Денеска се одржа првата средба меѓу работните групи составени од претставници од Студентскиот и Професорскиот пленум, како и претставници на Министерството за образование и наука и Сенатот на УКИМ. Средбата беше од конститутивен карактер за да се утврдат динамиката и методологијата со кои ќе се изготвува новиот закон за високо образование.
-Денеска почнува нова етапа, нова фаза на разговорите, затоа што од денеска ќе се работи на суштината на законот и на новиот концепт на закон за високо образование. Се надеваме дека низ една конструктивна атмосфера ќе стигнеме до конечниот текст, изјави министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми.
Ректорот Велимир Стојковски се надева дека со ваква широка вклученост на универзитетската заедница и на државата, на Министерството за образование и наука и другите претставници во работната група ќе се донесе еден квалитетен закон кој што ќе биде применлив и компатабилен со европските закони.