Ахмети за јубилејот: Пред 20 години се соединија ослободители и слободољубиви

by Fokus

Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) денеска во Скопје ја одбележа 20-годишнината од формирањето како политички субјект. На овој настан, претседателот на ДУИ, Али Ахмети во својот говор целосно го елаборираше успехот на ова дводецениско патување.

„Како денес, пред 20 години се соединија ослободители и слободољубиви, идеалисти и мисионери, миротворци и мирољубиви, интелектуалци и патриоти, се собраа да го основаат нашето заедничко семејство со здрави и стабилни темели, Демократската унија за интеграција. На нашите две децении (постоење) вчера и завчера им се радуваа десетици илјади граѓани на плоштадите во Скопје и Тетово, со силни и издржани причини, затоа што имаат за што да се радуваат и слават, истакна Ахмети.

Сите заедно им се радуваат на: МИРОТ, помирувањето, спроведувањето на Охридскиот договор, еднаквоста и правдата, консензуалната демократија, внатрешната, регионална и евро-американска интеграција, како и иднината, зелената агенда.

Мирот и помирувањето во нашата земја беа постигнати во соработка со македонските политички партии со преземање заедничка одговорност за спроведување на Охридскиот договор и постигнување конечно помирување меѓу заедниците.

По мирот и помирувањето, работевме за ЕДНАКВОСТ, која дојде преку националните симболи, службениот јазик, правичната и соодветна застапеност, територијалната поделба, универзитетот, и тоа не само Државниот универзитет во Тетово , туку и Универзитетот “Мајка Тереза” како резултат на волја, помирување и одраз.

Еднаквоста се унапреди во КОНСЕНЗУАЛНА ДЕМОКРАТИЈА која беше постигната преку двојното мнозинство на Бадентер, консензуалното донесување на буџетот, одлучувањето во Владата и Собранието, спречувањето на мајоризацијата и маргинализацијата, афирмација на позитивната дискриминација, заедничките консензуални кандидатури за Претседател на државата, Претседател на Собранието и неодамна и за Премиер на нашата заедничка земја.

Овие чекори доведоа и до целосна ИНТЕГРАЦИЈА во државата, во општините, во владата, во собранието, во администрацијата, во полицијата од 170 полицајци на над 2.000, во армијата од 65 на над 2.000, во администрацијата од 2% до над 21%, па се до највисокото раководство на сите државни институции со целосна одговорност.

Интеграцијата во земјава наметна и регионална интеграција преку нашата политика НУЛА ОТВОРЕНИ СПОРОВИ СО СОСЕДИТЕ и поставување на ЦРВЕНИ ЛИНИИ за нашата партија кои се:

Охридскиот Договор,

Договорот од Преспа,

Договорот за добрососедство.

Од овие црвени линии BРАЌАЊЕ НАЗАД НЕМА и кој сака да биде партнер со нас, мора да ги почитува овие принципи.

Овде сакам да го поздравам и признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква, со која затвори уште еден важен спор за нашата земја.

Регионалната интеграција продолжува со ИНТЕГРАЦИЈАТА во ЕВРО-АМЕРИКАНСКИТЕ вредности и во ЕВРО-АТЛАНСКО здружување.

Денес сме членка на НАТО и имаме зелено светло за членство во Европската унија.

Затоа, во пресрет на отворањето на преговорите за членство во ЕУ, изборите не се решение и бојкотите го попречуваат ова патување.

Мора да работиме на позитивен епилог со нашиот сосед Бугарија за нашиот билатерален спор и да ги стесниме просториите за дејствување на злонамерни агенди во земјата и регионот, кои не се совпаѓаат со нашите западни дефиниции.

Итното затворање на овој спор ќе биде од корист за бугарската заедница во нашата земја, регионот и Европа, но секогаш без да се загрози националниот и јазичниот идентитет на моите сограѓани.

Европа не може биде целосно спокојна без Западен Балкан и тоа треба да биде приоритет на Европската унија колку што е и наш приоритет.

Маргарет Мекмилан ќе истакне дека Првата светска војна е војната што стави крај на мирот, и јас велам дека нејзините последици сè уште траат.

Пред некое време истакнав дека УКРАИНА не е далеку и некои се пошегуваа.

Денес целиот свет е во неизвесност, економијата е загрозена, животот е ранлив.

Гледајќи ги тажните сцени што ги остава војната, се чувствувам разочаран од неодговорноста на рускиот народ, на неиспровоцираните и неразумни руски злосторства и агресија во Украина.

Во тој контекст, денес велам и повторувам дека КОСОВО не е само билатерален проблем, туку е прашање на стабилност и безбедност, како и мир во регионот, во Европа и во заедницата на евроатлантските вредности. Тоа е невралгичната точка на иднината на Европа.

Затоа (велам) ВЗАЕМНО ПРИЗНАВАЊЕ меѓу Косово и Србија веднаш! – ОВА Е ЕДИНСТВЕНО МОЖНО И ПРИФАТЛИВО РЕШЕНИЕ!

Почитувани присутни,

Иднината е пред нас, иднината е ЗЕЛЕНА.

Откако постигнавме еднаквост и интеграција, не случајно пристапивме кон „Злената агенда”.

Зелената агенда е приоритет на целиот демократски свет затоа што значи квалитетен живот, чист воздух и чиста животна средина, квалитетни училишта и болници, конкурентна економија, развој, напредок, модерна инфраструктура, култура, но и бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал и напори за задржување на младите во татковината.

Овде, со особено задоволство пред вас, го најавувам поставувањето на камен-темелникот на Коридорот 8 ова лето, и им честитам на Владата за оваа одлука.

Исто така, ги повикувам и сите учесници во општеството, политичари, институции, медиуми, невладини организации, судство и обвинители, да отворат национален фронт против корупцијата и да ја искоренат, не со зборови, пропаганда и клевети, туку со конкретни обвиненија, без лов на вештерки.

Исто така, и порачувам на меѓународната заедница, другите заедници во земјата и политичките партии во земјата, (и им велам) дека во Демократската унија за интеграција ќе продолжите да имате лојален партнер, со збор и со дело, во идеалите и вредностите, фронтмен во гореспоменатите битки.

Додека на моите сопартијци и граѓани, им порачувам дека денешниот 20 годишен јубилеј е посветен на младите кои денеска одбележуваат 20 години од своето раѓање, заедно со Демократската унија за интеграција.

Овој 20 годишен јубилеј е посветен на следните две децении и затоа кој е спремен и подготвен за ова патување, нека го врзе појасот и нека се устрои зад мене“, истакна Ахмети.

Поврзани новости