Врховниот суд го објави образложението на одлуката со која ги уважи барањата на осудените за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 патници, и ја укина пресудата на Апелациониот суд.
Според највисокиот суд, Апелација не дала одговор на сите клучни наводи во жалбите на осудените, ниту доволно конкретно образложила како дејствијата на секој од нив се поврзани со несреќата и врз основа на кои докази е утврдена нивната кривична одговорност.
Ова прашање е особено значајно бидејќи со второстепената пресуда затворските казни на дел од обвинетите беа значително зголемени.
Вештачењата во постапката укажале на пропуст на возачот Маноил Трифуновски, како и на неуредна техничка состојба на автобусот. Сепак, според Врховниот суд, во пресудите не било доволно објаснето во која мера техничката неисправност придонела за несреќата.
Дополнително, не било конкретно образложено на кој начин дејствијата на останатите осудени биле поврзани со трагичниот исход. Меѓу нив е и сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, чија првична казна од четири години затвор Апелација ја зголеми на десет години.
Од спроведените вештачења, како што се наведува во образложението, произлегувало дека нема траги од кочење. Сообраќајната ситуација настанала откако автобусот бил насочен налево и ја напуштил средната сообраќајна лента, по што, според растојанието и времето, возачот веќе немал техничка можност со сопирање да го избегне ударот во првата еластична метална ограда.
Врховниот суд утврдил недостатоци и во начинот на кој биле разгледани приговорите поврзани со водењето на кривичната постапка. Како еден од примерите се посочува барањето на возачот за супервештачење на неговата здравствена состојба.
Според Врховен, второстепениот суд требало конкретно да оцени дали било неопходно вакво супервештачење, особено доколку во постапката постоеле спротивставени стручни мислења.
Во образложението се посочува и дека првостепената пресуда имала претежно дескриптивен пристап. Основниот суд, според Врховен, главно презентирал делови од доказите без доволно да ги објасни причините поради кои дошол до своите заклучоци.
Апелациониот суд, пак, не ги отстранил овие недостатоци, туку на дел од суштинските прашања поврзани со кривичната одговорност дал воопштени одговори.
Предметот за несреќата кај Ласкарци во меѓувреме повторно е доставен до Апелациониот суд и е распределен кај нов судија известител. Претходниот известител, Зоран Димитриевски, во меѓувреме е избран за судија во Врховниот суд.
Дурмиш Белули и натаму се наоѓа во затворот „Идризово“, додека поранешниот шеф на возниот парк, Ремзи Мифтари, е во бегство.
Во автобуската несреќа кај Ласкарци загинаа 16 лица.