Ние денеска сериозно ќе инсистираме оваа тема да добие разрешница, затоа што скандалот што го видовме вчера е мегаскандал и нема да остане така како што сака ВМРО. За нас, но и за сите граѓани, јасно е дека пуштањето на Ива Михајлова е договорена работа, или, да го цитирам Муцунски, дека тоа е договорено „под радарот“, изјави денеска на прес-конференција – Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Тој вели „Народот сега виде што всушност договорил Муцунски во Софија и за што била средбата со неговата колешка од Бугарија. Едно се зборува пред граѓаните, меѓутоа сосема друго се прави зад грбот на истите тие граѓани. И сега сето тоа излезе на виделина. Истиот тој Муцунски ја уверуваше јавноста дека, цитирам, судската постапка е работа на судството и дека извршната власт не се мешала во сето тоа. Гледаме дека тоа е ноторна лага каква што ја слушаме од владејачката партија веќе две и пол години“.
„Тој тврдеше дека македонскиот здравствен систем може да обезбеди соодветна нега и дека присуството на бугарски лекари може да биде само во вид на некаква консултација. Сето тоа веќе паѓа во вода. Ива Михаилова е пуштена да ја помине македонската граница и, всушност, да ѝ помогне на правдата да ѝ избега, иако е осомничена за сообраќајна несреќа со смртни последици. Таа самата потврди дека ја поминала границата легално, со лична карта, и дека службениците знаеле. Таа слободно ја напуштила земјата, иако судот ѝ ги одзел и бугарскиот и македонскиот пасош. Според податоците на МВР, тие тврдат дека нема евидентиран излез, што дополнително кажува дека сето ова договорен и монтиран случај“ вели Жерновски.
Потенцира „дека коњопојот на Мицкоски во Софија баш и не бил обичен коњопој. Неговиот досегашен молк само потврдува дека ги штити сите оние што се вклучени во оваа афера. Меѓутоа, институционална разрешница мора да има. Синџирот на постапување и синџирот на одговорност мора да излезат на виделина. Панче Тошковски мора веднаш да си поднесе оставка, затоа што целата граница на нашата држава е под негова надлежност. Целиот овој скандал и целиот овој случај не може да се сведат на повикување амбасадори на дипломатски разговори, ниту, пак, сега, дури допрва, да се најавуваат разни потерници“.