Дуелот Амар-Орце ја отвори темата каде и како се стекнуваат дипломите на политичарите – дали на факултети или во фабрики за дипломи. Дуелот поттикна дебата со која се апострофираа сомнежите дека најголемиот дел од дипломите со кои се стекнале политичарите, се на неквалитетни факултети или купени на универзитети со сомнителни релации со политичките елити.
Пишува: Орце КОСТОВ
Телевизискиот дуел меѓу кандидатите за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, наместо дебата за конкретните решенија што ги понудија двајцата за градот, предизвика дебата со фокус на недовршеното образование на младиот пратеник од Чаир.
Сега веќе избраниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ТВ дуелот на една национална телевизија го искористи со цел да поентира кај своето гласачко тело во ВМРО-ДПМНЕ со срамен напад кон образованието на Амар Мециновиќ како да е тоа најголемиот грев на денешницата.
Амар призна дека не го довршил образованието на политички студии на Правниот факултет во Скопје, како што впрочем и пишува во неговата биографија која како пратеник ја доставил во Собранието, но тоа не го спречи цунамито од напади на социјалните мрежи, кое го предизвикаа приврзанициите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните ботови на Твитер, Инстаграм и Фејсбук.
Политички неопределените, пак, поттикнаа дебата за тоа каде сè се школуваат партиските функционери, министри, пратеници и директори назначени од Владата и Собранието.
Се отвори и дебата со која се апострофираа сомнежите дека најголемиот дел од дипломите со кои се стекнале политичарите, се на неквалитетни факултети или купени на универзитети со сомнителни релации со политичките елити.
Без разлика на степенот на високо образование и без разлика дали е дипломиран, магистриран или докториран, на политичарот или оној што атакува на влез во Собранието како народен пратеник или како советник во некоја од општините, не му треба никакво високо образование.
„Кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник може да биде државјанин на Република Македонија, ако: – наполнил 18 години живот и – има деловна способност.
Кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник не може да биде лице кое: – е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие издржување се уште не е започнато и – се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.
Покрај условите утврдени во ставот (2) на овој член кандидат за член на совет и градоначалник може да биде граѓанин со постојано живеалиште во општината и градот Скопје каде што се врши изборот “се вели во член 7 од Изборниот законик.
Оттука е нејасно зошто се покрена цела партиска машинерија во ВМРО-ДПМНЕ за да дискредитираат кандидат за градоначалник врз основа на недовршено образование.
ОБРАЗОВАНИЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ
„Фокус“ анализираше какво образование имаат политичарите, односно пратениците, членовите на владиниот кабинет и некои функционери и каде тие се стекнале со универзитетска диплома.
Во актуелниот состав на парламентот, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници, од нив 53 се пратеници од најголемата партија, а другите се пратеници од партиите во коалицијата.
Речиси сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ студирале и дипломирале на некои од факултетите на државните универзитети „Кирил и Методиј“ во Скопје и „Гоце Делчев“ во Штип и „Св. Климент Охридски“ во Битола, но има некои кои се едуцирале на приватни факултети во Македонија и странство.
ВМРО-ДПМНЕ: Државни дипломи и партиски универзитети
Пратеникот Александар Велјановски од Тетово магистрирал на Штуловиот универзитет кој е приватен. Биљана Кузманоска, пратеничка на ВМРО од Прилеп е дипломиран економист на приватниот Меѓународен славјански универзитет во Свети Николе.
Најголем дел од нив студирале право, политички студии и економски науки, но има и инженери кои завршиле на Природно-математичкиот факултет во Скопје како пратеникот Бране Петрушевски, доктори на науки на Филозофски факултет како Ѓорѓија Сајкоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и генерален секретар на владејачката партија, но и лекари, стоматолози како што е Дафина Стојаноска. Таа се стекнала со звање Магистер по менаџмент на човечки ресурси во социјални и општествени дејности, но во биографијата не е наведено каде магистрирала.
Валентина Мирчевска од Тетово, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ се стекнала со титула Магистер по менаџмент на човечки ресурси на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
И Емилија Ангелова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Македонка родена во Бугарија е хемиски инженер која магистрирала односи со јавноста на Факултетот за туризам и менаџмент во Скопје.
Игор Здравковски магистрирал економски науки, а Катерина Димитровска завршила менаџмент за човечки ресурси, и двајцата на истиот универзитет.
Марија Петрушевска се стекнала со звање Магистер по меѓународна политика и дипломатија на ФОН во Скоје, Миле Лефков е дипломиран правник од Правен на УКИМ, а Петар Ристески Пеката од Прилеп дипломирал на Стоматолошкиот факултет.
Во странство се едуцирале Антонио Милошкоски кој магистрирал меѓународна политика на Универзитетот Бон во Германија, Драган Ковачки кој дипломирал на Кралскиот колеџ за одбранбени студии во Лондон.
Рашела Мизхрахи од ВМРО-ДПМНЕ, која е Еврејка родена во Скопје, е доктор специјалист по биохемиски науки дипломирана на Универзитетот Бар-Илан во Израел.
Пратениците од СДСМ се едуцирале на македонските државни универзитети, пред се на УКИМ, но има и такви кои се дообразувале во странство. Експремиерот Димитар Ковачевски е доктор на економски науки кој докторирал на Економскиот факултет при Универзитетот на Црна Гора.
Пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче цело свое образование го завршил на Медицински факултет на УКИМ, а сега е познат неврохирург.
Ексминистерот за транспорт и врски Благој Бочварски дипломирал на Архитектонски факултет во Скопје, а пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи кој е Албанец, завршил бизнис администрација на Економскиот факултет во Тирана.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова е магистер по граѓанско право на Универзитетот ФОН.
Пратениците на Социјалистичката партија на Македонија дипломирале на УКИМ, Драган Недељковиќ од Демократската партија на Србите завршил земјоделски факултет во Скопје.
Шестмината пратеници на ЗНАМ своето образование го стекнале на УКИМ, на Правен, Филозофски и Економски факултет, освен Павле Арсовски од Гостивар кој дипломирал на Воена школа „Бан Јосип Јелачиќ“ во Загреб.
Двајцата членови на НСДП, Горан Мисовски и Соња Мираковска дипломирале осигурување на „Климент Охридски“ во Битола, односно право на Правен во Скопје.
Левица, како и ЗНАМ има шест пратеници. Гореспоменатиот Амар Мециновиќ е на додипломски студии на политички науки на „Јустинијан Први“, Борислав Крмов нема високо образование и завршил Општа гимназија во Штип.
Лидерот Димитар Апасиев од Велес е доктор на правни науки, а завршил на УКИМ во Скопје.
Јована Мојсоска од Струга завршила Факултет за безбедност и финансиска контрола на „Св. Климент Охридски“ во Битола, Реџеп Исмаил е магистер по политички науки на УКИМ, додека Сашко Јанчев од Гевгелија е магистер на Правниот факултет.
Албански партии: Приштина и Тирана пред Тетово
Кај пратениците етнички Албанци може да се забележи дека своето образование го стекнале на универзитетите во соседните земји во Тирана и Приштина, а дел од нив завршил на УКИМ и на Тетовскиот државен универзитет.
Идниот прв вицепремиер Беким Сали член на Алтернатива е стоматолог со диплома од УКИМ. Пратеничката на БЕСА, Ваљбона Адили-Емини од Кичево е специјалист педијатар која медицинското образование го стекнала на Медицински факултет „Мајка Тереза“ во Тирана.
Во Тирана студирал и пратеникот на БЕСА, Беким Ќоку. Имрлије Салиу-Фетаи од Алтернатива завршила на Штулов, а Калтрина Беќири од БЕСА на Тетовски универзитет. На Тетовски завршиле уште Саранда Имери-Стафари и Фериде Хаџиу, двете членки на Демократско движење и дел од коалицијата ВРЕДИ. Мимоза Муза од Алијанса за Албанците е магистер по англиски со диплома од Штуловиот унивиерзитет.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети завршиле Филозофски, односно Правен на Државниот универзитет Приштина. Во Приштина се образувале и Муса Џафери од ДУИ и лидерот на ДПА, Мендух Тачи на Стоматолошки факултет Приштина.
Дијана Тоска студирала политички науки на Штулов, а Илир Хасани е трауматолог кој своето образование го стекнал на УКИМ.
Во странство се школувал и Талат Џафери, прво на Воена академија на копнена војска во Белград, потоа специјализирал за командни и штабни должности и е Магистер по одбрана на Филозофски факултет во Скопје.
Зијадин Села од Алијанса за Албанците е специјалист по општа медицина кој дипломирал на Медински факултет во Тирана. Илир Демири од истата партија е инфектолог кој завршил на Универзитетот Мајка Тереза во Скопје.
Илире Даути и Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците дипломирале на Тетовски универзитет.
Независниот пратеник Бејџан Илјас од Турска демократска партија е доктор по медицина кој дипломирал на Универзитетот Селчук, во Коња, Турција.
Сали Мурати од Движење на Турците е правник кој дипломирал на Правен во Белград, додека претседателот на Собранието, Африм Гаши и член на Алтернатива прво дипломирал право на ДУТ во Тетово и потоа магистрирал политички науки и човекови права на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје.
ВЛАДИН КАБИНЕТ
Во владиниот кабинет кој го предводи премиерот Христијан Мицкоски и кој наскоро ќе биде предмет на реконструкција, 15 членови се од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, шест од ВРЕДИ и двајца членови од ЗНАМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски дипломирал, магистрирал и докторирал на Машински факултет во Скопје.
Од 2019 година е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, а претходно бил вонреден професор, доцент, асистент и помлад асистент. Медиумите пишуваа дека Мицкоски бил асистент кај неговиот татко Иван Мицкоски кој бил професор на Машински факултет.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски дипломирал и магистрирал на отсекот политички науки на Правен факултет во Скопје.
Досегашниот министер за животна средина и прв вицепремиер кој стана градоначалник на Чаир, Изет Меџити дипломирал финансиски менаџмент на Економски факултет во Скопје, додека Арбен Фетаи, вицепремиер за политики и добро владеење дипломира на политички науки на Бриселскиот слободен универзитет, а специјализира надворешни односи на Институтот за европски студии во Белгија.
Иван Стоиљковиќ, претседателот на Демократската партија на Србите, кој е вицепремиер за односи меѓу заедниците своето високо образование го завршил на Правниот факултет во Скопје.
Љупчо Димовски, вицепремиер и министер за политички систем дипломирал на Факултет за економски науки во Скопје. Тој е лидер на Социјалистичката партија.
Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, докторирал правни науки на Правниот факултет „Јустинијан први“ при УКИМ, каде дипломирал и магистрирал.
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи Дипломира и магистрира на Правниот факултет во Скопје и има положено адвокатски и правосуден испит.
Гордана Димитриоска Кочоска, која раководи со Министерството за финансии, дипломирала на Економскиот факултет Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски дипломирал на Факултетот за општествени науки, Скопје, додека министерката за образование и наука, Весна Јаневска е доктор на науки на Медицинскиот факултет при УКИМ и специјалист по патологија.
Орхан Муртезани, министер за европски прашања, дипломирал на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а постипломски студии завршил на Универзитетот Мармара, Истанбул.
Игор Филков, министер за правда, дипломира на Правниот факултет во Скопје.
Фатмир Лимани, кој го предводи Министерството за социјална политика, дипломирал на Филозофскиот факултет во Универзитетот во Тетово.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински дипломирал на Факултетот за физичка култура-УКИМ, каде се стекнал со звање дипломиран професор/тренер, а со магистратура по менаџмент на човечки ресурси се стекнал на Институтот за политичко-правни истражувања-УКИМ/Универзитет за туризам и менаџмент Скопје.
Шабан Салиу, министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите, дипломирал на Правен факултет во Скопје, магистрирал на ФОН Универзитет, Скопје, а докторирал правни науки на Универзитет Мегатренд, Белград.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, дипломирал на Факултетот за економски науки при Државниот Универзитет, специјалистички студии завршил на Факултетот за економски науки при Американскиот Универзитет на Европа во Скопје, а во тек и се магистерските студии на Факултетот по бизнис во Приштина.
Сања Божиновска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини дипломирала Бизнис администрација и студии по политички науки на Англо американ универзитет, Прага, Чешка, а магистрирала на Универзитетот Харвард, САД.
Цветан Трипуновски кој е министер за земјоделство, шумарство и водостопанство има диплома стекната на Земјоделскиот факултет.
Министерот за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски дипломирал на Правниот факутет „Јустинијан Први“ – Скопје, каде е докторанд, а завршил магистерски студии по меѓународни односи и меѓународна економија на Универзитетот Џонс Хопкинс, Школа за напредни меѓународни науки (САИС).
Горан Минчев, министер за јавна администрација, завршил на Економски во Скопје, додека министерот за култура и туризам, Зоран Љутков дипломирал на ФДУ.
Министерот за спорт Борко Ристовски, дипломирал на Економски факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, каде се стекнал со звање дипломиран економист.
Во новата Влада на Мицкоски, речиси сите министри имаат дипломи од УКИМ, но неколку магистри и доктори на науки доаѓаат од контроверзниот Универзитет за туризам и менаџмент.
НАЈЧЕВСКА: ШТАНЦАЊЕТО ДИПЛОМИ ГИ УРНИСА СИТЕ ОБРАЗОВНИ ВРЕДНОСТИ
Но, зошто незавршениот факултет на Амар предизвика толку голема општествена дебата во земја во која образованието едвај се спомнува во текот на цела година, а критериумите за избор на градоначалник се навистина ниски? Одговор на ова прашање ни даде професорката д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
– Тоа во народот е познато како синдром: кој си ја има мувата на капата. Толку се горди што го изиграле системот и добиле дипломи без учење што тоа сега го користат како оружје против секој кој нема диплома. Уште повеќе, кога ќе се појави некој кој не ја купил дипломата или не ја стекнал по пријателско/роднинска/партиска линија, ја употребуваат фразата: таканаречениот професор. Таканаречената експертка, вели професорката.
Професорката смета дека критериуми за избор на пратеник и градоначалник, на пример високо образование во услови на потполно дезавуирање на образованието станува беспредметно.
– Кога секој може да се закити со диплома, магистратура па и докторат, едноставно образованието како критериум е само форма без содржина, коментира Најчевска.
Таа постави прашање на социјалните мрежи „Колку од функционерите зеле дипломи од Универзитетот за туризам и менаџмент а колкумина од Тетовскиот универзитет?“ алудирајќи на нискиот квалитет на предавања, предавачи и целокупниот образовен процес.
На прашањето дали приватните универзитети како горенаведениот или пак оној скандалозниот на Рамиз Мерко во Струга кои се и најголем избор на партиски функционери кои добиле некоја директорска функција, служат за „образовање“ на партиски кадри, Најчевска одговори:
–Дефинитивно. Штанцањето дипломи ги урниса сите образовни вредности. А во голем број случаи претставува и своевидна злоупотреба на службената должност (кога се добиваат дипломи во моментот кога е некој на функција во власта)“.
Биографиите на пратениците покажаа дека пратениците од македонските партии образованието го завршиле на државни универзитети, но голем дел на дисперзирани студии во Штип, Прилеп, Охрид. …, додека пратениците од албанските партии се образовале во Приштина и Тирана, а не на Тетовски или на Штулов.
–Во моментов станува небитно каде завршил некој образование. Отворањето на десетици факултети и универзитети го дезавуираше целокупното образование. Меѓутоа тоа што голем дел од функционерите од албанските етнички партии завршуваат високо образование во Приштина и Тирана е посебен проблем заради тоа што се создаваат услови за постоење голем број функционери кои не го зборуваат македонскиот јазик. Кога станува збор за општествените науки тоа значи голем број функционери кои немаат знаења од она што претставува структура и функционирање на македонската држава, изјави Најчевска.
Речиси цел владин кабинет се стекнал со образование на УКИМ, но некои од министрите во Владата се дообразувале на магистерски студии на Универзитетот за туризам и менаџмент. Министер за локална самоуправа е дипломиран тренер, а министер за спорт е економист.
–Во услови кога би постоела стручна и соодветна администрација тоа не би било проблем. Министрите се во принцип лаици кои се потпираат на знаењето и стручната поддршка на администрацијата. Во наши услови со максимално партизирана и нестручна администрација тоа станува посебен проблем.
Она што е куриозитет е да имаш соодветен кадар за одредена област а да го поставиш на најнесоодветното можно место. Така има случаи кога во Канада се испраќа амбасадор кој зборува руски, но не и англиски или барем француски јазик во ситуација кога на располагање имаш такви кадри. Ова само покажува дека се делат функционерски места по принципот партиска поделба на колачот, а не по принципот на најдобро функционирање на државата, коментира нашата соговорничка.
ОМИЛЕН УНИВЕРЗИТЕТ НА ПАРТИЈАТА НА ВЛАСТ
Во текот на дебатата со Амар Мециновиќ, новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заборави да спомне дека магистрирал на Универзитетот за туризам и менаџмент.
Оваа институција е предводена од ректорот Аце Миленковски, кој е истакната политичка фигура и долгогодишен кадар на ВМРО-ДПМНЕ кој бил и градоначалник на Општина Чаир.
Оваа врска веднаш ја става дипломата на кандидатот во сосема поинаков контекст, покренувајќи ги прашањата за независноста на образовниот процес и за можното влијание на политичките врски врз стекнувањето на академиската титула.
Универзитетот има лоша репутација поради сомнежите што ги изнесоа дел од медиумите дека е наводна „фабрика за дипломи“ за членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Еден од најпознатите по актуелни случаи е оној на Бојан Христовски, моментален директор на АНБ, кој дипломирал на овој универзитет за помалку од една година, што покрена сериозни прашања за легитимноста на неговите студии за што имаше бурни реакции во јавноста.
Освен ТОЕФЕЛ, набавен во Бугарија, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Христовски, има сомнителна диплома и уверние за положени испити по економија од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и од Универзитетот Скопје.
Премиерот Мицкоски, одговорајќи на пратеничко прашање во врска со случајот рече дека Христовски студирал 3 години и дека испитите од трите години му биле пренесени во уверението, а во 2022 година ја зел четвртата година, односно студирал по систем 3 плус 1 година.
На овој Универзитет дипломирале и магистрирале неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од сегашниот состав на Собранието и двајца министри од кабинетот на Мицкоски, Борко Ристески дипломирал, а Перински магистрирал.
ПРИНЦИП НА ПАРТИСКА ПОДЕЛБА НА КОЛАЧОТ
Тезата на професорката Најчевска дека функционерските места се делат по принципот на партиска поделба на колачот, а не по принципот на најдобро функционирање на државата ја потврдуваат и одлуките на Владата кога именува директори на државните институции и кога распишува огласи за вработување во Владата или пак институциите кои ги водат овие директори.
Во јули 2024 година, Александар Пандов, беше назначен за в.д. директор на Управата за извршување санкции. Пандов е дипломиран историчар, а не правник.
Два месеца подоцна, владата ја назначи Ивана Гиновска од Куманово за в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) како партиско решение од ЗНАМ.
Таа е магистер по економски науки која има искуство во банкарскиот сектор и во некои јавни претпријатија. Гиновска го наследи Сретен Стојковски кој беше дипломиран инженер технолог, магистер по технички науки од областа Инженерство на животната средина.
На последниот оглас кој го распиша Владата за помошник раководител на сектор за односи со јавност и протокол се бараше образование завршен VII/1 степен на Политички науки, Социологија, Социјална работа и социјална политика, а не образование од областа на медиумите и комуникациите.
Вакви политички одлуки со избор на несоодветни кадри на несоодветни позиции и има и во државните претпријатија. На пример, во новиот управен одбор на Градски трговски центар, покрај економисти и правници има и инженер технолог, кој е и државен инспектор за храна во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Текстот е објавен на 13 ноември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.571.