Охридското обвинителство поднесе обвинение против насилникот, 31- годишниот Кристијан Корабоски, кој ја претепа својата партнерка, 26-годишната Сара Ѓорѓиеска во Охрид. Обвинителството побара на обвинетиот да му се изрече мерка притвор, откако претходно му беа изречени само мерки на претпазливост.
-Основното јавно обвинителство Охрид ги презеде сите дејствија и до Основниот суд во Охрид поднесе обвинение против едно лице за три кривични дела – Телесна повреда, Противправно лишување од слобода и Загрозување на сигурноста, информираа од ОЈО.
Оттаму велат „При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена“.
„Во текот на денот, со цел испитување на настанот, јавниот обвинител презеде повеќе дејствија. Испитана беше оштетената во присуство на социјални служби и беше наредено и извршено вештачење на видот и карактерот на нејзините повреди. Заедно со обвинението, а имајќи ги предвид утврдените околности во предметот, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за обвинетиот кој беше обезбеден за цело време од поведување на постапката“ се вели во соопштението на Обвинителство.