Албанија ги препознава и сака да ги искористи успешните мерки за сузбивање на сивата економија кои ги применуваме. За мерката субвенционирање на придонесите за покачување на плата на вработените, МојДДВ и МојДДВ #МојаНаграда стана збор на официјалната средба помеѓу министерката за финансии Нина Ангеловска и министерката за финансии и економија на Албанија Анила Денај.
Министерката за финансии Ангеловска посочи дека најчесто учиме од најдобрите практики на другите земји и дека и ние имаме потенцијал да бидеме пример за најдобри практики на други земји во борбата против сивата економија. Таа истакна и дека Министерството забрзано работи на акциски план и платформа за сузбивање на сивата економија, кои ќе ја адресираат сивата економија, особено во фискалниот дел.
На средбата, на која беа присутни и заменик министерката за финансии на Република Северна Македонија Ширет Елези и заменик министерката за финансии и економија на Албанија Белинда Икономи, стана збор за соработката помеѓу двете земји и за размена на искуства помеѓу министерствата за унапредување на системите за јавни финансии. Беше истакнато дека преку учење едни од други, ќе се применуваат добри практики во насока на градење подобри системи и економски развој.
На состанокот стана збор и за процесот на евроинтеграции во Република Северна Македонија и Албанија и беа разменети соодветни искуства во однос на поглавјата кои се во надлежност на двете министерства. Беше истакнато дека за двете земји членството во ЕУ е приоритет.
Инаку, во трговската размена со Албанија во континуитет бележиме суфицит, но таа значително може да се подобри, бидејќи таа учествува само 1% во структурата од надворешно-трговската размена на земјава.