Психолог: Да се менува културолошкиот менталитет кој ја оправдува машката агресивност како „моќ“, а од жената се очекува покорност и молчење

by irena 17:15
17:15

Младата Сара Ѓорѓиеска пред два  дена беше претепана до бесознание од нејзиниот дечко Кристијан Корубоски, кој е син на поранешна антикорупционерка и инспектор во УЈП.  Таа беше безмилосно претепана, фрлена на улица и оставена да умре. Заврши во болница и едвај остана жива.

Во меѓувреме нејзината мајка излезе со страшно сведоштво дека 31-годишниот насилник, додека нејзината ќерка била во бессознание, мислел дека е мртва и стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Мајката тврди дека таткото му давал насоки како да го направи тоа.

Таа наведува и дека телефонот на девојката бил намерно искршен, со што ѝ била оневозможена можноста да повика помош. Во објавата пренесува и зборови што, според неа, ќерка ѝ ги слушнала додека била во беспомошна состојба: „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“ Мајката уште тврдеше дека семејството на осомничениот има конекции со владејачката ВМРО-ДПМНЕ и побара да нема протекции како резултат на тоа.

Првично, Корубоски доби кривична пријава за телесна повреда, но под притисок на јавноста која во текот на вчерашниот ден се крена на нозе, охридското обвинителство поднесе обвинение за три кривични дела, тешка телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, со што заработи 30-дневен притвор. Судскиот процес против него е закажан на 27 ноември.

Тука е и случајот со девојката од Битола, која исто така безмилосно беше претепана од својот дечко, а според дневните билтени на МВР, тоа е секојдневие на многу жени низ Македонија. Пред повеќе од десетина дена, седумнаесетгодишната Билјана Кириќ од Богданци беше пронајдена мртва во опожарен автомобил, убиена од своето поранешно момче, кое потоа се самоуби. Убиена, па запалена.

„Фокус“ на оваа тема поразговара со  Ивана Стоименовска, м-р по социјална психологија и семеен и системски психотерапевт, која истакна дека случувањата со насилствата во Македонија, вклучувајки го и претепувањето на 26 годишната девојка од Охрид, од психолошки и културолошки аспект претставуваат сериозна општествена аномалија каде агресијата е нормализирана и е ‘‘поддржана условно‘‘ кажано со системска неказнивост, која се провлекува низ годините.

„Според официјалните податоци на МВР, во 2026 година во Македонија се пријавени 1.897 настани за семејно насилство од јануари до октомври, наспроти 1.125 настан во истиот период во 2025 година што претставува раст за около 70 посто.

 

Според податоците од Клиниката за психијатрија, во првите седум месеци од 2026 година биле евидентирани 101 пациент со тешки растројства поврзани со стрес и траума како директна последица на семејно или партнерско насилство (што е значителен пораст во однос на вкупно 79 случаи во целата 2025 година).

 

Од горе наведените податоци може да се види дека почнуваме да постапуваме во однос на оваа горлива проблематика, но очигледно нешто правиме недоволно и како општество и како индивидуаи на ниво на семејна функционалност, штом вакви случаи се почесто ја потресуваат јавноста“, истакна Стоименовска во изјава за „Фокус“.

Според неа, проблемот лежи уште подлабоко, односно во културолошката димензија на Балканскиот менталитет, каде владеат патријахални матрици и родови стереотипи кои внесуваат норми кои ја оправдуваат машката агресивност како знак на ‘‘моќ‘‘ па и ‘‘чест‘‘, додека од жената се очекува покороност, трпение и молчеливост.

„Се уште во 21 век имотите се делат целосно величејки го машкото дете, додека женското дете е ставено по страна и на неа се гледа како на објект од кој треба да се ‘‘ослободиме‘‘кога ќе се омажи. Се уште на овие простори имаме тотална девалвација на жената како род.

 

Дополнително, индивидиуално, растејки во една таква средина, каде жената учи да е понизна, таа не може да развие и препознае механизми за да се справи со еден насилник. Често во партнерските релации, од страната на партнерот, со години е присутна манипулација, изолација, контрола, деградирање на личноста, препишување вина за работи кои не се направени, не превземање на одговорност за сопствените постапки. Овие личност имаат низок  праг на толеранција на фрустрација и често таа фрустрација е дополнително изразена и манифестирана како насилство доколку е подкрепена со алкохол и недозволени супстанци“, вели Стоименовска.

Таа додава дека перцепцијата дека сторителите можат да избегнат одговорност преку лични, семејни или политички врски го поттикнуваат насилството кај таквите личности кои растеле во такви средини и семејства.

„Потенцирам дека личност која растела во средина каде семејните уверувања не се стекнуваат врз база на машката доминација и женската кревкост, каде личноста е запознаена со својата емоционална страна и знае правилно да ги управува емоциите, личност кај која моралните вредности се вкоренето уверување, нема како да биде насилник.

 

Справувањето со овој општествен горлив пороблем бара многу повеќе од поединечни судски пресуди. Потребна и неопходна е длабока културолошка промена преку едукација за емоционална писменост, доследна и неселективна примена на законите, како и континуирана психолошка поддршка за жртвите“, објаснува Стоименовска.

Ирена МУЛАЧКА

 

Слични вести