Трамп сака Путин и Зеленски да потпишат мировен договор во неговиот голф-клуб

by irena 18:25
18:25

Американскиот претседател Доналд Трамп сака во декември да постигне мировен договор за Украина, а церемонијата на потпишување ја замислува за време на самитот на Г20 во неговиот голф-клуб во близина на Мајами, пишува порталот „Атлантик“.

Според извештаите, Трамп е подготвен да изврши притисок врз Украина за да се оствари договорот за ставање крај на војната.

Како што наведува американскиот портал, Трамп замислува како стои меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски додека тие го потпишуваат мировниот договор.

Еден украински функционер, кој сакаше да остане анонимен, изјави дека е тешко да се избегне чувството оти Киев е исклучен од одлучувањето за сопствената иднина.

„Изгледа како сето ова да се случува без нас“, рече тој.

Пред самитот на Г20 во декември, кон средината на ноември во Шенжен, Кина, би можело да се одржи средба меѓу Трамп, Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг. Идејата за трилатерална средба ја предложи Путин, а Трамп изјави дека е отворен за учество.

Според „Атлантик“, на средбата би се разговарало за ставање крај на војната во Украина, како и за други прашања. Можноста трите големи сили да разговараат за поделба на светот на сфери на влијание предизвика загриженост во Украина и во другите западни земји.

Еден украински функционер предупреди дека Киев стравува оти преговорите би можеле да се претворат во нова „Јалта“ – односно, договор меѓу големите сили за сфери на влијание, постигнат без учество на земјите на кои би се однесувале тие одлуки.

„Атлантик“ наведува дека Трамп и неговите соработници извршиле притисок врз Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии за нафта, заканувајќи се со можни ограничувања на пристапот до американски разузнавачки податоци и оружје.

Дел од луѓето околу Трамп сметаат дека Украина треба да прифати договор што би овозможил обновување на економската соработка со Русија, вклучително и соработка во областа на енергетиката и природните ресурси.

Сепак, Володимир Зеленски се противи на територијални отстапки. Тој претходно изрази подготвеност да разговара со Путин за завршување на војната, но нагласи дека Украина мора да биде вклучена во одлуките за сопствената иднина.

Извори на „Атлантик“ проценуваат дека следните осум недели би можеле да бидат клучни за дипломатските напори, со оглед на планираните средби на светските лидери и самитот на Г20 во декември. Сепак, не е потврдено дали дотогаш ќе биде постигнат мировен договор.

Слични вести