Апасиев тврди дека за Спасовски не важат законите, МВР демантира

by fokus

Пратеникот и лидер на „Левица“, Димитар Апасиев на социјалните мрежи објави фотографија од паркирано возило пред ресторан за кое тврди дека било на обезбедувањето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски додека наводно тој бил на ручек.

-Обезбедувањето на Оливер Спасовски незаконски паркирано ја блокира цела улица, додека министерот е на ручек‼️ Вака ли сите сме исти пред законите, како што тврдеше Спасовски во хајката против Апасиев?! Македонски полициски синдикат ќе побарате ОДГОВОРНОСТ од вашиот министер или реагирате само против пратеници на опозицијата? Вака ли сме сите исти пред “уставот и законите” или законите важат само за опозициските пратеници од Левица? p.p.s. Министрите (за разлика од пратениците) – немаат ни имунитет!, напиша Апасиев.

Веднаш по објавената фотографија стигна демант од Министерството за внатрешни работи во кој се вели дека Апасиев шири лажни вести.

-Министерството за внатрешни работи ги демантира лажните вести кои упорно ги шири пратеникот Димитар Апасиев. По минатонеделниот обид со лаги и подметнувања да ја оцрни полицијата, за што доби соодветна лекција и од стручната јавност, Апасиев сега повторно се обидува со лаги да ја манипулира јавноста. Тој на социјалните мрежи објавува фотографија од неправилно паркирано возило, лажно обвинувајќи дека тоа е возило на МВР. Вистината е сосема различна. Спорното возило не е на МВР, а покрај тоа, на ова возило му изречена е соодветна санкција. Апелираме до пратеникот да почне да се однесува како пример за заедницата и наместо да со лаги и манипулации да покаже достоинство за функцијата за која го гласале граѓани, се вели во демантот на МВР.

Апасиев минатиот викенд беше во центарот на вниманието откако објави дека полицаец го запрел без да се легитимира му побарал да направи алкотест. Тој поднесе претставка до Внатрешната контрола на МВР против полицискиот службеник за непрофесионално однесување бидејќи немал налог за претрес на пратеник (поради пратеничкиот имунитет) и не му издал записник за направен алкотест. Од МВР пак кажаа дека законите важат еднакво за сите граѓани, без разлика на нивната функција.

Поврзани новости