Вие пратениците нè претставувате нас, ги претставувате граѓаните и гласате по сопствено уверување. Јас имам голем проблем да барам од вас да го смените Уставот, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната дебата во Собранието по повод 35-годишнината од донесувањето на Уставот.
Таа рече дека била надворешен член на Комисијата за уставни прашања кога го подготвувала документот и, како што рече, учествувала во долгите, посветени, страсни дебати во нејзини рамки.
„Таков состав чинам нема да се повтори. Во прашање беа, како што велат Американците, татковци и мајки основачи, убедени дека се на вистинско место, во вистинско време, со големи идеали во демократијата, во либералната демократија, во слободите и правата на човекот и граѓанинот, решени да креираат закон над законите, Устав, по мерка на европските“, нагласи Сиљановска.
„За 32 години, или за три децении, нашиот Устав доживеа дури 36 амандмани, во компаративното уставно право ние сме рекордер во измени на Уставот. Што станува со уставниот патриотизам? Не знам, сами треба да се запрашаме. Меѓутоа, основното прашање е ако Уставот е основен извор на уставноправната наука, ако е лекс супериор, ако е најважниот општествен договор меѓу граѓаните и македонската држава, ако е правен и политички темел на државата, зошто толку често се менува“, запраша таа.
Во 15 случаи измените на Уставот биле иницирани однатре, а во 21 случај, како што потенцира Сиљановска-Давкова, при промена на Уставот посредувала меѓународната заедница и за тоа треба сериозно да размислиме.
Уставот од 17 ноември 1991 година е донесен со 92 гласа „за“ и 22 гласа „против“, потсети Сиљановска-Давкова додавајќи дека веќе следната година, „уште неисушено мастилото“, во 1992 година беа усвоени првите два амандмани. „Барањето дојде од надвор. Ние правниците тоа го нарекуваме наметнати промени“, рече претседателката.
Потоа за новинарите таа изјави дека не може да каже дали има сигнали за поместување од македонскиот ќор-сокак кон ЕУ.
„Се разбира дека разговараме, разговараме и со највисоките претставници на Европската унија. Ние сме подготвени да разговараме и со соседот, но бараме извесност“, рече таа и додаде:
„Се разбира дека ние не сме радикални во барањата. Ние само сакаме извесност. Ние само сакаме да не биде ова уште една измена заради измена по која ќе следува нова. Ние не сакаме да бидеме третирани поинаку од другите, едноставно сакаме да знаеме дека ако нешто мора под наводници да се направи, дека тоа нема да биде само едно од многуте други“.
Научната конференција по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав беше во организација на Собранието, Институт за национална историја и Државниот архив. Поздравни обраќања на настанот имаа и директорот на Државниот архив, Димитар Богески, и директорот на Институт за национална историја, Митко Панов, а симпозиумот го отвори претседателот на Собранието, Африм Гаши.