Текстот е објавен во број 1612 во неделникот „Фокус“, на ден 27.08.2026 година.
Пишувала: Валентина ВУРМО
Наместо слатки пратки, односно торти, ролати и колачи, спакувани во Македонија, а кои требало да стигнат на српскиот пазар, во Србија се истоварала марихуана. Ова се новите детали од истрагата за шверцот на 5-те тони марихуана, кои од Македонија завршиле во Србија.
Новите информации беа откриени по признанието на вина на двајца осомничени членови на македонско-српската нарко-група, кои лично учествувале во транспортот на дрогата. До неодамна беше познато дека марихуаната се пренесувала под превезот на перници и јоргани, но деновиве приказната доби ново слатко зачинување.
Оттука може само да се претпостави колку камиони, натоварени со марихуана, која била произведена во Македонија, стигнала на европскиот нарко-пазар, а под маската на текстилна и прехранбена стока.
Камионите се товареле во неколку наврати, во текот на минатата година, а последната пратка, која се случи на почетокот на годинава, го разоткри Балканското наркоманско дувло. Сета дрога завршувала во магацин во Крушевац, која, според информациите на „Фокус“, добива уште поголема „тежина“, бидејќи во меѓународна нарко-мрежа биле вклучени најмалку три држави. Односно, покрај марихуаната од Македонија, на ова место во Србија стигнувале пратки и од Албанија. Потоа марихуаната била препродавана низ неколку држави.
ПРИЗНАНИЕТО НА ВИНА ЗАМКА ЗА ОСТАНАТИТЕ ОСОМНИЧЕНИ
За двајца од 13-те опфатени со истрагата на македонските истражни органи, случајот е веќе затворен бидејќи признаа вина и се спогодија со обвинителството, со што избегнаа судски процес. Александар Ивановски, кој бил возач на камионот, а со кој биле извршени пет транспорти, доби казна затвор од 3 години и осум месеци, а Драган Стојанов, кој бил еден од задолжените за логистика при транспортот, доби 3 години и 6 месеци. Иако многумина забележаа дека двајцата се извлекле со мали казни, бидејќи за кривичното дело за кое се гонеа е предвидена затворска казна од најмалку 5 години затвор, сепак може да се каже дека правдата е задоволена. Поточно, самата спогодба значи дека обвинителот и осомничените ќе се најдат на половина пат, односно и двете страни ќе попуштат, но и ќе ќарат од ситуацијата. Осомничените добија помали казни, но Обвинителството доби потврда на својата теорија на случај, или нов несоборлив доказ што ќе биде искористен за докажување на вината на останатите осомничени.
Од спогодбите се заклучува дека секој од осомничените имале определена улога. Едни ја обезбедувале дрогата, други ја чувале, товареле, пренесувале преку граница… Како параван на недозволениот шверц, пак, било искористено правно лице Алфафарм, кое имало дозвола за одгледување канабис за медицински цели и дозвола за производство на масло од канабис за медицински потреби. Затоа и како главни организатори на оваа група се посочени сопствениците на фирмата.
Дрогата од државата излегувала со неколку возила, а при транспортот се користеле царински декларации со кои се прикажувало дека се превезува текстилна или прехранбена стока.
–Според досега обезбедените докази, истиот modus operandi бил применет при најмалку пет транспорти, за кои биле користени различни патнички и товарни моторни возила. Кај товарните возила со претходно царинета и пломбирана стока се отстранувала пломбата и се вадел дел од царинетата стока, а на нејзино место се ставале кутии со наркотична дрога марихуана со тежина приближно еднаква на тежината на извадената стока. Потоа товарното возило се упатувало кон ГП Табановце, при што било следено од некој од осомничените со патничко моторно возило, појаснуваат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
КАДЕ ГЛЕДАЛЕ НА ЦАРИНА?
Но, дека не постои совршено злосторство, покажува царинската документација, која очигледно никому претходно не му паднала в очи. Поентата е во тоа што тежината на товарот во камионот не се совпаѓала, поточно имало разлики меѓу тежината која била измерена на царинскиот терминал, со онаа кога камионот ја поминувал границата.
Па, така, кога на 17 август 2025 година еден од камионите заминал на Царинската испостава Табановце, со натоварени тортини, ролати и кори за торта, на мерењето целото возило тежело 34.260 килограми. Само неколку часа подоцна, кога камионот ја поминал пасошката контрола во Србија, возилото на вагата покажувало 34.900 килограми, или 640 килограми повеќе при царинењето во Македонија. Ваквата ситуација се повторувала при сите транспорти. Затоа е нејасно како разликата на она што е царинено, со она што всушност влегува на српска територија, не им паднала во очи на српските царинари, кои во овој случај треба да ја направат проверката.
Во одбрана на македонската царина оди фактот што на граничниот премин Табановце- Прешево, функционира системот „One Stop“ (едно застанување) што значи се прави само една гранична контрола на едно место, наместо две посебни проверки од двете земји. Па така, двете држави прават контрола на пратките при влез во нивната земја, а не при излез.
Од друга страна, пак, аларимирал и увозникот, кој требало да ги прими колачите и тортите, бидејќи направила записник дека има недостиг од 1.330 парчиња од нарачката, со тежина од еден тон.
Исто така, кога во јануари годинава, марихуаната се носела заедно со пратка од јоргани и перници, возачот, бидејќи немал начин како да го оправда кусокот од постеплнината, која требало да стигне дури до Велика Британија, ја запалил приколката на камионот, обезбедувајќи изговор дека стоката изгорела.
„Осомничениот А.И. продолжил да вози кон Белград, во 18.50 часот, поминувајќи ја наплатната рампа Белград, па во доцните вечерни часови, управувајќи со наведеното товарно возило и движејќи се по автопатот А1, пристигнал во близина на Нови Сад, кај местото Ковиљ, каде што, на застанувачката лента од автопатот, со цел да ги прикрие трагите од извршеното кривично дело и да го прикрие недостигот од текстилната стока, која според царинската документација, била наменета за извоз во Обединетото Кралство, заедно со НН лица – српски државјани на 15.01.2026 година околу 00.15 часот, ја запалил приколката, по што телефонски на полиција пријавил дека дошло до самозапалување на приколката“, се наведува во спогодбата.
КАКО ТЕЧЕЛЕ ПОДГОТОВКИТЕ
Откако, пак, пратките марихуана ќе ја поминеле границата, дрогата се носела во магацин во месноста Коњух кај Крушевац, каде што се препакувала и дистрибуирала за натамошна продажба.
Но, како што дознаваме, освен македонска марихуана, во магацинот имало и дрога со потекло од Албанија. Сепак, овие детали од истрагата треба да ги разоткријат српските истражни органи, бидејќи на нивна територија е откриено меѓународното нарко-дувло.
Неодамна и републичкиот јавен обвинител Ненад Савески посочи дека истрагата ќе потрае, бидејќи е комплексна и се истражуваат сомнежи за организиран криминал во Македонија, Србија и Албанија.
Она што засега е познато е дека во објекти во близина на Крушевац, српската полиција пронајде околу 5 тони марихуана.
Но, подготовките во нашата држава почнале порано, од ноември 2025 година, кога скопската компанија „Алфафарм“ набавила повеќе од 8,8 тони сув цвет од канабис од фирмата „ЦБД Медплант“ од Струмица. Марихуаната била складирана во Скопје, а потоа работници речиси две недели ја пакувале во двојни вакуумски пакувања од по еден килограм. По десет вакви пакувања биле ставани во картонски кутии.
По завршувањето на пакувањето, вработените биле испратени на колективен одмор, а на почетокот на јануари започнала подготовката за транспорт.
На 13 јануари, кутиите со марихуана биле пренесени на локација во околината на Свети Николе. Истовремено бил подготвен камион со легално оцаринета стока и царинска пломба.
Според судските наоди, на локација во близина на Свети Николе, пломбата била отворена, дел од легалната стока бил изваден, а на нејзино место биле ставени кутии со марихуана. Потоа камионот повторно бил подготвен за продолжување на патот. Камионот ја преминал границата непосредно пред полноќ и продолжил кон Србија. За време на патувањето, неколкупати застанувал, а, според спогодбата, во повеќе наврати бил исклучуван и GPS-системот.
Рано наутро, возилото пристигнало во близина на Крушевац, каде што кутиите со марихуана биле истоварени во магацин. Камионот потоа продолжил кон Белград и Нови Сад.
Во ноќта на 15 јануари, кај Ковиљ, приколката на камионот се запалила. Според судските наоди, пожарот бил намерно предизвикан со цел да се уништат доказите за транспортот на дрогата.
Неколку дена подоцна, дел од марихуаната бил пренесен кон Белград, каде што полицијата запленила близу 100 килограми. На 29 јануари следувала голема полициска акција, при што во куќа, помошни објекти и магацин биле пронајдени повеќе од 4,9 тони марихуана. И од тука почнува да се расплетува клопчето.
БИЗНИС-ВРСКАТА МЕЃУ СРБИЈА И МАКЕДОНИЈА
Врската меѓу двете земји ја направи еден од уапсените, Иван Драганиќ, за кој се потврди дека е еден од сопствениците на фирма во Македонија, и тоа ни повеќе, ни помалку, туку лиценцирана за одгледување канабис за медицински цели.
Станува збор за фирмата АЛПХАПХАРМ ГРОУП ДОО Скопје, која е основана на 31.7.2023 година, со седиште во скопската населба Кисела Вода. Компанијата е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.
Први сопственици, според податоците од Централниот регистар, се Иван Драгниќ, Предраг Брковиќ, Александар Милошевиќ, Јована Мијајловиќ, сите од Крушевац, Србија. Но, во основачкиот тим на сопственици имало и еден Македонец и еден Австриец. Станува збор за Драган Крстев од Скопје и Даниел Савасци од Виена.
Фирмата била основана со вкупен паричен влог од 25.000 евра, од кои најголемиот дел, 15.625 евра ги дала единствената жена во ова друштво, а за управител бил назначен Драгниќ.
По само два месеца, извршител го запленува уделот на македонскиот државјанин Крстев од 1.250 евра, а поради долг, и му забранува да располага со него. Во февруари 2024 година, извршителот го запира извршувањето. Два месеца подоцна, во сопствеништвото на фирмата влегува и Роберт Живковиќ. Летото, истата година, сепак од друштвото излегува единствениот Македонец.
Следната 2025 година, основачкиот влог на компанијата се зголемува на 193.000 евра. Тогаш во Централниот регистар бил впишан и податокот дека компанијата добила две решенија. Првото издадено на 25.3.2024 од Министерството за здравство, и тоа за давање одобрение за одгледување канабис за медицински цели и решение издадено на 20.5.2025 година од Агенцијата за лекови со намена: дозвола за производство на екстракти од канабис за медицински цели.
Исто така се случува уште една промена, односно компанијата отвора подружница во Валандово.
Она што засега е познато е дека дрогата, од 40 тони, која беше запленета и сега се чува во еден од магацините на МВР, била одгледана или купена на незаконски начин. Затоа оваа наркоафера го отвори прашањето, колку ли досега марихуана излегла од државата на сличен или идентичен начин? Затоа претпоставките се дека многу повеќе милиони се свртеле на нелегалниот, отколку на легалниот пазар, во кој пратките строго се испраќаат со авионски лет, бидејќи соседните држави ја немаат легализирано марихуаната ниту за употреба на медицински цели, поради што самиот транзит низ нивната земја се смета за недозволен и илегален.
По овој случај беа извршени засилени контроли во сите компании што се занимаваа со производство на медицински канабис. Уште во стартот беа одземени шест лиценци, а здравствените власти најавуваа дека контролите ќе продолжат. На нашето прашање испратено во мај, на колку вкупно фирми им се одземени лиценците, од Министерството за здравство одговорија дека се шест, што значи дека се задржаа на првичната бројка.
–Во рамки на акцијата за контрола на правни лица што одгледуваат канабис за медицински цели од Министерството за здравство до овој момент се одземени вкупно 6 лиценци на правни лица за одгледување канабис за медицински цели. Министерството за здравство, преку Комисијата за канабис за медицински цели континуирано спроведува редовни и вонредни контроли на терен, со цел утврдување на фактичката состојба и спречување евентуални неправилности и инциденти, ни одговорија од Министерството.