Агелер: Водството на С. Македонија мора да најде начин да го фати вистинскиот правец!

by Fokus

Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер денеска порача дека приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ, меѓудругото ќе и помогне на земјава подобро да се справи со домашните предизвици, а еден од нив е корупцијата.

Агелер на конференцијата „Односите на САД и Северна Македонија во ера на геополитички превирања“ во организација на Претседателскиот центар за политичко образование рече дека неодамна спроведената анкета покажала дека корупцијата е меѓу главните причини за иселување на младите од државата. Им порача на лидерите во земјава дека мора да пронајдат начин и да ја насочат државата во вистинскиот правец.

-Водството на Северна Македонија мора да пронајде начин да го фати вистински правец, дури и пред формално да влезете во ЕУ. САД ќе ве поддржат, ќе продолжиме да инвестираме во вас, но ова не можеме да го направиме наместо вас. За да го преземете следниот чекор, кој ќе ја води вашата земја кон посветла иднина, мора да има политичка волја. Во секоја држава за одредени важни одлуки потребно е власта и опозицијата да работат заедно, да ја тргнат настрана политиката и да го сторат она што е добро за граѓаните. Во сржта на тешките одлуки, кои треба да се донесат, во суштината на тоа зошто НАТО, ЕУ, вашиот однос со САД и зошто домашните реформи, се всушност вашите граѓани – порача Агелер.

Таа истакна дека турбуленциите, кои се случиле во светски рамки изминатиот период, покажале дека изолацијата не може да биде патот напред.

-Ќе го зачувате јазикот, ќе ја зачувате културата, ќе го зачувате идентитетот, тоа е вашето наследство, тоа е нешто суштинско кое ве прави она што сте како држава и во исто време ќе добиете многу. Приклучувањето во ЕУ ќе и обезбеди на Северна Македонија подобро да се справи со домашните предизвици, рече таа.

Апелираше на членството во ЕУ да се гледа низ истата призма, низ која се гледа членството во НАТО.

Се осврна и на американско-македонските односи.

– За САД, Севрена Македонија постојано била бастион на стабилноста, тука на Балканот и како што велиме во САД не е до големината на кучето во борбата, туку е до големината на желбата за борба во кучето. За само три години како НАТО членка, Северна Македонија ја покажа својата сила и вредност како глобален безбедносен партнер. Во само три години вашата земја истапи и цврсто застана на вистинската страна на историјата, најпрво со кризата во Авганистан и сега со руската неиспровоцирана, немилосрдна и брутална инвазија на Украина. Не го потценувајте значењето на она што го стори вашата земја и не го потценувајте значењето на она што значи да се биде дел од Алијансата како НАТО – рече Агелер.

Поврзани новости