Хаотични сцени се случувале утрово во шпанската ексклава Сеута, каде што властите започнале операција за преместување на стотици мигранти од плажите во нов привремен центар за сместување. Акцијата била проследена со турканици, стампедо и повредени лица.
Околу 150 полицајци биле ангажирани во операцијата. Тензиите ескалирале кога дел од мигрантите се обиделе да го пробијат полицискиот кордон, при што настанала голема турканица. Полицијата испукала предупредувачки истрели во воздух, а дополнителни интервентни сили биле испратени на местото за да ја стават ситуацијата под контрола.
Преместувањето започнало непосредно пред 7 часот. Во тој период на плажите веќе имало стотици луѓе, а дел од нив, пред целосното распоредување на полициските сили, се упатиле кон пристаништето. На шеталиштето набрзо се создал голем метеж.
Откако состојбата се смирила, преку разглас биле упатени повици мигрантите да останат мирни и да ги следат инструкциите. Полицијата ги организирала во групи, по што започнало нивното пешачко префрлање кон привремениот центар во пристаништето. Во операцијата биле вклучени и припадници на војската и на Цивилната гарда.
Привремениот камп, кој располага со кревети и тушеви, може да прими околу 1.700 лица. Капацитетите брзо почнале да се исполнуваат, а дел од мигрантите за кои немало слободно место биле вратени на плажите.
Акцијата прво била спроведена на плажата Бенитез, додека останатите групи на соседните плажи биле задржани под полициски надзор.
Посебно внимание било посветено на малолетниците. Полицијата од групите издвоила неколку деца бидејќи новиот центар е предвиден само за сместување возрасни мажи. Во Сеута во моментов нема дополнителни капацитети за прием на малолетни мигранти.
Миграцискиот притисок врз Сеута е зголемен по масовното преминување на границата кон крајот на јули, кога на територијата на шпанската ексклава влегле околу 80.000 луѓе. Најголемиот дел подоцна се вратиле во Мароко, но илјадници останале во Сеута, меѓу нив и лица кои имаат намера да побараат азил.
Поради недостигот од простор за сместување, централните власти во Мадрид наредиле отворање дополнителни привремени капацитети. Нивното користење било предмет на правни и политички спорови, а шпанскиот Национален суд во четвртокот дал дозвола тие привремено да бидат ставени во функција.
Состојбата дополнително го зголемува политичкиот притисок врз владата на премиерот Педро Санчез, која се соочува со критики за начинот на справување со миграциската ситуација.
🚩 Así ha sido la avalancha durante el traslado de miles de inmigrantes al nuevo asentamiento del puerto
📍 Tienes toda la información en El Faro de Ceuta a través de nuestro enlace en bio#Ceuta #Inmigracion #FronteraSur #Marruecos #Traslado #Asentamiento pic.twitter.com/PeynHBGeci
— El Faro de Ceuta (@ElFarodeCeuta) September 18, 2026