Ангеловска најави нови 90 милиони евра поддршка на здравството и социјалата

by fokus

Нов „Проект за брзо дејствување против Ковид-19“ во вредност од околу 90 милиони евра за поддршка на здравството и социјалата кој ќе се имплементира со поддршка на Светската банкка, најави министерката за финансии Нина Ангеловска во објава на Фејсбук.

Таа информира дека дека проектот се состои од две компоненти и тоа за зајакнување на здравствените капацитети, како набавка на медецинска опрема и материјали, реновирање здравствени установи, финансирање на здравствено осигурување за ранливи групи, и компонента за поддршка на домаќинства, која вклучува трансфери за ранливи домаќинства и паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата.

– Ова беше една од темите на состанокот со потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, вицепремиерката Радмила Шекеринска и вицепремиерката Мила Царовска, во рамки на виртуелните Пролетни средби на ММФ и Светска банка. Вкупната поддршка од Светска банка за земјава за справување со коронакризата е 140 милиони евра, од кои 50 милиони ќе се наменат за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, која е наменета за зачувување на работните места, посочува министерската Ангеловска во објавата.

На состанокот учествувала и наследничката на Милер, Ана Бјерд, која од 1 мај ќе ја преземе функцијата, по завршувањето на неговиот мандат.

Министерството за финансии информира дека поддршката од Светска банка за земјава за справување со последиците од кризата предизвикана од Ковид-19 ќе изнесува околу 140 милиони евра. Дел од средствата ќе се наменат за нов проект „Проект за брзо дејствување против ковид-19“ во износ од околу 90 милиони евра, а останатите 50 милиони евра за мерката за „финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен“ за работодавци и самостојни вршители на дејност.

– Во дискусијата, детално беа презентирани ефектите од глобалната криза предизвикана од коронавирусот врз македонската економија, а беа разгледани и економските мерки за справување со шокот од пандемијата. Од Светска банка позитивно ги оценуваат мерките коишто во рамки на своите надлежности ги преземаат Владата и Народната банка, за коишто се смета дека се навремени и таргетирани, наведува Министерството за финансии во своето соопштение.

На состанокот акцент бил ставен и на стабилноста на финансискиот систем, при што и овојпат е нагласено дека таа мора и понатаму да биде приоритет.

– Во тој контекст, одделно се разговараше за активностите и мерките на Народната банка што се однесуваат на стабилноста на банкарскиот систем, којашто е клучна за одржување и јакнење на севкупната финансиска стабилност. Досега преземените мерки се сметаат за дополнителна гаранција дека стабилноста ќе биде одржана, а особено важно е и што системот има капацитет да се справи со шокот, што се должи и на прудентната регулатива, во голема мера усогласена и со европските регулативи, се додава во соопштението.

Министерството наведува дека соодветниот одговор на носителите на политиките во однос на предизвиците коишто ги поставува кризата предизвикана од коронавирусот се значаен сигнал за поддршката којашто Светска банка ја дава за Северна Македонија.

Поврзани новости