Пишува: Александар НАУМОСКИ, член на Извршниот одбор на СДСМ
Според истражувањето на „Фокус“, во Македонија – земја каде што секој петти граѓанин (21,9%) е под прагот на сиромаштијата – вечното почивалиште стана неверојатен луксуз. Додека народот едвај преживува, на интернет-огласниците цвета морбиден бизнис каде гробните места во Скопје и низ државата се препродаваат за вртоглави суми од 2.500 до 6.000 евра.
Со оглед на тоа што ДПМНЕ ја има апсолутната власт и на централно ниво и во Градот Скопје, молкот и нереакцијата на институциите се поразителни. И покрај тоа што Законот за гробишта забранува сопственост на земјиштето и дозволува само право на користење, во пракса се создаде сив пазар. Со лажни нотарски изјави за „бесплатно отстапување“, поединци извлекуваат илјадници евра од ожалостените семејства, додека Државниот инспекторат и Град Скопје ладнокрвно молчат за оваа експлоатација и затајување даноци.
Отсуство на социјална чувствителност. Наместо со законски измени и урбанистичко ширење на капацитетите да се обезбедат нови гробни места по реални, државни и пристапни цени за секој, власта дозволи пазарот на смртта да биде препуштен на дивите шпекуланти. Кога државата се повлекува од своите обврски, криминалот и профитерството го заземаат нејзиното место.
Ова е доказ дека не знаат кај тераат, немате поим како да водите држава! Кога сè е драстично поскапено – од струјата до основната храна – барем пензионерите и сиромашните семејства заслужуваат државна грижа за да им се олесни најтешкиот миг кога некој ќе им умре. Поради ваквиот затворен монопол и дивеењето со цените на гробиштата, денес дојдовме до поразителна и нечовечка реалност: луѓе седат со денови во капели во фрижидер бидејќи семејствата се презадолжени, немаат пари и не можат веднаш да ги погребат своите најблиски.
Време е за одговорност, бидејќи општество во кое смртта е луксуз, а правото на вечен мир се купува само со кредит, е длабоко морално и системски пропаднато.
Затоа, упатуваме директен и остар апел до Градоначалникот на Скопје и надлежните институции: Престанете да се криете зад бирократски изговори! Веднаш активирајте ги комуналните инспекторати, чешлајте ги нотарските заверки, сопрете ја оваа дива трговија со човечка болка и обезбедете нови гробни места по реални и хумани цени за граѓаните.
Сè додека овој криминал се премолчува, пораката е сурова: во Скопје мораш да земеш кредит дури и за да умреш.