Анкета на МЦМС и Телма: Мнозинството не верува во реформи без надворешен притисок

by Фокус

Граѓаните се сомневаат дека Владата има капацитет да ги спроведе потребните реформи во земјава без надворешен притисок, покажува анкетата што ја спроведоа Македонскиот центар за меѓународна соработка и телевизија Телма, според која 56,1 отсто од испитаниците не се согласуваат со изјавата дека реформите можат да се спроведат без надворешен притисок.

За разлика од нив, 42,1 отсто целосно или делумно се согласуваат дека властите имаат капацитет за спроведување реформи. Притоа, етничките Албанци повеќе се склони да веруваат дека реформите можат да се спроведат без надворешен притисок во однос на етничките Македонци.

Воедно, анкетата покажува дека мнозинството граѓани сметаат дека властите немаат капацитет за реформи во судството. Односно, таков став изнеле над две третини (68,5), додека околу една четвртина или 26,0 отсто, рекле дека Владата има капацитет за вакви реформи.

Во однос на реформите за борба против корупција, 71,8 отсто од испитаниците рекле дека сметаат дека Владата нема капацитет за справување со корупцијата во државата, додека 23,4 отсто сметаат дека има.

Инаку, анкетата за МЦМС и Телма ја спрове од М-проспект, а анкетирањето е извршено телефонски од 16 до 24 декември 2020 година врз репрезентативен примерок од 1.000 испитаници постари од 18 години.

Поврзани новости