Абас повикува на мировна конференција за крај на војната во Газа

by Фокус

Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, изјави дека мировна конференција е неопходна за ставање крај на војната во Појасот Газа и изнаоѓање трајно политичко решение коешто би довело до воспоставување на палестинска држава.

Во интервјуто за агенцијата Ројтерс вели дека судирот меѓу Израел и Палестинците достигнал алармантна фаза којашто бара меѓународна конференција и гаранции од светските сили.

-Јас сум за мирен отпор. Јас сум за преговори втемелени на меѓународна конференција и под меѓународно покровителство коишто би довеле до решение под заштита на светските сили за воспоставување суверена палестинска држава во Појасот Газа, на Западниот брег и во источен Ерусалим – вели Абас.

Посочува дека врз основа на обврзувачки меѓународен договор би ја заживеал Палестинската самоуправа, би ги спровел долгоочекуваните реформи и би одржал претседателски и парламентарни избори.

Абас вели и дека Палестинската самоуправа се придржувала до сите мировни договори потпиштани со Израел од договорот од Осло во 1993 година и другите, но дека Израел ги прекршил своите ветувања за завршување на окупацијата на палестинските територии.

-Кој и да победи, ќе победи, тоа ќе бидат демократски избори – одговара Абас на прашањето дали би ризикувал одржување избори имајќи ја предвид можноста дека Хамас би можел да победи, како и во 2006 година.

Во меѓувреме, Израел и САД на седницата на Советот за безбедност на ОН ги отфрлија повиците за итен прекин на огнот во Газа.

Поврзани новости