Љупчо Пренџов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија се осврна на темата за изборите во Брвеница, за што кажа дека ВМРО-ДПМНЕ убедливо води во првиот круг со кандидатот Стојанчо Радически, а наспроти него во вториот круг е и кандидатот на ДУИ, за кој тој смета дека е само асет на претседателот на таа партија во обид да се врати повторно на политичката сцена – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
-Моментално има двајца кандидати во Брвеница кои што продолжуваат во вториот круг. Првиот е човек којшто е од Брвеница и за Брвеница. Човек којшто смета дека Брвеница треба да има проект повеќе, треба да има се она што значи градинки, училишта, канализација и подобар живот на сите коишто живеат во Брвеница, независно од верската и националната припадност – истакна Пренџов.
Според него, кандидатот на ДУИ е само уште една алатка за лидерот на партијата да се врати на политичката сцена, но смета дека на сите им е јасно дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор.
-И вториот е кандидат односно асет на Али Ахмети и на ДУИ, човек којшто е таму само за да помогне да веќе излезениот од игра Али Ахмети да се врати повторно на политичката сцена. И мислам дека на граѓаните им е јасно, независно дали се Албанци дали се Македонци, дали се гласачи на СДС или не се, дека господинот Радически е оној, којшто се бори за Брвеница да биде подобро место за живеење, и тоа е суштината зошто препознаа дека него треба да му ја дадат довербата – вели Пренџов.
Тој посочи дека во јавноста се забележуваат, како што кажа, разни математики во однос на изборите, но самиот не сака да ги коментира, туку фокусот да биде на тоа како може општината да се движи напред и да се развива.
-Не сметам дека е успех за којшто треба некој да добие аплауз, затоа што ако во Скопје сте биле петта партија, во Брвеница сте четврта политичка партија. Мислам дека тоа не е некој успех за СДС, но тие си знаат. Мислам дека во Брвеница разговараме како Брвеница да оди напред, како да продолжи да се развива, а единствениот кандидат е господинот Радически наспроти асетот на Али Ахмети и на ДУИ. Него не му е до Брвеница, него му е до високата политика, како шефот Али Ахмети повторно да го врати во игра на македонската политичка сцена – рече Пренџов.