Ахмети реди стихови, а негови роднини вили, тендери и концесии!

Компанијата „Еверест ЏД“, која моментално е во сопственост на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Буковиќ“ во Зајас, а воедно добила 5 тендери во вкупна вредност од речиси 8 милиони денари, пишува неделникот „Фокус“.

by Фокус

Ако „огнената група“, нападот го фокусира на Артан Груби и сѐ уште го штеди лидерот Али Ахмети, тоа не го прави неговиот роднина Фатмир Лимани, кој објави видео со наслов – сараите на Али-паша. Како што пишува најновиот број на неделникот „Фокус“, една од објавените куќи е во сопственост на синот на Ахмети – Шкумбин Ахмети. Официјалните податоци што ги обезбедивме откриваат дека тој и неговите братучеди поседуваат повеќе компании, а една од нив има државна концесија и добила неколку тендери.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во Антикорупциската комисија пријавил дека поседува куќа од 254 квадратни метри во родниот Зајас вредна 100 илјади американски долари, земјоделско земјиште во Албанија од 700 квадрати во вредност од 30 илјади долари, а нотирал и 700 илјади денари на трансакциска сметка.

Според неговиот анкетен лист, тој не поседува возило, но возило марка „поло“ вредно 7 илјади евра пријавил на име на неговата сопруга, со која живее во исто домаќинство, што впрочем е законски услов за да важи обврската за јавно изложување на сопствениот и семејниот имот.

Наспроти ваквата скромна официјална имотна состојба на Ахмети, сосема спротивни тврдења дојдоа од неговиот роднина Фатмир Лимани. Деновиве, тој објави видеоклип, кој, според неговите тврдења, покажува куќи и вили во сопственост на Ахмети и негови блиски роднини.

Проверките што ги изврши „Фокус“ во Катастарот на недвижности покажуваат дека во кичевски Зајас имот поседува Шкумбин Ахмети, син на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Поточно, станува збор за катастарската парцела со број 1549/1 со површина од над 500 квадратни метри, на која има неколку објекти, од кои дел се пробиваат и на соседни парцели.

Според податоците од Централниот регистар, пак,  синот на Ахмети го поседува друштвото „Архитектас Пројект Студио“, основано во 2017 година. Преку оваа компанија, помладиот Ахмети неодамна ја формираше и фирмата за производство на струја „Тхеас Енергу“, која се уште реално не проработела.

Воедно, Шкумбин Ахмети е еден од тројцата содружници во друштвото „Хелиос-Плант“, формирано во 2018 година, исто така за производство на струја. Другите двајца косопственици се неговите први братучеди Дрин Ахмети и Бесиан Ахмети, кои се синови на Фекри Ахмети, еден од браќата на лидерот на ДУИ.

Од сите нив, најактивен во бизнис-секторот е Дрин Ахмети, кој, меѓу другото, од 2020 година ја поседува компанијата за развој на градежни проекти „Тхор Индустриес“. За разлика од оваа фирма, која засега не прикажува деловна и финансиска активности, тој поседува и друштво со долгогодишна историја.

Станува збор за компанијата „Еверест ЏД“ основана во 2005 година, чија основна дејност е „изградба на други објекти од нискоградба“. Моментално, нејзин единствен сопственик и управител е Дрин Ахмети, додека историјатот на друштвото покажува дека порано сопственик бил и неговиот брат Бесин Ахмети.

Како што не информираа од Министерството за економија, „Еверест ЏД“ има договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – варовник на локалитетот „Буковиќ“, општина Зајас од 7-ми јули 2006 година, кој е усогласен во 2007 и во 2014 година согласно Законот за минерални суровини.

Концесијата за експлоатација е доделена за период од 20 години и Договорот важи до истекот на периодот за кој е доделена концесијата, односно заклучно со 7-ми јули 2026 година, со можност за продолжување за уште еден период од 20 години“, ни одговорија од Министерството предводено од Крешник Бектеши.

Од таму истакнуваат дека концесискиот надоместок за користење простор што го плаќа компанијата изнесува 68.503 на годишно ниво. Но, треба да се има предвид дека плаќа плус надоместок што се пресметува врз основа на количеството на експлоатирана суровина.

Освен што црпи природен ресурс, оваа компанија има допир и со јавните средства, преку неколку договори за јавна набавка. Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Еверест ЏД“ досега добила 5 тендери во вкупна вредност од речиси 8 милиони денари или 130 илјади евра.

Последниот договор, компанијата го склучила лани со државната компанија за производство на струја АД ЕСМ. Овој договор се однесува за испорака на доломитски или калциски сепариран варовник (тампон) за термоелектраната РЕК Осломеј во вредност од 1,7 милиони денари.

Инаку, ова е втор договор меѓу двете страни за набавка на сепариран варовник, имајќи предвид дека тие склучиле договор и во 2019 година на сума од 2,3 милиони денари. Во истата година, компанијата го добила и тендерот за ризла и камен за ѕидање од кичевското комунално претпријатие, чија вредност достигнува 3 милиони денари.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости