Адвокатите на Заев пред Апелација: Снимката за „Поткуп“ е направена со агент-провокатор

by fokus

Во обидот да ги убедат апелационите судии дека снимката на која се гледа како наводно премиерот Зоран Заев, бара поткуп, додека ја вршеше градоначалничката функција, неговите адвокати истакнаа дека снимката е направена со агент провокатор.

Тие од Апелацискиот суд бараат снимката која е обезбедена со употреба на посебни истражни мерки да се издвои од предметот „Поткуп“, бидејќи дел од неа веќе беше емитувана на голем број медиуми, а тоа не е дозволено бидејќи овие докази се тајни.

-Употребиле агент-провокатор, но наредба за тоа нема, рече адвокатот Јаким Наумов, потсетувајќи дека снимката беше јавно објавена, поради што на Заев му е нарушено правото на фер-судење.

Адвокатот Ване Андреев додаде дека агент-провокаторот на Заев му ѕвонел во ноќните часови и го провоцирал со прашања за да го намести.

Обвинителот Јован Цветановски,  пак, рече дека доказот е прибавен законски, дека наредбата за снимање постои, но истата не е доказ во постапката.

Одлуката на Апелациониот суд би требало да биде позната за неколку дена.

Во случајот „Поткуп“ Заев е обвинет дека додека бил градоначалник на Струмица наводно побарал поткуп од 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов при откуп на градежно земјиште.

Поврзани новости