СДСМ на внатрепартиски консултации – дали новата влада ќе се избере пред или по партискиот конгрес?

by Фокус

Раководството на СДСМ денеска оддржува внатрепартиски консултации во однос на процесот на формирање на нова влада и ги спроведува финалните подготовки за 22-от партиски конгрес во сабота, велат извори од партијата.

Од партијата посочуваат оти засега не е предвидена средба со лидерите или претставници на партнерите од парламентарното мнозинство, но од таму додаваат дека остваруваат постојани контакти со идните коалициски партнери и не исклучуваат да се закажe таква средба во секој момент.

Од редовите на социјалдемократите истакнуваат дека би сакале собранието да ја избере новата влада до петок, за да може партискиот лидер Зоран Заев како премиер да настапи на партискиот конгрес во сабота, меѓутоа нема да форсираат тоа да го направат по секоја цена.

Со оглед на досегашниот тек и динамика на преговорите, додаваат нашите извори, постои многу веројатна можност владата да биде договорена во текот на неделава и предлогот за избор на влада да биде поднесен до собранието кон крајот на неделата, а расправата и гласањето да се оддржат следната недела.

За да биде Заев избран за премиер до конгресот, предлогот за избор на влада мора да биде поднесен до пратениците најдоцна до утре, бидејќи седницата за избор на влада, според собранискиот деловник, трае два максимум два дена.

Досега, Заев е единствен кандидат предложен за партиски претседател од општинските организации, кој треба да биде реизбран на партискиот конгрес во сабота, на кој уште ќе се гласа и нов состав на Централниот комитет.

Инаку, во актуелниот ЦК членуваат и неколку критичари на Заев и на партиското раководство, од причина што тој беше компромисно составен во 2013 година, кога по повлекувањето на Бранко Црвенковски имаше неколку спротивставени табори и претенденти за лидерското место.

Набргу по саботниот конгрес, на предлог на старо-новиот претседател, ЦК треба да избере и нов Извршен комитет, генерален секретар и потпретседатели, при што не се најавуваат корените промени, но ќе има одредени освежувања, во зависност од тоа дали некои кадри ќе влезат во извршната власт или ќе се спремаат да истрчаат на локалните избори.

В.С.

Поврзани новости