Американец оздравел од Ковид-19, но добил сметка за лекување од милион долари

by Fokus

Мајкл Флор бил примен во болница во Сиетл на 4 март и останал таму 62 дена. Во еден момент тој бил толку блиску до смртта што сестрите му го држеле телефонот за да може да се збогува со сопругата и децата.

Сепак, Мајкл се опоравил и бил пуштен од болницата на 5 мај, на задоволство на лекарите и медицинските сестри кои се грижеле за него, за на крајот да добие сметка на 181 страница во висина од 1.122.501 долари, изјавил тој за весникот.

Тоа вклучува: 9.736 долари дневно за соба на интензивна нега, речиси 409.000 долари за претворање на собата во стерилен простор за 42 дена, 82.000 долари за употреба на респиратор за 29 дена и скоро 100.000 долари за двата дена кога бил во животозагрижувачка состојба.

Флор го покрива „Медикер“, програмата на Владата за осигурување на стари лица и нема да треба да плаќа од свој џеб, објави во саботата „Тајмс“.

Но, во земја каде здравствениот систем е еден од најскапите во светот и мислата да се направи достапен за секого останува многу контроверзна, тој рече дека се чувствува виновен, знаејќи дека даночните обврзници ќе ги сносат повеќето од трошоците за негово лекување.

-Спасот на мојот живот чинеше милион долари и секако дека сметам дека тоа се добро потрошени пари. Но знам дека можеби сум единствениот што ќе го каже тоа, истакнал Флор за „Тајмс“.

Конгресот одобри гигантски план за одржување на американската економија за време на коронавирусот, кој вклучува буџет од 100 милиони американски долари како компензација за болниците и приватните осигурителни компании кои се грижат за лекувањето на пациенти со Ковид-19.

Поврзани новости