Ако автобусот немал лиценца, преминувањето граници можеби било нелегално

by Fokus

Според правилата на Европската унија, доколку автобусот на Беса Транс кој имаше несреќа во Бугарија во која загинаа 44 македонски патници, немал валидна лиценца за превезување патници, тој не би смеел да премине граница на Европската Унија, во случајов Бугарија.

Законодавството на ЕУ предвидува низа правила за лиценци и дозволи за превоз и од оваа институција, според информациите што ги доби МИА, не е исклучено тие да биле прекршени, но Европската Комисија не се меша во истрагата.

Одговорноста за надзор и проверка на документацијата и спроведувањето на законите на ЕУ е во рацете на земјите членки на Унијата.

Доколку се утврди во истрага дека превозникот патувал со нелегална или фалсификувана лиценца, може да се очекува Европската Комисија да осуди ваква пракса која не само што е закана за „слободната конкурентност во ЕУ“, туку претставува загрозување на животите на патниците.

Пред неколку дена македонските власти соопштија дека кобниот автобус го нема во базата на податоци на Министерството за транспорт и врски и не е пријавено. Царината порача дека се истражува кој го пропуштил возилото без валидна дозвола.

Поврзани новости