Сендвичи, лаги и аудио ленти

by lali

Да знаев дека и јас живеам во таква Македонија за која Груевски зборуваше вчера и јас ќе отидев на неговиот митинг. Ама не отидов, туку од дома го слушав како се расфрлаше со „позитини“ бомби или контрабомби, термини што провладните медиуми милуваат да ги употребуваат. Бомби што креваат галама, а немаат никаква моќ на ефикасност. Тој се фалеше со највисока социјална помош во регионот, иста како и онаа што пред избори им ја скратуваше на оние кои се сомневаше дека нема да гласаат за него. А всушност и срамота е да се фали со тоа, па тоа е доказ дека токму неговите политики направија голем број од социјалните случаи. Се фалеше со субвенции, оние кои ги исплаќаше и ги користеше како поени само пред избори; се фалеше со нови вработувања, оние кои ќе почнат (ако почнат) од декември 2016 година; се фалеше со отписи на долгови, оние долгови што самата држава дирекно или индирекно ги има создадено преку постојано зголемените давачки и безбројните казни. Па затоа овој метод „прво си угнетувач, за потоа да се појавиш како спасител“ не можам никако различно да го оценам, освен како класичен пример на популистичка политика и тоа спроведена во период на оние другите бомби, бомби што укажуваат на сериозни докази за нелегитимност на оваа, односно неговата власт.

Груевски на митингот сè кажа, само не кажа дека чувствува некаква одговорност за сите скандали што го засегаат него и неговата власт. Па како да чувствува одговорност кога неговите настапи се од позиција на моќ, а не од позиција на легитимна власт. А и доста сериозно прашање е дали Груевски е легитимна власт после големиот број докази што говорат дека до неа дошол по пат на закани, уцени, притисоци, фиктивни гласачи и со многу други мерки за кои се лежи во затвор поради што се недозволени и незаконски. И сите тие мерки против волјата на народот.

Во нормални услови, човек што во сам старт добива легитимитет да врши државна функција, се здобива и со одговорност, па ако направил непоправливи грешки, поради нив си дава оставка и сноси одговорност. Е, толку е едноставно, но едноставно е само ако збориме тоа да се случува во нормални услови, нели?

Но, во услови на Македонија и покрај сите скандали, Груевски пак излегува по телевизии, по пресови и по митинзи и се прави како ништо да не било, како сето тоа да е нормално и вообичаено. Затоа за „човек кој изгубил контакт со реалноста“ како што вели на една од аудиоснимките неговиот близок колега и соработник Ставрески, мислам дека е време некој да му каже дека долгогодишната и успешна тактика „прави го народот будала“, повеќе не пали кај голем број од народот, па дури и ни кај неговите „симпатизери“.

А кога сме кај неговите „симпатизери“, вчера кај Груевски забележав една работа за која сигурен сум дека е свесен. Свесен е дека за првпат после 9 години, тој како лидер на партијата не е веќе уверен во сопствената сила. Ако паметите, Груевски секогаш и секаде јавно велеше дека и утре да има избори, тој и неговата партија се подготовени за нив. Вчера тоа не го кажа, туку за прв пат до сега, најави дека нема да има избори. И внимавајте, тоа го најави не било каде, не било кога, туку на еден од неговите најважни политички митинзи до сега. Митинг што како контра собир, требаше да демонстира моќ, да демонстира сила и да обезбеди безрезервна поддршка. Митинг на кој со списоци, притисоци, автобуси од страна и со сендивичи, едвај се собраа 17-18 000 и тоа за време на слободен и нераборен ден.

Зошто вчерашниот митинг помина бездушно, навистина не можам да кажам. Каде ги снемало луѓето, е прашање чиј одговор треба да го дадат координаторите по општинските комитети во своите рaпорти до раководството на партијата.

 

А можеби Груевски и токму поради последново за прв пат не сака избори?