Доколку Талат Џафери биде избран за пртседател на Собранието тој нема да биде првиот Албанец на оваа позиција. Оваа функција во последните пет години пред плурализмот ја извршуваше Вулнет Старова, Албанец, прв човек на Собранието од 1986 до 1991 година, во време на Социјалистичка Република Македонија. Неговиот наследник, по првите парламентарни избори беше Стојан Андов. Тој за Алсат М вели дека доколку стаса ваков предлог, не би требало да има простор за колебање.
-Етничиот предзнак не значи ништо, никаква пречка не е тоа, бидејќи ние досега сме имале Албанец, претседател на Собранието. Тоа е почитуваниот, наш, чуен педијатар, Вулнет Старова кој беше пред мене. Кога заврши неговиот мандат, па во новото повеќепартиско Собрание бев избран јас. Така да, тоа не може да биде пречка, не сметаше ништо, беше одличен претседател и верувам и Талат Џафери ќе биде, тоа не може да му биде пречка. Сега, ако политички сметаат дека е неподобен, кај Талат Џафери исто е проверено. Колку што знам ја има довербата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи беше министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ“, оценува Андов.
Инаку, Џафери не би бил ниту прв кандидат Албанец за собраниски спикер по осамостојувањето, бидејќи во 2000-та година на предлогот Стојан Андов да биде претседател на законодавниот дом, социјалдемократите го номинираа Абдурахман Халити од ПДП. Мнозинството гласови ги освои Андов, но остана запаметено дека пратеници Македонци поддржале Албанец да стане прв човек на Собранието.
-Тогаш јас бев кандидат и Алити, меѓутоа Алити многу се мислеше дали и воопшто да се кандидира, и самиот беше уверен дека овојпат штом сум кандидат треба да бидам избран. Инаку ќе беше и он одличен претседател, Алити беше одличен во секој поглед“, додава Андов.
Андов тврди дека клучна работа е собранискиот претседател да знае да си ја врши својата работа, а според него Џафери има повеќегодишно искуство во Парламентот.