Александрова: Мицкоски вчера парадираше пред камерите, иако знае дека нема посета на притвореник без судска дозвола

by fokus

Од Независната пратеничка група реагираат на инцидентот кој се случи вчера во затворот во Шутор Оризари и велат пресметка во која настрадаа поранешни министри од ВМРО ДПМНЕ е настан без преседан. Од таму бараат брза разрешница, но и одговорност.

-Се обраќаме најпрво до Министрите за правда и внатрешни работи. Од нив очекуваме конкретна реакција. Бидејќи овие случувања не се одлика на современа држава која го следи патот кон ЕУ. Второ, се обраќаме до директорот на затворот: Како е можно во затворот во два различни периоди во ист ден да се случат два различни инциденти со физичка пресметка?! Директоре, наместо да барате кој прв почна, време е да си ја потпишете својата оставка бидејќи луѓе во затворот ви се повредени. Луѓето не се безбедни во институцијата која ја водите и никакви изговори не може да го оправдаат овој пропуст- изјави денеска пратеничката Емилија Александрова.

Таа побара судот да им определи домашен притвор на Јанакиески и Ристовски, но и да престанат барањата за притворање на пратеници.

-Да потсетиме ова е веќе осмо барање за одземање на имунитет на пратеник. Сакаме да се обратиме и до Христијан Мицкоски. Тој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, треба да сфати дека има поважни работи од тоа да биде сликан. Парадирањето вчера и демонстрацијата на сила е уште едно шоу, бидејќи тој знае дека не може да се посети притвореник без судска дозвола. Христијан Мицкоски, не ги посети луѓето од настаните од 27 април, кои веќе втора година се во притвор и за нив досега не покажа никаква грижа и интерес. Непреземената одговорност за сите важни одлуки за Македонија, не може да се прикрие со носење камери и драматични изјави – порача Александрова.

Таа додаде премиерот има обврска да седне со сите политички чинители и помирувањето да стане реалност.

Поврзани новости