Владата веднаш да ги ограничи трговските маржи на основните прехранбени производи, бараат од Левица

by irena 17:17
17:17

Политичката партија Левица бара Владата итно да преземе мерки за ограничување на трговските маржи на основните прехранбени производи, предупредувајќи дека граѓаните се соочуваат со сè повисоки трошоци за живот. Од партијата посочуваат дека се очекува ново поскапување на лебот и јајцата, што дополнително ќе ги оптовари семејните буџети во пресрет на зимата.

Според Левица, цената на лебот би можела да се зголеми за два до четири денари, додека јајцата би поскапеле за пет до седум денари. Од партијата сметаат дека е неопходна директна интервенција на Владата за да се спречи натамошен раст на цените и, како што велат, профитерство на сметка на граѓаните.

„Граѓаните не може да чекаат со месеци додека Владата размислува за решенија – тие денес се соочуваат со сè поскапа храна и сè помалку можности да ги задоволат основните потреби“, наведуваат од Левица.

Од партијата ја критикуваат Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека нејзините тврдења за стабилна економска состојба не соодветствуваат со секојдневните финансиски проблеми на граѓаните.

„Поскапувањето доаѓа во период кога Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нè бомбардира секој ден со небулозни изјави дека економската ситуација е стабилна, а реалната слика е дека народот не памти полоши економски услови од сегашните“, се наведува во партиското соопштение.

Левица се повикува и на податоци според кои во 2024 година речиси 51 процент од вкупните потрошувачки расходи на македонските домаќинства биле наменети за храна и безалкохолни пијалаци, наспроти просекот од 14,3 проценти во Европската Унија.

Според партијата, ваквата разлика покажува колкав финансиски товар претставува набавката на основните животни намирници за македонските семејства.

„Мизерно е граѓаните да мора да одат во маркет и да ги избираат најевтините производи, да се откажуваат од одредени намирници и да си ја ограничуваат исхраната затоа што немаат доволно пари“, посочуваат од Левица.

Покрај краткорочните мерки за ограничување на маржите, партијата бара и долгорочни политики за зајакнување на домашното земјоделско производство. Како приоритети ги наведуваат изградбата на земјоделска инфраструктура и поттикнувањето на здружувањето на земјоделците во задруги.

Од Левица обвинуваат дека Владата не ги насочува јавните средства кон инвестиции што би придонеле за поголема стабилност во снабдувањето со храна, туку кон проекти што, според нив, не се приоритетни.

„На овој товар дополнително е тоа што драстично ќе скокне и потрошувачката кошничка, која и онака веќе беше недостижна. Ваквата незаинтересираност, некадарност и начин на размислување без решение, сите нас ќе нè чини екстремно многу во ваква кризна зима“, предупредуваат од партијата.

Левица бара Владата без одложување да интервенира на пазарот со цел да го заштити животниот стандард и да спречи дополнително зголемување на трошоците за основните прехранбени производи.

Слични вести