(АРХИВА) Бизнис империја: Над 40 милиони евра за набавка на биолошка терапија во рацете на Пановски!

Компанијата „Д-р Пановски“ влезе во топ-десет фирми лани со најголема вредност во јавните набавки. Оваа фирма веќе подолг период е предводник во здравствениот сектор, а скапите лекови или, пак, познатата биолошка терапија воведена во времето на Филипче од 2019 година наваму се набавува токму од оваа компанија. Првите тендери оделе преку Министерството за здравство, со оглед на тоа што се работи за милионски суми на пари, поточно бизнис-зделка тешка над 40 милиони евра. Тука се и другите милионски тендери за набавка на лекови за ретки болести, за хемофилија, инсулин...

by Fokus

Текстот е објавен на 1 јуни, 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1443

Пишувала: Ирена МУЛАЧКА

Милионските бизниси, фаворизирањето на фирми и местењето тендери не ја одминаа ниту оваа влада, иако во периодот додека беа опозиција постојано на прес-конференции вадеа документи, обвинувајќи ја власта на ВМРО-ДПМНЕ за криминални и спорни тендери.

Додека „пукаа“ бомби од седиштето на Бихаќка, на површина излегоа многу фирми што се криеле под превезот на партијата, која во тој период беше на власт.

Ваквата пракса не згасна и монополските тендери продолжуваат и во иднина, а тоа најмногу се чувствува во здравствениот сектор при набавка на лекови и медицински материјали, од кои реално им зависи животот на пациентите.

Иако болните не ги засега компанијата од која е набавен лекот, тука жално е тоа што во Македонија стана привилегија воопшто навреме и да бидат набавени лековите.

Нормално, секој пациент оди да ја прима неопходната терапија, особено болните од малигни заболувања, на кои секоја минута од животот им е скапоцена.

Сепак, додека пациентите водат битка за лек, компаниите водат натпревар за подобра бизнис-зделка, поголема заработувачка и секако да бидат победничката компанија на милионскиот тендер. Тоа е главната цел.

Пред две недели, „Фокус“ објави за скандалозните случувања на скопската Клиника за онкологија и радиотерапија, за начинот на кој пациентите се борат да дојдат до својот лек, за крадењето цитостатици и за целата направена шема, која години наназад функционира во болницата, а удира по грбот на пациентите.

Исто така, како што веќе објавивме, поранешниот министер за здравство Венко Филипче за првпат во историјата на Македонија во 2019 година ја најави биолошката терапија за лекување на заболените од карцином, посебно за оние кај кои нема позитивно дејство од хемотерапијата.

Станува збор за 40 нови биолошки лекови, кои се исклучително скапи, а успеавме да ги обезбедиме за најголемиот број пациенти што се со хемато-онколошки малигнитети, но и пациентите со солидните тумори. 2019 е година на воведување современа имунолошка терапија за малигните хематолошки заболувања – тврдеше тогаш Филипче.

Од тој момент почна набавката на оваа терапија, која им помогна на дел од болните, но многу од вработените ја искористија за дополнителна заработка. А, ништо покуси не беа и компаниите.

МОНОПОЛСКИ ТЕНДЕРИ

Пред речиси еден месец и Државниот завод за ревизија излезе со страшен извештај за случувањата на скопска Онкологија, кој на површина ги извади сите нерегуларности околу набавката на биолошката терапија, која е нов пристап во лекувањето на пациентите со канцер.

Ревизорот алармира дека Клиниката се соочува со повеќе пациенти и постојан недостиг од лекови, особено за биолошка терапија, која е една од најскапите терапии и чини милиони евра.

Клучни забелешки има за начинот на набавка на биолошката терапија. Клиниката купувала биолошка терапија од само еден доставувач, и тоа на реверс без одобрени средства од Фондот за здравство.

Освен тоа немало формирана цена при набавка на биолошката терапија, а се делела само со одлука на докторите без медицински протоколи и без стручен колегиум. Поради тоа пациентите биле во опасност да останат без терапијата со која се лекувале“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Мора да нагласиме дека биолошката терапија е нов метод на лекување на пациентите, па реално и кој има и кој нема потреба од болните, има желба да ја користи оваа терапија. На тој начин, со овие скапи лекови постои можност, па и надеж за подобрување во лекувањето на пациентите болни од карцином.

„Фокус“ поразговара со неколку лекари-онколози од самата клиника, кои ни потврдија дека оваа терапија се набавувала многу повеќе и од реалните потреби, поточно преку врски ја добивале и оние пациенти, кои реално немале потреба.

Веќе четврта година како оваа терапија се користи на клиниката. Станува збор за многу скапи лекови, кои првично одеа на тендер преку Министерството за потребите на клиниките и болниците, а сега одат директно преку клиниката, која е страшно задолжена.

Долг период немаше медицински протоколи и колегиум, кој ќе одлучи кој има, а кој нема потреба од овие лекови – раскажува докторка што сакаше да остане анонимна.

На тој начин, за последните три години алармантно се трупаат долговите на клиниката и достигаат, како што веќе објавивме, сума од околу 20 милиони евра.

Сепак, во еден дел од извештајот на ДЗР се нагласува дека на клиниката се прават монополски тендери, поточно дека самата биолошка терапија се набавува само од една компанија.

На бизнис-пазарот постојат три или четири компании што ја имаат оваа терапија и кои, како што може да се забележи, учествувале и на дел од тендерите при набавка на скапите лекови.

ЗДЕЛКА ТЕШКА ОКОЛУ 40 МИЛИОНИ ЕВРА

За првпат, Министерството за здравство ја набавува оваа терапија за време на владеењето на екс министерот Филипче, од каде што и се спроведува тендерот за набавка на имунолошките лекови.

Па така, според податоците на Бирото за јавни набавки, првиот склучен тендер за набавка на оваа скапа терапија оди во рацете на „Д-р Пановски“, бизнис-зделка тешка 13,3 милиони евра.

Целата процедура се одвива преку Министерството за здравство, со оглед на тоа што се работи за тендери со милионски суми на пари, за кои болниците немаат финансиска моќ да ги спроведат.

Откако ја воведоа биолошката терапија, ресорното Министерство го склучува договорот со фирмата што ќе ги набавува лековите неопходни за болните од карцином.

Официјалните податоци уште покажуваат дека тендерот е склучен во август 2019 година, а на него конкурирале три компании, од кои победничката понудила најниска цена. Со овој тендер се опфатени неколку клиники и повеќе болници низ државата. Договорот се склучува на две години.

Нешто подоцна, поточно во декември 2020 година, Министерството за здравство прави уште еден тендер во вредност од 1,7 милиони евра. Бизнисот повторно го добива компанијата „Д-р Пановски“, а таа била и единствен понудувач на тендерот, односно целата набавка оди преку рамковна спогодба.

Според податоците објавени на БЈН, биолошката терапија се набавува за потребите на Клиниката за онкологија и за скопска Хематологија, со која управува Ирина Пановска-Ставридис, ќерка на сопственикот на веледрогеријата Златко Пановски.

Во неколку наврати досега објавивме дека таа како прв човек на клиниката се иззема од секој тендер што е поврзан лично со фирмата на нејзиниот татко, иако во случајот тендерската постапка се одвива преку ресорното Министерство.

Но, како и да е, тоа не значи дека не може да има индиректно влијание. Поточно, таа не е потписник на ниту еден документ поврзан со фирмата на Пановски.

Само една година подоцна, компанијата добива уште еден милионски тендер, и тоа бизнис-зделка тешка 21,7 милиони евра. Податоците покажуваат дека на тендерот, кој бил распишан од Министерството за здравство учествувале две компании, а победничката фирма била таа што понудила најниска цена, во случајот „Д-р Пановски“.

Договорот бил склучен во август 2021 година за набавка на биолошка моноклонална и таргет терапија за потребите на дел од клиниките и болниците низ државата.

Веќе од лани, самата Онколошка клиника ги набавува лековите за биолошка терапија, па во декември 2022 година склучува договор, бизнис тежок речиси 2,7 милиони евра во времетраење од само четири месеци. Победничката компанија е и единствената што конкурира на тендерот.

Но, не е само во овие случаи „Д-р Пановски“ единствен понудувач. На Бирото за јавни набавки може да се најде и Меѓународниот тендер лекови – годишно количество, договор склучен лани во август во вредност од 848.538 евра. Името меѓународен значи дека вредноста на сумата надминува над 500 илјади евра.

За разлика од овој тендер, другите два меѓународни тендери за лекови од 2020 и од 2021 година имаат повеќе понудувачи, поточно во едната постапка има четири, додека во другата дури седум, но, сепак, на крајот критериумот најниска цена пресудува и оди во рацете на веледрогеријата „Пановски“, и тоа со вкупна вредност од речиси 2 милиони евра.

ЕДИНСТВЕН ПОНУДУВАЧ НА ТЕНДЕРИТЕ

Сепак, тоа не се единствените тендери, кои оваа компанија во последните години ги добива од ресорното Министерство.

Официјалните податоци покажуваат дека сѐ што е сума повисока од 60 илјади евра, автоматски набавката оди преку МЗ.

Па така, сите поголеми тендери со милионски суми завршуваат во рацете на оваа фирма. Тука се тендерот за ретки болести склучен пред две недели, поточно на 9 мај, годинава во вредност од речиси 3 милиони евра, за цела 2023 година.

Потоа, на оваа листа може да се стави и тендерот за двегодишна набавка на инсулин од јануари 2023 до декември 2024 година во вредност од 3,1 милион евра, а ништо поразличен не и тендерот за набавка на коагулациони фактори за хемофилија за потребите на Институтот за трансфузиона медицина, чија вредност достигнува нецели 5 милиони евра. И овие два договори за јавни набавки се склучени во постапки во кои имало само една понуда.

Тоа го потврдува и последниот официјален извештај на Центарот за граѓански комуникации, во кој се вели дека повеќе од 400 милиони евра договори се склучени со само една единствена понуда. Тоа би значело дека уште предвреме се знае исходот од целата тендерска постапка.

Секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9.305 договори во вкупна вредност од 427 милиони евра.

Отсуството на конкуренцијата води кон зголемување на ризикот во тендерите да не е добиена најдобрата вредност за потрошените пари.

Просечниот број понуди на сите постапки за јавни набавки изнесува три понуди по тендер што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021 година“, се наведува во извештајот на ЦГК.

Според направените анкети, дури 63 отсто од фирмите сметаат дека најниската цена како критериум за избор е најчестиот проблем со кој што се соочуваат во јавните набавки.

93 отсто од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот. Педесет и четири отсто од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите, додека, пак, 46 отсто од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки. Шеесет и четири отсто од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција, а 18 отсто лично се соочиле со корупција на тендерите“, се наведува понатаму во извештајот на ЦГК.

 ТОП-ДЕСЕТ ФИРМИ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ

Компанијата „Д-р Пановски“ влезе во топ десет фирми со најголема вредност на јавните набавки за 2022 година, се наведува во анализата на Центарот за граѓански комуникации. Оваа веледрогерија го зазема високото шесто место, поточно лани склучила 271 договор во вкупна вредност од 13,2 милиони евра.

Компанијата има богата историја позади себе, но и поголема бизнис-империја, која се гради низ годините, а почнува од 1994 година, кога на пазарот се појавува „АД Д-р Пановски“, која опстојува речиси три децении, а како директор фигурира Златко Пановски. Само во 2021 година, компанијата има нето-добивка повеќе од 2 милиони евра.

Десет години подоцна, поточно во 2014 година се формира „Стил Форм ДОО“, село Извор, Чашка, во чија сопственичка структура се веледрогеријата и самиот сопственик Пановски.

Истиот сопственик управува и со поликлиниката „Рес Хумана“, која постои речиси 18 години, поточно од 2006 година, лоцирана во скопски Карпош“. Додека, пак, како директор е наведена Весна Папазоска, специјалист-интернист во самата поликлиника. На истата адреса се наоѓа и „Рес Хумана – Центарот“ за урологија формиран само една година подоцна, во 2007.

Но, тоа не е сѐ. Според официјалните податоци од Централниот регистар, во 2011 година Пановски ја основа и Специјалистичката ординација по радиодијагностика „Центар за дојка“, исто така во Карпош.

Фамозната компанија се најде во центарот на вниманието во последните неколку години откако тендери од 3 милиони евра доби скопската Клиника за хематологија, со која управува, како што веќе наведовме погоре, ќерката на Пановски.

Проблемот во целата приказна беше и тоа што Пановска-Ставридис управува со клиника, која години наназад набавува скапи лекови токму од фармацевтската компанија на нејзиниот татко, што на некој начин преставува конфликт на интереси, иако од таму тврдат дека тие се единствените што ги имаат овие лекови.

Работите се разбрануваа откако веледрогеријата „Пановски“ зема неколку тендери на Хематологија, иако самата директорка со официјален допис до јавноста истакна дека се иззема како потписник на сѐ што е поврзано со компанијата на нејзиниот татко.

Во соопштение до јавноста од Клиниката тогаш тврдеа дека нема судир на интереси, поради тоа што Пановска била изземена од сите постапки за јавни набавки каде што учествувала оваа веледрогерија. Во тој случај, велат, директорката овластувала друго лице да ја спроведе набавката.

„Фокус“ на оваа тема има пишувано неколку пати и факт е дека оваа компанија е една од предводниците на тендерските постапки во здравствениот сектор.

РАМКА

Д-Р ПАНОВСКИ“ НЕ ОДГОВОРИ НА НАШИТЕ ПРАШАЊА

„Фокус“ на оваа тема испрати неколку прашања и до компанијата „Д-р Пановски“, но до затворањето на весникот од таму не добивме повратни одговори.

Единствен одговор лично од сопственикот добивме пред неколку години, а беше поврзан со набавката на скапи лекови на скопска Хематологија, со која веќе шеста година управува неговата ќерка. Неговиот одговор од тогаш ви го пренесуваме во целост:

Свесен сум дека јавноста има целосно право да има одредени сомневања за евентуален конфликт на интереси, бидејќи мојата ќерка Ирина е актуелен медицински директор на Клиниката за хематологија.

Меѓутоа, треба да земете предвид дека веледрогеријата „Д-р Пановски“ се занимава со овој бизнис повеќе од 25 години и меѓу другите здравствени установи и клиники, со години учествува на јавни набавки и склучува договори и со Клиниката за хематологија.

Особено што дел од лековите што се дел од клиничката терапија на пациентите на оваа клиника, единствено во Македонија ги нуди токму нашата компанија.

Пред да станам директор, јас со мојата ќерка расчистив две работи, и повторив дека никогаш нема да бидам пречка за нејзината професионална кариера како лекар, професор, а сега и како медицински менаџер и дека во ниту еден случај нема да дозволам да биде ставена во непријатна ситуација, да прекрши закон или етички да биде оцрнета заради „Д-р Пановски“, се наведуваше тогаш во одговорот на сопственикот на веледрогеријата.

Поврзани новости