Протестен марш против фемицидите, насилството врз жените и институционалната неодговорност ќе се одржи денеска во Скопје. Собирањето е закажано за 17 часот во паркот „Жена борец“, по повик на неформалната феминистичка иницијатива „Ниту една повеќе!“.
Маршот се организира на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со барање за правда за жртвите и одговорност за постапувањето на надлежните институции.
„Кога институциите се глуви, да ги натераме да нè чујат!“, порачуваат организаторите, повикувајќи ги граѓаните да се приклучат.
Денешниот протест е продолжение на мобилизацијата по последните случаи на насилство врз жени. На 20 ноември иницијативата организираше блокада пред Владата, а претходно, на 8 ноември, се одржа и протестен марш. Во средиштето на барањата е одговорноста на институциите при постапувањето по пријавите за насилство.
Повикот за нови протести следуваше и по случајот со брутално претепаната млада жена во Охрид. Од движењето бараат заштитата на жените и реакцијата на надлежните да бидат приоритет.
Во пресрет на денешното одбележување, организациите за женски права побараа конкретни институционални мерки. Меѓу нив е и усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство најдоцна до 10 декември.
Со денешниот датум почнуваат и „16 дена активизам против родово базираното насилство“, кои завршуваат на 10 декември, Денот на човековите права.