А1 Македонија со гордост го најавува партнерството со 26. издание на Скопје филм фестивал, кое од 4 до 9 ноември ќе донесе филмски откритија, авторски средби и заеднички доживувања пред големото платно. Како генерален партнер, А1 го поддржува новото поглавје на фестивалот, со уверување дека силните партнерства создаваат нови можности за културата, за творците и за публиката.

Свеченото отворање ќе биде во знакот на „ИДИОТ(И)“, во режија на реномираните Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, со Ејми Лу Вуд, Џони Флин, Вики Крипс и Кристијан Фридел во главните улоги. Филмот ќе ја отвори програмата на фестивалот што продолжува во Младинскиот културен центар (МКЦ) и ќе ја поведе публиката низ различни авторски светови, современи теми и приказни што поттикнуваат разговор и по завршувањето на проекциите.
„Во А1 веруваме дека поврзувањето има најголема вредност кога отвора можности за луѓето, за идеите и за заедницата. Филмот ја има токму таа моќ, една приказна на платното станува заедничко доживување, нè доближува до различни погледи и отвора разговори што продолжуваат и надвор од киносалата. Затоа, нашата поддршка за културата е долгорочна определба. Во тимот на Скопје филм фестивал препознавме јасна визија и посветеност, а со ова партнерство сакаме да ѝ дадеме дополнителна сила на нивната амбиција. Ја покануваме публиката да биде дел од фестивалот, затоа што културата добива полна смисла кога ја споделуваме“, изјави Методија Мирчев, главен извршен директор на А1 Македонија.

Покрај проекциите, фестивалот ќе понуди средби со авторите и гостите, како и едукативна програма преку која младите ќе можат да учат од филмски професионалци, да разменуваат идеи и да ги развиваат своите креативни интереси. Со спојот на филм, разговор и учење, фестивалот ја продлабочува врската со својата публика и отвора простор за нова генерација филмски вљубеници и идни автори.
„Со ова издание отвораме ново поглавје за Скопје филм фестивал, со внимателно избрана програма што носи врвни остварувања од елитата на современата светска кинематографија. Тоа се филмови со супериорен авторски израз, смели идеи и силни приказни, кои заслужуваат да се доживеат на големото платно. Отворањето со „ИДИОТ(И)“ ја најавува токму таа програмска амбиција, да ѝ понудиме на публиката исклучително филмско искуство што ќе ја поттикне повторно да им се враќа на киносалите. Сакаме фестивалот да биде место за филмски откритија, непосредни средби со авторите и инспирација за младите што го откриваат сопствениот филмски израз. Партнерството со А1 Македонија ни дава силен поттик да ја оствариме оваа визија и заедно да создадеме фестивал со трајна вредност за културниот живот на Скопје“, изјави Томи Салковски, директор на Скопје филм фестивал.

Во рамките на фестивалот, А1 Македонија во соработка со А1 Србија, ја претставува и „А1 кинотека“ , проект посветен на дигиталната реставрација на филмови и зачувувањето на филмското наследство. Преку проекциите од оваа програма, публиката ќе има можност повторно да открие значајни филмски остварувања, кои со обновен квалитет добиваат нов живот на големото платно.
Со ова партнерство, А1 Македонија продолжува да ги поддржува културните иницијативи што ја поттикнуваат креативноста и создаваат простор за заеднички искуства. Од 4 до 9 ноември, заедно со Скопје филм фестивал, ја поканува публиката во МКЦ на средба со филмот и со приказните што заслужуваат да се доживеат на големото платно.