Играчите на ПСЖ ѝ го нанесоа првиот пораз на Барселона во новата сезона, победувајќи синоќа со 4:2 во третото коло од Лигата на шампионите. Сепак, триумфот пред домашната публика се претвори во кошмар, бидејќи тројца играчи на парискиот тим се повредија.
Најтешко помина Квича Кварацкелија, кој ги повреди предните вкрстени лигаменти на коленото.
Тој чека операција, а сезоната за него е веќе завршена. Грузискиот фудбалер се огласи преку социјалните мрежи.
„Многумина ме прашуваа за оваа ситуација, некои дури рекоа дека сите фудбалери во светот се молат за мене. Можеби е така, но пред секој натпревар го молев Бога да ми дозволи да го напуштам теренот здрав – но залудно. Помина кратко време, а јас постојано размислувам: зошто јас? Никогаш ништо не сум пропуштил. Веројатно за овој натпревар се подготвував подобро од кога било. Мислев дека сум подготвен за сè, но не и за ова. Сепак, сфаќам дека Бог ме избрал мене; ако ова ги спасува другите играчи на теренот, тогаш подготвен сум да поминам низ овие месеци на напорна работа, болка и солзи. Знам дека морам да се вратам посилен за мојот народ, кој е секогаш со мене. Ви ветувам дека нема да ве изневерам, нема да ве разочарам. Ви благодарам на сите за поддршката. Се гледаме наскоро“, напиша тој.
Грузискиот фудбалер претрпе најтешка повреда, по еден час игра, по судир со Еспарта, доби удар во десното колено, кое при падот се заврте на неприроден начин. Откако даде знак дека не може да продолжи, соиграчите го изнесоа од теренот.
Листата на повредени не завршува тука.
Усман Дембеле мораше да го напушти теренот по 20 минути игра, откако почувствува проблем со задната ложа на левата нога за време на еден спринт; се очекува тој да отсуствува неколку недели.
Сличен период на опоравување се предвидува и за Маркињос, кој беше заменет во средината на второто полувреме поради болки во мускулот на десната бутина.