Министерството за транспорт и врски денеска, или најдоцна до утрешниот ден, ќе обезбеди дел од потребните финансиски средства за покривање на загубите за патнички сообраќај во МЖ Транспорт, велат од таму по средбата на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески со менаџерскиот тим на МЖ Транспорт и претставници на штрајкувачкиот одбор.
Втор ден железничкиот сообраќај е во прекин поради бојкот на машиновозачите. Тие најавија дека нема да се вратат на работните места се додека не ја добијат втората половина од октомвриската плата.
„Залагајќи се за разрешување на актуелната состојба, упатуваме апел до менаџерскиот тим и синдикалните организации да изнајдат решенија во најбрз можен рок за да се овозможи непречено одвивање на железничкиот сообраќај. Министерството за транспорт и врски во рамките на своите надлежности и понатаму ќе продолжи со исплата на средства на име на трансфери и субвенции кон Железница, но потребно е да се создадат услови за нормално функционирање на железничкиот систем“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека во случај на продолжување на блокада на железничкиот сообраќај ќе се доведе во прашање исплатата на заостанатите плати за сите вработени во железничките претпријатија.