Министерот за здравство Сашо Клековски денеска, по повод Светскиот ден на менталното здравје, го отвори целосно реконструираниот оддел „Машки 2“ во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје (Бардовци).
Одделот е со површина од околу 600 м², а за реконструкцијата се издвоени 300.000 евра.

„Пред четири децении, за време на моите студии, едно од двете најтешки искуства ми беа нечовечките услови во психијатриските установи. Работиме тоа да се смени“, изјави министерот Клековски.
Со болницата е договорено, основниот буџет да вклучува средства за континуирани реконструкција, бидејќи тоа е потребно на психијатриските установи, кои со децении работеле во несоодветни услови.
Претходно се реконструирани сите оддели во Специјалната психијатриска болница Негорци, дел од Клиниката за психијатрија Скопје, а следува реконструкција на Психијатриската болница во Демир Хисар.

Министерот Клековски истакна дека грижата за менталното здравје не се сведува само на подобрување на условите во болниците. Од минатата година матичните лекари имаат превентивна цел за рано откривање на депресија кај младите. Следната година Министерството за здравство планира да започне со спроведување на проект за центри за ментално здравје на младите.