, во вредност од над 263 милиони денари. Се работи за делива постапка, во чии рамки се склучени договори со 2 компании.

Имено, тоа се компаниите „Млин Аргулица“ од Карбинци и „Кокра Е Арт-1“ од Порој. Иако и двата договори предвидуваат набавка на по 5 илјади тони пченица, првиот изнесува 135 милиони денари, додека вториот 128 милиони денари, или нецели 7 милиони денари помалку во однос на првиот.

На тој начин биле набавени 10 илјади тони пченица откако само 2 месеци претходно, односно во август биле набавени, исто така 10 илјади тони пченица за складирање во државните стоковни резерви. И тогаш била спроведена делива постапка, при што биле склучени договори со 2 компании, во вкупна вредност од 269 милиони денари.

Патем, еден од двата договори бил склучен со веќе споменатата компанија од тетовски Порој – „Кокра Е Арт-1“, чија вредност изнесувала околу 135 милиони денари. Вториот лот, пак, го добила фирмата „Агроглобал Трејд“ од Скопје, со приближно иста вредност од 134 милиони денари. Двата договори предвидувале набавка на по 5 илјади тони пченица.

Во однос на прашањето зошто се спровеле две јавни набавки едно по друго, преку кои истовремено се набавиле 20 илјади тони пченица, откако во претходната 2021 година биле набавени 10, а во 2020 година нецели 5 илјади тони пченица, од Агенцијата велат дека стоковните резерви се набавуваат во зависност од буџетските средства за тековната година.

„Поради големите осцилации на цената на пченицата на берзите беше објавена прво една набавка од 10.000 тони. Се чекаше да се види дали ќе има промена на цената, но бидејќи тоа не се случи, се објави и втората набавка“, ни одговорија од таму, додавајќи дека учествувале по повеќе од 5 понудувачи, а конечната цена на чинење вклучува транспортни трошоци, царина, ДДВ…

Инаку, овие набавки следуваат набргу откако владата донесе одлука за отпис на 1.500 тони меркантилна пченица, како и 500 тони јачмен за сточна храна, кои всушност претставувале залиха за периодот од 2007 до 2021 година, поради, како што се наведува во одлуката, загуби при складирање и одржување на квалитетот на пченицата и јачменот.

ПРЕПЛАТЕНА ПЧЕНИЦА?

Кога ќе се земат предвид 4-те договори што Агенцијата ги склучила со 3 компании, произлегува дека државата набавила вкупно 20 илјади тони пченица за над 532 милиони денари или 8,6 милиони евра, што значи дека еден тони чинел 26.625 денари, а еден килограм пченица чинел 26,6 денари. Токму тоа беше аргумент на опозицијата да обвини дека пченицата е преплатена.

Првиот човек на Комисијата за земјоделство во рамки на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, кој подолго време испорачува низа критики кон земјоделските политики на владата, ја обвини дека државата при набавката на пченица можела да заштеди над милион евра. На што се темелат ваквите тврдења?

Според Трипуновски, кога е набавена оваа пченица со српско потекло, цената на пченицата на берзата во Нови Сад изнесувала 20,5 денари. Кон оваа сума, тој ги додава другите трошоци, пред сѐ за транспорт, кои, според него, не чинат повеќе од 1,5 до 2 денари по килограм. На тој начин, се доаѓа до сума од 22,5 денари, што е за 4 денари поевтино од постигнатата цена во тендерските постапки.

–Тоа значи заштеда од 1,3 милиони евра доколку пченицата се набавела по цената што важела на берзата. Не ми е јасно зошто македонската влада, во рамки на „Отворен Балкан“ или по друг пат, не испреговара пченица од Србија по цена која ќе биде макар еднаква на берзанската – вели Трипуновски за „Фокус“.

Воедно, тој додава дека домашната пченица од изминатата реколта била откупена за уште пониска цена, која изнесувала од 17,2 до 19 денари, зависно од откупниот пункт, или во просек нешто над 18 денари. Тоа е за цели 8 денари помалку отколку што државата сега купи српска пченица преку македонски компании.

–Има информации дека не е продадена цела домашна пченица, туку дел од производителите ја складираа поради ниската откупна цена. Факт е дека српската пченица е со подобар квалитет, но сега е кризно време. Можеше интервентно да се откупи оваа пченица, на тој начин да се помогнат домашните производители – смета Трипуновски.

„Фокус“ се обрати до македонската влада на чело со премиерот Димитар Ковачевски, како и до Министерството за земјоделство предводено од Николовски. Покрај другото, прашавме дали имало обид повторно да се испреговара пченица на меѓувладино или меѓуминистерско ниво со Србија, која би била по поволна цена?

Исто така, се интересиравме дали има државата доволни резерви на пченица и други култури и дали се размислува дополнително да се зголемат резервите или, пак, да се интервенира од резервите на пазарот со цел да се намали растот на цените? До затворањето на весникот, одговори не добивме.

РАСТ НА ПРИХОДИТЕ

Два од четирите договори за набавка на пченица доби компанијата „Кокра Е Арт-1“, која вкупно инкасираше 263 милиони денари или 4,2 милиони евра за испорака на 10 илјади тони пченица, што е половина од вкупно потрошените пари за набавка на 20 илјади тони пченица. Истата компанија и лани го доби тендерот за пченица, кој изнесувал 174 милиони денари.

Во одговорите што ни ги испратија од оваа компанија стои дека пченицата што годинава ја продале на Агенцијата е со потекло од Србија, бидејќи, како што објаснуваат, во тендерската документација се барало пченица со минимум 76 хектолитарска тежина, додека домашната пченица има од 70 до 73 хектолитарска тежина. Оттука, македонската пченица во старт била дисквалификувана.

„Секој ден се покачува цената на пченица во Србија. Моменталната цена е 25,7 денари по килограм, а продажната цена до Агенцијата за стоковни резерви е 24,4 денари по килограм. Според тоа, не е точно дека е продадена со поскапа цена, бидејќи во цената влегува транспорт, царински и други непредвидени давачки“, велат од „Кокра Е Арт-1“.

Од таму додаваат дека во случајов не се работи за разлика во цена, која претставува маржа. Како што појаснуваат, мора да се исполнува договорот за јавна набавка, односно државата благовремено да се снабдува со резерви од пченица, бидејќи „светските околности не дозволуваат поинаку“.

„Што се однесува до соработката, уште е рано да се каже како ќе биде исходот по овие два договори. Сега засега, условите за набавка на пченица од Србија се катастрофални, бидејќи секоја нова набавка е со нова цена и нови давачки“, велат од компанијата.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека ова друштво за производство на мелнички производи, формирано во 2002 година, има тројца сопственици – Арун Ракиби, Ракип Куртиши и Ментор Ракипи. Во последните години, фирмата работи со добивка, а добила и десетина тендери, сите од Агенцијата за стоковни резерви.

Поточно, финансиските извештаи на компанијата откриваат дека нејзините приходи од 2020 во 2021 година пораснале од 196 на 340 милиони денари, а добивката од 4,2 на 6,5 милиони денари. Сепак, најголем профит е остварен во 2019 година во износ од над 30 милиони денари, кога приходите изнесувале 257 милиони денари.

Досега, „Кокра Е Арт-1“ склучила вкупно 9 договори за јавна набавка во вкупна вредност од речиси 623 милиони денари или 10 милиони евра. Притоа, сите  договори се склучени со Агенцијата со која подолго време раководи Абдурахмани, кој своевремено беше и прв човек на тетовскиот огранок на ДУИ.

ДРЖАВНА ПОМОШ

Во поглед на другите 2 компании, кои склучија договори за дополнителни 10 илјади тони пченица, едната е „Млин Аргулица“ на Гоце Спасов. Втората компанија, пак, е „Агроглобал Трејд“, која ја поседува и светиниколската „АГТ Коки Лукс“. Ова друштво во сопственост на Дејан Михајловски и Горан Малишиќ го доби тендерот за пченица и во 2020 година вреден 65 милиони денари.

Од двајцата содружници, далеку попознат е Малишиќ, кој во јавноста често настапува во својство на прв човек на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, во рамки на Стопанската комора на Македонија. И тој ги отфрлува обвинувањата дека продале поскапа пченица од онаа што можела да се најде и дома и надвор.

-Тендерските постапки се јавни и транспарентни. Кога се прават споредби, се зема берзанската цена и не се калкулираат реални трошоци за транспорт, но и разни други трошоци – вели Малишиќ, додавајќи дека, кога се говори за откуп на домашна пченица, треба да се има предвид дека, како што вели, голем дел е со слаб квалитет.

Според него, добро е тоа што државата во кризно време ги зголемува залихите на пченица, бидејќи не се знае како ќе ескалира војната во Украина и какви ќе бидат последиците. Тој е против предлозите државата преку резервите да пушти пченица во продажба за да влијае врз цените, туку се залага државата да им помогне на мелничарите преку субвенционирање на струјата.

–Откако истекоа договорите со снабдувачи со струја, многу големи мелници не работат, бидејќи помала ќе биде загубата да се делат само плати, откако да се работи со овие цени на слободен пазар. Неодамна плаќавме 80-100 евра по мегават час, но цената скокна над 400, за сега малку да се спушти. За нас би било прифатлив да се вратиме на старите цени – вели Малишиќ.

Додека во многу држави од соседството се субвенционира цената на струјата во мелничко-пекарската и други стратешки гранки во време на криза, македонската влада сѐ уште го спрема пакетот со кој треба да им помогне на компаниите што се на слободниот пазар. Кога ќе се случи тоа, одговор од Илинденска не добивме.

Доколку набргу не стигне помош, ќе продолжи затворањето на мелничките капацитети, а цената на лебот уште повеќе ќе расте, без оглед дали ќе има ограничување на маржите или не. Се разбира, ако лебот воопшто го има, особено што и стопанствениците веќе еднаш предупредија дека може да го снема од рафтовите.

Подоцна, тие ја спуштија топката, велејќи дека пченица и брашно, сепак, ќе има, но стравувањата останаа. Онаа славна реплика на француската владетелка Марија Антоанета гласеше – ако народот нема леб, нека јаде колачи. Но, ако дојде до такво црно сценарио, колачи ќе има, но не за народот, туку за оние што сега ги носат одлуките во негово име.

 

СЀ ПОМАЛКУ СЕ ПРОИЗВЕДУВА ДОМАШНА ПЧЕНИЦА

 

На годишно ниво, Македонија има потреба од 300 илјади тони пченица. Но, според податоците од Министерството за земјоделство и Државниот завод за статистика, домашното производство се движи од 200 до 250 илјади тони, што значи дека се увезуваат 90-100 илјади тони пченица.

 

Колку за споредба, пред десетина години имало 100 илјади хектари површина за обработка на пченица, додека денес се обработуваат 70 илјади хектари. Земјоделските експерти објаснуваат дека има повеќе причини за намалување на домашното производство – фрагментирани парцели, несоодветна механизација…

 

Воедно, има пад и на квалитетот на пченицата, бидејќи производството станува нерентабилно. Меѓу другото, дојде зголемување на цената на вештачките ѓубрива, кои се произведуваат на гас, поради што земјоделците избегнуваат да ги користат. На тој начин, родот е помал, а квалитетот е сѐ послаб, што води кон увоз.

 

Всушност, со странска, односно српска пченица се полнат и државните резерви. Оваа година не е извршена ниту една продажба од пченица или интервенција од стоковните резерви. По последното засилување на резервите со 20 илјади тони пченица, се поставува прашањето зошто се трупаат залихи?

 

Инаку, Законот за стоковни резерви предвидува дека треба да има залихи на пченица за најмалку 120 дена. Ако трошиме околу 300 илјади тони годишно, тоа значи дека треба да има минимум стотина илјади тони или повеќе. Колку точно имаме, не е познато, бидејќи се работи за класифициран податок.

Слични вести