По барање на адвокатите на поранешните началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, јавноста беше исклучена од денешното рочиште во Врховниот суд во Атина, каде се разгледува нивната жалба по однос на одлуката на солунскиот суд за нивна екстрадиција.
Рочиштето се одржуваше зад затворени врати, откако судот ги прифати аргументите на адвокатите, јави дописникот на МИА од Атина.
Според одбраната на Грујевски и Бошковски, во исказот што ќе го дадат има прашања кои што се доверливи, кои што не се за во јавност, со оглед на тоа дека рочиштата се јавни и никој не знае кој сѐ се наоѓа во судницата. Безбедноста на нивните клиенти беше уште еден од аргументите на адвокатите.
Едниот адвокат образложи дека исказите што ќе ги дадат се однесуваат на политички случај, со прислушувањата по кои имаше политички пресврт и промена на власта. Тој потсети дека и во Судот во Солун рочиштето беше зад затворени врати.
За конкретниот случај не постои никаков интерес во грчките медиуми и единствен новинар во судницата, беше дописникот на МИА од Атина.
Рочиштето потоа беше прекинато поради правни прашања. Следното, кое исто така ќе се одвива зад затворени врати, ќе се одржи на 26 април.