Села: Не може да бидеме земја каде 30 години нема осуден политичар за корупција

by Фокус

Шефот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, по состанокот со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија, рече дека сe уште не истекол рокот од 48 часа за предлогот за можна предизборна коалиција со Движењето Беса и Алтернатива.

-Трае рокот од 48 часа. Немам одговор од ниту една партија. Алијансата прави сe за да има коалиција. Нашата понуда е трипартитна коалиција, верувам дека во овој момент нешто ќе се случи и ние ќе влеземе во коалиција – рече Села.

Воедно, тој побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира донесувањето на нов закон за јавно обвинителство, но истовремено, како што порача, мора да се прифатат искажаните забелешки.

– Никој не треба ноншалантно да се однесува и да ја блокира надежта што ја имаме, дека во март ќе добиеме датум за преговори со ЕУ – истакна Села.

Лидерот на АА истакна дека треба да се врати Прибе 3 за да оцени до каде се исполнети неговите препораки.

-Експерти, судии и правобранители од ЕУ да дојдат и да ги отворат уште еднаш сите затворени предмети кои имаат врска со висок политички криминал и корупција зашто не може да бидеме земја во која за 30 години ниту еден политичар не е осуден за корупција – напомена тој.

Поврзани новости