Адвокатот на Ејуп Алими бара извинување од Фатиме Фетаи: Таа допрва ќе треба да го докажува своето бламирање

by fokus

Изнесените наводи од страна на обвинителката Фатиме Фетаи се невистинити, реагира адвокатот, Мефаиљ Арслани, кој го застапува пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, во предметот „Титаник 3“ за изборни нерегуларности во Општина Чаир.

Неговиот демант следи откако на вчерашното рочиште Фетаи изнесе тврдење дека преку адвокатот добила закани испратени од Алими. Како што рече Фетаи, адвокатот ги пренел заканите на Алими кој и порачал: „„Ти си наша, може лесно да поминеш, ама на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата“, мислејќи на обвинителот Гаврил Бубевски.

Арслани го демантира ова и бара јавно извинување од Фетаи. Во спротивно вели ќе покрене тужба за навреда и клевета.

– Јас сум адвокат кој професионално ја обавува својата дејност. Моите клиенти и соработници никогаш не сум ги делел според нивната вероисповед или „на наши и ваши или каури“, како што посочува Фетаи. Мојот пристап и начин на работа се професионални за што потврда е мојот коректен однос со сите колеги и клиенти. Ниту јас, ниту мојот клиент сме се заканувале директно или индиректно на обвинителот Гаврил Бубевски – вели во писмената изјава Арслани.

Тој тврди дека ниту приватно ниту во врска со предметот „Титаник 3“ се видел со Фатиме Фетаи и ја прозива дека нејзината намера за истакнување на ваквите лаги очигледно е, како што вели тој, нејзина лична фрустрација која е објаснива само за неа.

– Повеќе од јасно е дека обвинителката сака и на ваков начин да си земе медиумски простор, кој очигледно во последно време ѝ недостасува, притоа неводејќи сметка за тежината на зборовите кои ги кажува. Да беше свесна што кажува или да се консултираше со некој пред да каже вакви клевети и лаги, немаше да се доведе во ситуација во која допрва треба да го докажува своето бламирање – вели Арслани.

Тој вели дека ако обвинителите не покренат постапка против него за наводните закони, тој лично ќе покрене постапка против Фатиме Фетаи за начинот на кој се обидела, како што вели, да го наруши неговиот углед.

-Истакнувам дека ваквите изрази и поделби кои ги употреби Фетаи, се одраз на нејзино размислување, дел од нејзиниот речник и очигледна потреба некаде да припадне. Мојот вокабулар, начин на размислување и работење е различен од нејзиниот – го завршува Арслани својот демант.

Поврзани новости